„Животот на Прача Рузвелт/Невиност“ од Деа Лоер

Денес од печат излезе нова книга од ИЛИ-ИЛИ. По прекрасниот дебитантски роман „Бугати се појавува“ од Деа Лоер, чиј превод од германски се појави во 2014 година, овој пат преведувачката Ксенија Чочкова на македонски јазик ни ги „подарува“ нејзините наградувани драми насловени „Животот на Прача Рузвелт“ и „Невиност“. Се надеваме дека текстовите ќе ги испровоцираат домашните театарџии и дека еден ден можеби ќе ги видиме поставени на нашите сцени, бидејќи драмите на германската писателка се преведени на повеќе од 30 јазици и се поставуваат насекаде низ светот.

„Животот на Прача Рузвелт“ е драма која го опишува животот во Сао Паоло во кој сите се осамени, а сепак се грижат еден за друг. Сите ликови имаат животни соништа, но од утро до вечер се зафатени со обидите да преживеат во непредвидливата бразилска метропола. Лоер оваа драма ја напиша токму во Сао Паоло, кадешто културните стереотипи велат дека сите танцуваат, пеат и се смеат, и нема простор за депресија. Но германската авторка го преобразува ова клише во гротеска, во која животот е полн со неправди, а уништувањето демне зад секоја, макар и мала, човечка среќа.

„Невиност“, пак, е драма составена од приказни кои се случуваат на маргините на модерното општество, текст кој на прв поглед е длабоко песимистичен, но во исто време е напишан на толку весел и јасен начин. Воздржаниот оптимизам се чувствува во убавината на јазикот и желбата на ликовите да преживеат. Драмскиот текст истовремено зборува за крупните прашања на човештвото, но и за ситните  секојдневни појави, за сè што ни го прави животот таков каков што е, со тивка надеж дека постои бегство, или барем некој вид на пат или цел. „Невиност“ според критичарите е најдобриот, најинтензивиот и најестетскиот текст на Лоер, поетска елегија на лингвистичката убавина и сила, проткаена со темна болка и саркастичен гнев.

Деа Лоер е родена 1964 година во Траунштајн. Студирала Филозофија и Германистика во Минхен, а денес живее во Берлин. За своето творештво има добиено многубројни награди, меѓу кои наградата „Бертолд Брехт“ на градот Аугсбург, како и книжевната награда на градот Берлин. Освен драмите, во издание на ИЛИ-ИЛИ во 2014 година излезе и преводот на нејзиниот прв роман „Бугати се појавува“, кој влезе во најтесниот круг за Германската книжевна награда.

@ИЛИ-ИЛИ, Ваше право на добра КНИГА 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *