(Кон „Шрапнел“ од Игор Анѓелков, Скопје: Или-или, 2020)
пишува: Ана Мартиноска
Новиот роман на Игор Анѓелков „Шрапнел“ се чита лесно, барем онолку колку што е тоа случај и со неговите раскази, претходните два романи „Крај-пат“ (Или-или, 2010) и „Фото синтеза“ (Или-или, 2013) или бројните филмски, музички или книжевни критики. И овој пат Анѓелков продолжува да пишува искрено, ненаметливо, едноставно во најпозитивната смисла на тој збор, или ако ја употребиме одредбата на Јакимовска – нормално. „Под „нормално“ подразбираме дека дур го читате не се чувствувате како некој да ви се додворува, како да сака нешто да ви „продаде“, како да ве матка, како да се прави паметен, како да не знае кај тера. Човекот си ја раскажува својата приказна, и тоа е тоа. Таква базична чесност во пристапот кон пишувањето е она што го нарекуваме јунаштво.“ (Јакимовска, 2011: без пагинација, веб)
Таквиот непретенциозен пристап, кој, за жал, не е претерано чест во новата македонска книжевност, сосема ѝ прилега на природата на Игор и на кроткоста во неговиот глас, подеднакво кога го слушате на ТВ во неговите високо стручни прилози за некои филмски достигнувања или кога одговара на најбанални прашања на минувачите во книжарницата „Или-или“. Тој питок стил на неговото писмо е навидум спротивен на многуслојноста и комплексноста на напишаното, но всушност совршено се вклопува со начинот на кој ја води нарацијата низ овој генерациски роман. Велиме генерациски бидејќи романот започнува со лузните од шрапнелот во дедовиот грб како „замрзната слика на семејната среќа“ (Анѓелков, 2020: 9), потоа продолжува да плови низ мемориите на неколку поколенија за „нивната“ Југославија од Сремски фронт, Куќата на цвеќето, Голи Оток, „Крвава бајка“ па до Рамбо Амадеус, но највеќе од сѐ, овој роман е длабоко закотвен во минатото и сегашноста на генерацијата родена во ‘70 и некоја, на која ѝ припаѓаме и авторот и јас. Токму чувството на „препознавање“ на сите зборови, дијалози и ситуации за мене беше доминантно при читањето на романот, како сите стравови, болки и надежи на ликовите да ми се имаат случено мене или на некој мој близок, како сите опишани животни премрежија и сите траги-комични околности кои ја бојат нашата реалност да се истите за кои и јас сум пишувала или би сакала да пишувам.
Тоа особено важи за сите оние теми кои се навидум во втор план, затскриени зад главните наративни текови, во вид на фрагмент, мото, книжевен цитат, кусо медицинско образложение, новински исечок, музичка тема, во огромен распон од Миленко Јерговиќ, Благоја Иванов, Хандке и „Ана Каренина“ на Толстој, преку Џорџ Мајкл, Фолтин и The Cure, па сѐ до „Парадата на гордоста“, Касиус Клеј и Мухамед Али. Во фрагментарната структура, меѓу нив се нафрлени и размисли за долгогодишното пријателство, носталгијата, печалбарството, виртуелната реалност, коруптивното државно здравство, безусловната љубов, позитивните вибрации, сивото секојдневие… Секоја од нив оставила своја трага на Анѓелков и неговите ликови, токму како и белегот од шрапнелот кој станува семејно наследство. „Боцкањето во романот го чувствуваат двајцата наратори, кои таа тегобност се обидуваат да ја надминат преку терапевтско пишување – едниот во прво лице, за минатото; другиот во трето лице, за сегашноста. Првиот е опседнат со смртта на татка си и семејните спомени. Вториот со напнатата актуелна брачна ситуација и генералната атмосфера во сивиот роден град, кој веќе го чувствува како туѓ. Нивните меѓусебни размени на ракописите и коментари за прочитаното го обезбедуваат мета-нивото на романот, она во кое авторот преку двата гласа размислува за смислата на пишувањето.“ (Јакимовска, 2020: без пагинација, веб)
Неименуваниот наратор и неговиот пријател Ангел споделуваат многу повеќе од нивните романи во создавање, тие го преиспитуваат целиот процес на пишување, желбата да се задоволи вкусот на публиката, егото на писателите кои неретко немаат што да кажат, различните принципи на пишување и уште многу други метафикциски теми, во кои Анѓелков е инсајдерски добро упатен како автор и издавач истовремено. „Оваа тема комплетно нѐ обзема и беседевме цела ноќ. Опфативме сѐ, ја разголивме целата домашна книжевна сцена, паѓањето на критериумот, лицемерноста, односот на-ти-го-дај-ми-го кога станува збор за наградите, а не ги поштедивме од критики ниту среброљупците што во меѓувреме се намножија. Сѐ е в ред со техниката на пишување и начинот на кој талентираните го прават тоа, меѓутоа, кога писателите би пишувале за она што навистина ги измачува, тогаш тоа ќе биде препознаено и вреднувано онака како што треба. Овие ламентирања на моменти се држеа на стаклени нозе и во текот на ноќта добиваа наивен и смешен призвук, но возот тргна и не можеше да биде сопрен.“ (Анѓелков, 2020: 26-27)
Водени од ваквата здрава доза на самоиронија, наместо романи за мистериозната девојка во Скопје во 1963 година или за двата лика принудно слетани на еден остров на пат кон Килиманџаро, двајцата наратори избираат да длабат низ реалиите на своите животи, личните искуства и семејните трауми. Притоа, „неименуваниот раскажувач и неговиот пријател Ангел, кои во романот се пријатели, но можеби се и една иста личност (…) на што наведува нивното меѓусебно речиси совршено разбирање. Иако нивните разговори се сосредоточени на начините на пишување книги, набргу двајцата пријатели ја препознаваат желбата да се свртат кон она што, всушност, ги мачи: „Јебеш Скопје 63-та, јебеш Килиманџаро, до кога ќе се криеме зад туѓите приказни?““ (Малеска, 2020: без пагинација, веб)
Очигледно Анѓелков пишува хибриден роман за сопствената реалност, не нужно целосно автобиографски, иако не и невозможно, бидејќи и самиот во едно интервју признава дека тој има реална позадина и дека „една од иницијалните каписли ако може така да кажам е смртта на мојот татко. Секогаш е тешко кога ќе загубиш родител и после одредено време таа болка што ја чувствував почнав едноставно да ја ослободувам преку пишување.“ (Јолевски, 2020: без пагинација, веб). Но Игор успева да исчекори од ‘рвењето со сопствените демони и интимната арт-терапија кон широчината на проблематичниот социо-политички контекст во кој се одвива неговата приказна, или како што вели поднасловот на книгата, ова е „роман за суптилните релации меѓу историјата, личното сеќавање, односот со најблиските и општествените околности кои влијаат врз емотивното и приватното“ (Анѓелков, 2020: корица).
Во овој постмодернистички роман ќе го пронајдете присутен ритамот на градот составен од недопишани книги, фудбалски утакмици, хомофобични статуси, потенцијални инфаркти, отуѓени сопружници и остарени родители, во него се провлекуваат конфузните емоции предизвикани од нештата кои го прогонуваат секој разумен човек кој живее тука и сега, најпосле – во него се крие очајната потрага по вечните прашања за смислата, љубовта и смртта. Затоа што борбата „да се остане или да се замине“ продолжува и без патетиката за големата љубов кон татковината. Затоа што „потиснувањето на неизговорените нешта во себе создава болести“ (Анѓелков, 2020: 104), па нештата мораат да се именуваат и да се кажат гласно како единствен пат кон прогресот. Затоа што Господинов е потполно во право кога вели дека „Она што те убива, те прави писател.“ (Анѓелков, 2020: 68) и конечно, затоа што „надежта што не умира и не изгледа неостварлива, (…) мора да признаеме, во моментов ни е потребна како никогаш порано“. (Димковска, 2020)
И затоа, за крај ќе сумираме дека наспроти леснотијата со која се голта секоја страница или токму заради непретенциозноста на неговиот стил кој едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска, „Шрапнел“ на Игор Анѓелков е прекрасен, зрел, мајсторски напишан роман кој верувам дека ќе се чита и препрочитува барем во неколку генерации.
Користена литература:
Димковска Лидија (2020) https://herojnaedenden.mk/knizevni-impresii-za-shrapnel/ Пристапено на 29.08.2020
Јакимовска Илина (2011) Букбокс читанка бр. 100, „Крај-пат“ од Игор Анѓелков, 27 мај 2011, https://off.net.mk/bookbox/chitanka/kraj-pat-od-igor-angjelkov Пристапено на 31.08.2020
Јакимовска Илина (2020) Букбокс читанка, „Шрапнел“ од Игор Анѓелков, 14 март 2020, https://off.net.mk/bookbox/chitanka/shrapnel-od-igor-angjelkov Пристапено на 29.08.2020
Малеска Калина (2020) Исечоци од два (или еден разделен на два) живота, https://herojnaedenden.mk/kon-shrapnel-kalina-maleska/#more-4385 Пристапено на 28.08.2020
Јолевски Љупчо (2020) „Анѓелков – Книжевноста стана последното уточиште да се бара вистината“, Радио Слободна Европа, 24 февруари 2020, https://www.slobodnaevropa.mk/a/30451538.html Пристапено на 02.09.2020
Малеска Калина (2020) Исечоци од два (или еден разделен на два) живота, https://herojnaedenden.mk/kon-shrapnel-kalina-maleska/#more-4385 Пристапено на 28.08.2020
Малеска Калина (2020) Исечоци од два (или еден разделен на два) живота, https://herojnaedenden.mk/kon-shrapnel-kalina-maleska/#more-4385 Пристапено на 28.08.2020
(Текстот претходно е објавен на порталот окно.мк)
Пингување: Второ издание на „Шрапнел“ - Херој на еден ден