Mајсторовиот потпис на Алфред Хичкок

Појавувањето на режисерите во своите филмови барем за момент во некоја, условно, безначајна сцена, се практикува и ден-денес, некогаш повеќе, некогаш помалку успешно, a најчесто тоа изгледа дури и смешно и непотребно. Оваа „камео-играчка“ ја патентираше легендарниот Алфред Хичкок, кој истата ја донесе до совршенство, појавувајќи се во четириесет и едно свое остварување. Приказната започнала за време на снимањето на филмот „Станар“, кога Хичкок забележал дека на сцената има малку луѓе. Наместо да ги чека новите статисти, тој накратко самиот застанал пред камерите, и оттогаш започнала традицијата на неговите појавувања во сопствените филмови. Публиката очекувала да го види, барем за миг, и се обидувала да го „улови“ на проекциите на сите негови остварувања. Работата на крајот отишла толку далеку што Хичкок морал да се појавува уште во првите минути од филмот бидејќи публиката го занемарувала дејствието очекувајќи го појавувањето на „мајсторот“.

Во продолжение е списокот на некои од најпознатите појавувања на Хичкок во сопствените филмови:

Станар (The Lodger, 1926) – во сцената во книжарницата Хичкок е свртен со грб кон камерата; при апсењето тој е еден од многуте набљудувачи.

Убиство (The Murder, 1930) – се појавува на патот.

Уцена (Blackmail, 1929) – во метро чита весник додека од соседната клупа го гледа еден мангуп.

Триесет и девет скалила (The Thirty-Nine Steps, 1935) – оди преку улица.

Млади и невини (Young and Innocent, 1937) – на судската расправа тој е еден од фотографите.

Госпоѓата која исчезнува (The Lady Vanishes, 1938) – за момент се појавува на лондонската железничка станица.

Ребека (Rebecca, 1940) – стои покрај телефонската говорница од која се јавува Џорџ Сандерс.

Дописникот од странство (The Foreign Correspodent, 1940) – на улица оди покрај Џоел Меккреј.

Господин и госпоѓа Смит (Mr. and Mrs. Smith, 1941) – на улица оди покрај Роберт Монтгомери.

Саботер (Saboteur, 1942) – стои пред една трафика.

Сенка на сомнежот (Shadow of a Doubt, 1943) – во партијата карти во возот тој има full house.

Чамец за спасување (Life Boat, 1944) – неговата фотографија во профил се наоѓа во огласниот простор на весникот што го чита Вилијам Бендикс.

Маѓепсаниот (Spellbound, 1945) – излегува од лифтот во хотелот.

Озлогласена (Notorious, 1946) – на приемот истура чаша со шампањ врз душекот.

Случајот Парадин (Paradine Case, 1947) – носи голема кутија од виолончело.

Јаже (Rope, 1948) – оди по обоените делови од улицата.

Во занкот на Јарецот (Under Capricorn, 1949) – се појавува два пати: на приемот кај гувернерот и на скалите од владината палата.

Трема (Stage Fright, 1950) – на улица зјапа во Џејн Вајман.

Непознати во возот (Strangers on a Train, 1951) – влегува во возот носејќи контрабас.

Се исповедам (I Confess, 1953) – минува на врвот од големите скалила, кои се точно 39 на број.

Повикај „У“ за убиство (Dial M for Murder, 1954) – еден од учесниците на групната слика која Реј Миланд му ја покажува на Ентони Доусон.

Прозорец кон дворот (Rear Window, 1954) – во станот на музичарот го дотерува ѕидниот часовник.

Држете го крадецот (To Catch a Thief, 1955) – во автобус, покрај Кери Грант.

Неволјите со Хари (Troubles with Harry, 1956) – оди покрај местото кадешто Џон Форсајт се разделува.

Човекот кој премногу знаеше (The Man Who Knew Too Much, 1956) – на плоштад во Мароко.

Погрешен човек (The Wrong Man, 1957) – Хичкок го раскажува прологот на филмот.

Вртоглавица (Vertigo, 1958) – преминува улица.

Север-северозапад (North by Northwest, 1959) – трча по автобусот кој пред нос му ја затвора вратата.

Психо (Psycho, 1960) – стои пред вратата на трговецот со недвижнини, кај кого е вработена Џенет Ли.

Птици (The Birds, 1963) – со две кучиња излегува од продавницата за животни.

Марни (Marnie, 1964) – од хотелската соба излегува во ходникот.

Искината завеса (The Torn Curtain, 1966) – во хотелскиот хол седи со дете во скутот.

Топаз (Topaz, 1969) – на аеродромот седи во инвалидска количка.

Лудило (Frenzy, 1972) – еден од посетителите при воведното предавање.

Семеен заговор (The Family plot, 1970) – неговата сенка е на прозорецот од канцеларијата за статистика на жителството.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *