Кога ненадејно добив понуда да препорачам книга, бев некаде на половината од најновиот роман на Пол Остер, „Пророчка ноќ“. Токму таквите околности ја забрзаа мојата љубопитност да откријам што ќе се случи до крајот на ова читачко патување, затоа што вообичаено кога ги читам книгите на овој писател, се движам бавно и медитативно низ страните, бидејќи има толку многу за голтање. Сепак, обврската не ја намали жестината со која влегов во слатка борба со зборовите до последната страница. Напротив, желбата за станување дел од новата приказна на Остер стануваше се’ поголема, за да кулминира на крајот, кога приказната се превртува на глава, на некој начин, објаснувајќи ја заблудата со која сме живееле дотогаш, но впелткувајќи не’ во нова ујдурма, која ќе се разреши некаде таму, во иднина, во некој негов следен роман.
Направив мала грешка, бидејќи сето ова можеби ќе ве наведе на помислата дека нативниот њујорчанец Пол Остер пишува СФ, мистерии, или пак крими литература. Одговорот е тука некаде: во неговите книги има од се’ по нешто, но напишано на таков мајсторски начин, што ве остава без здив.
Користењето на личните искуства во своите романи е толку препознатлива шема, но кај Остер таа се претвора во нешто повеќе од тоа. Магијата на неговите романи лежи во умешноста своите животни искуства да ги претвори во едно патување до крајот на потрагата по секојдневната среќа, и назад. Користејќи го метатекстот како основна одредница во неговиот писателски занает, додавајќи притоа и прилично големи фусноти, од кои може да се напишат уште неколку кратки, независни раскази, неговите романи ги прават убави и возбудливи за читање. Приказна во приказна, каде границите на реалноста и фикцијата се губат, ликовите го менуваат идентитетот, реалноста дури станува и банална, а веќе на следната страница преполна со нови значења, вклучувајќи ги и илјадниците подтекстови кои писателот ви ги фрла не пред, туку под очи, само ни даваат краен читачки хедонизам, дури и при нивното макар и малечко разоткривање.
Сите овие импресии важат за било која книга од Остер, секако, и за „Пророчка ноќ“. Кога започнав со читање на неговата нова книга, првите триесетина страници како да ми мирисаат на нешто познато, како да сум гледал филм на слична тема, и си велам под брада: „еј, момаков пак се повторува“. Но, длабоко сум се излажал. Пол Остер само навидум како постојано да пишува на иста тема, а тоа се неизбежните сликички од животот, неговиот, мојот, вашиот живот… Токму затоа приближувањето на неговите вистински њујоршки приказни до мене и воопшто, до читателската публика ширум светот, се поголеми и од самиот живот, затоа што тие приказни имаат легитимно право да се случат, и се случуваат во овој или во било кој друг град на планетава. Затоа во освртов не прераскажав ништо за дејствието на книгата, затоа што книгите на Остер се дел од еден негов голем проект, кој (ќе) го (о)пишува целиот свој живот.
И не би сакал да завршам класично, со флоскулата за „местото на Остер во американската и светската книжевност“, или пак со „Пророчка ноќ, како и останатите книги на Остер, ќе ви го сменат животот“. Не! Одиме со посрдечна варијанта: од се’’срце, топла препорака да ја прочитате оваа книга, затоа што таа, пред се’, е приказна за љубовта и пријателството. И ништо повеќе.
Пол Остер (1947) е современ американски романсиер, поет, есеист, сценарист, режисер и преведувач. Автор е на сценариото за филмот „Чад“, корежисер со Вејн Вонг на продолжението, а го режираше „Пандорината кутија“. Неговите книги се преведени на 40-тина јазици. Живее во Њујорк.
@Текстот е објавен во магазинот „Клуб 360“ во декември 2004 година
Пингување: Заминувањето на големиот американски раскажувач Пол Остер - Херој на еден ден