Прашкиот Планетариум

Денеска се навршува 51 година од првите чекори на човекот на Месечината. Нил Армстронг го стори тоа токму на овој датум во 1969 година, во 20ч17м40с според американско време. По тој повод, денеска ќе ѕирнеме зад магичните врати на Планетариумот во Прага како еден од најинтересните во централна Европа, место кое има голема традиција зад себе.

Отворен во 50-те години на минатиот век, Планетариумот во главниот град на Чешка е една од атракциите кои мора да се посетат. Сепак, за разлика од останатите содржини во градот, овде и не е толку гужва, нема премногу странци, а посетители се претежно малите Пражани, кои со своите родители дошле на утринска проекција, а потоа, секако, и на разгледување на поставките кои нудат многу можности.

Во последен момент влегуваме на проекцијата на анимираните филмови со вселенски теми кои се проектираат на огромната купола над нас, со дијаметар од 23,5м, што ја прави една од најголемите во светот. Ова кино-доживување е несекојдневно бидејќи проекцијата е во 8К резолуција, со што дигиталниот планетариум го прави привлечен за сите возрасти. Приказната за Бабетка која тргнала да ја освојува вселената трае 15-20 минути, доволно да ги обземе сите наши сетила.

Откако Косморамата не’ воодушеви, тргнуваме во разгледување на постојаните поставки во музејот. Секако, дел од нив се интерактивни, и најатрактивни се симулаторот за летање со соничен авион, како и оној со помош на кој управувате со лунарниот модул по површината на Месечината, трускајќи се на сите камчиња на кои ќе наидете во вашето седиште. На крајот, за момент се појавуваат Лунатиците, и алармот е вклучен!!! 🙂

Приказната за истражувањето на вселената педантните Чеси ја раскажуваат во целост, од првите телескопи, па се’ до неговото височество Јуриј Гагарин, првиот човек во вселената.

Развојот на вселенските истражувања е опфатен од различни аспекти, и за секој дел и период од неговата историја има засебна поставка, од која може многу да се научи. Токму затоа најчести посети во Планетариумот се оние, училишните, при што децата со своите наставници поминуваат квалитетно време надградувајќи го своето знаење.

Од занимливостите, застанавме на една вага која ни покажа колку би тежеле на другите небески тела во моментот, а дел од поставката беа и примероците од конзервираната храна која космонаутите ја мрцкаат додека престојуваат во вселената.

Најголем дел во музејот е посветен токму на антологиското спуштање на човекот на Месечината: од графичката симулација на легендарниот настан од 1969 година, преку костимите на космонаутите, па се’ до лунарниот модул во природна големина.

Подрумските простории, пак, нудат една интересна инсталација составена од растенија кои чувани во посебни услови би можеле да опстојат во вселената, како дел од плановите на човештвото, доколку во иднина сакаме подолго да престојуваме и живееме на друга планета. Секако, тука е и онаа популарна можност да ја брцнете главата во макетата – космонаутско одело во природна големина, и да си имате фотографија за спомен.

И на крајот, пред напуштање на овој прекрасен простор во кој доживеавме незаборавни моменти, си купуваме пар сувенири за дома. Секој си бира по нешто за себе, а заеднички се мапите на Месечината и на Марс, како небески тела кои еднаш веќе сме ги освоиле и кои штотуку треба да ги посетиме, со сите интересни податоци поврзани со нивната површина, вклучувајќи ги и имињата на кратерите и местата на кои досега слетале сите летала пратени од човекот.

Помина 51 година од првите чекори на Армстронг на нашиот единствен сателит. Оттогаш слушнавме и прочитавме еден куп теории на заговор дали тоа навистина се случило, или го снимил Стенли Кјубрик во некое филмско студио. Но, јас ја сакам онаа реченица на Баз Олдрин, кој вели: „Никој не може да ми го одземе доживувањето кое со колегите космонаути го имавме на Месечината“. Во време во кое Илон Маск и компанија на големо се подготвуваат за колонизација на Марс, јас сакам да верувам, и верувам (!) дека  во 1969 година Армстронг ја кажа славната реченица „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“ на вистинското место, таму горе над нашите глави, во бескрајно сивите, но возбудливи пејзажи на драгата ни Месечина.

Затоа, антените постојано нека бидат насочени високо угоре, кон бескрајот на космосот!!!

@2016

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *