„Reč i misao“ и „Атлас“. За важноста на издавачките едиции.

Минатиот месец во Музејот на современа уметност во Белград беше изложено делото насловено „Reč i misao. Velika apstraktna slika“ на уметницата Ирена Лагатор Пејовиќ, кое предизвика голем интерес кај посетителите. Интерактивната инсталација ги вклучува сите книги во култната едиција „Збор и мисла“ на издавачката куќа „Рад“, за која на шега се велеше дека доколку си ги прочитал сите изданија, или барем поголемиот дел од нив, тогаш тоа е сосема доволно за добивање на статусот „интелектуалец“.

„Истакнувајќи ја литературата како уметничко дело, воедно и преведувањето како битна повоена инфраструктура, уметничката инсталација на Ирена Пејовиќ критички ја преиспитува неолибералната пазарна логика на современата уметност, предлагајќи алтернатива: уметноста како колективен ресурс кој отелотворува грижа, плуралност, еднаквост и пристапност, како средства на репрезентација“, се вели во каталогот за изложбата во МСУ во Белград.

Десет години по нејзиното основање во социјалистичка Југославија, „Рад“ почна да ги издава книгите кои одеа во црвена и сина варијанта, кои со сигурност, барем неколку од нив, се наоѓаа во секоја сериозна домашна библиотека во поранешната држава. Се работеше за многу привлечна и практична едиција на џебни изданија која на некој начин го демократизираше пристапот кон југословенската и светската литература низ масовна циркулација на книгите, бидејќи форматот беше толку згоден, што можеше да ги носиш насекаде со себе.

Oсновач и прв уредник на славната едиција беше Душанка Перовиќ, а ја уредуваа и писателите Бошко Богетиќ, Драган Лакиќевиќ и Јовица Аќин. Првата книга објавена во неа беше „Капетановата ќерка“ од Александар Сергеевич Пушкин, која доживеа осум изданија и вкупен тираж од 200.000 примероци. Во своето педесетгодишно постоење, до 2009 година, во едицијата беа објавени 589 наслови од домашни и странски автори, од кои 100 беа препечатени, а достигна вкупен тираж од над два и пол милиони подадени примероци. За жал, по распадот, новоформираните постјугословенски држави системски ги расходуваа овие изданија, на тој начин бришејќи ги трагите на заедничкото културно наследство.

Персонализирајќи го овој текст, ѕирнав во домашната библиотека љубопитен да дознаам што тоа во мојата триесет-и-кусур-годишна колекционерска пасија сум успеал да зачувам и прочитам од славната едиција на „Рад“. И искрено, пријатно се изненадив, бидејќи секоја од зачуваните книги ми е особено драга и секоја од нив крие причина зошто била купена и прочитана во одреден период од животот. Ќе се обидам да пренесам дел од нивното значење.

Се разбира, стартот е резервиран за бројот 1 во едицијата, класикот „Капетановата ќерка“ на Пушкин. Веднаш по него се делата на македонските класици, но преведени на српскохрватски јазик, за да може да ги чита 20-милионската публика.

Хесе со трилогијата „Демијан-Степскиот волк-Сидарта“ во средно ни беше ѕвезда-водилка, па потоа почнав да собирам и читам се’ од германскиот класик. Приказната за догодовштините и размислувањата на скитникот Кнулп од истоимената новела е исто така врвна и непредвидлива литература.

Морам да признам, книгите на Маргарет Дирас не се мој тип на литература, но приказната за Лола В. Штајн е напишана мајсторски, минуциозно разголувајќи го внатрешниот свет на главната протагонистка, чие име стана препознатливо и на домашната музичка сцена откако беа снимени легендарните албуми „Мансарда“ и „Икона“, според мене, едни од најдобрите во македонската музичка историја.

Во оваа едиција го читав големиот Крлежа со „Хрватскиот Бог Марс“ и егзистенцијалистот Ками со вознемирувачкиот и моќен „Ѕид“.

Патувањето на Моцарт во Прага (да,да, не дремел само во Виена) е возбудлива биографска белешка на Мерике за налудничавиот и генијален композитор, а антологиските записи на авантуристот Марко Поло едноставно мора да се поседуваат во домашната библиотека.

Отсекогаш многу повеќе сум го сакал Кортасар отколку Борхес. Затоа почесно место во домашната библиотека, покрај „Куцкамен/Школице“, заземаат и неговите раскази од едицијата „Збор и мисла“. Како контрапункт, го приложувам и Маркес во сина варијанта.

Ако грешам во однос на Кортасар/Борхес, тогаш, нека изгорам, што би рекол Пепи Бафтироски. „Антихристот“ на Ниче во современо дизајн-руво будно ја следи ситуацијата 😉

Кога станува збор за поезијата, Есенин, се разбира, е неприкосновен, но во црвената едиција се наоѓаат и мали ексклузиви како „песните на американските црнци“ (упс!? дали сме политички коректни!?) 🙂

А каде би оделе без Кафка? Комплетното негово дело во домашната библиотека содржи и три книги од славната едиција на „Рад“ од Белград, меѓу кои и луцидните разговори со Јаноух, каде моќта на Кафкините мисли ја мрзне крвта во жилите.

И на крајот од овој „Збор и мисла“ дел, еден дуплекс сочинет од две двојни задоволства: песните на Гете, но и прекрасните разговори на Екерман со него, кои и ден-денес држат вода, како и авторот на „Малиот принц“ во црвено-сина тандем варијанта.

ОК, одиме понатаму. Неколку години подоцна, македонската издавачка куќа „Македонска книга“, оформена во 1947 година, создаде своја џебна едиција⁸ и ја наслови „Атлас“, со препознатливото лого на насловната корица. Во неа свој простор најдоа актуелните дела на македонските писатели, на нивните колеги од останатите југословенски републики, и се разбира, преводите на класиците, но и на современите светски автори. Сугестивната зелено-бела корица беше препознатлив декор во македонските домашни библиотеки, криејќи зад страниците цело книжевно богатство – на македонски јазик!!!

Еден од директорите на „Македонска книга“ бил Ацо Шопов, кој бил и уредник на изданијата заедно со Славко Јаневски, Иван Чаповски, Јован Бошковски, Васил Куновски… Библиотеката „Атлас“ стартувала во 1966 година, кога биле објавени дела како „Лозје“ од Блаже Конески, „Туѓоземјанин“ од Симон Дракул, „Раскази“ од Иво Андриќ, „Облаци“ на Аристофан, „Хамлет“ на Шекспир, „Моите универзитети“ на Горки, „Евгенија Гранде“ на Балзак…

И следната, 1967 година, била возбудлива на издавачки план. Таа година се објавени „Две Марии“ од Јаневски, „„Проклета авлија“ од Андриќ, „Декамерон“ од Бокачо, „Ѕидови“ на Георгиевски, „Парите се отепувачка“ на Крле, „Песни“од Миладинов, „Антигона“ на Софокле, „Ревизор“ на Гогољ, „Процес“ на Кафка…

Други две поактивни години на оваа едиција се 1970 и 1974 година, кога во делата на македонски јазик се вброиле и „На сет глас“ од Мајаковски, „Тартиф“ на Молиер, „Шега со Станец“ на Држиќ, „Пожар“ од Чинго, драмите на Иљоски…

За жал, го немам точниот број на издадени книги во оваа драгоцена едиција, од која особено драги ми се „Чума“ на Ками, романот „Крпен живот“ од Стале Попов во две книги, како и првата повест во македонската книжевност, „Улица“ од Славко Јаневски, од која, да се пофалам (оф-топик), го имам и оригиналот од 1950 година. Драгоценост!

Фокусот врз популарните едиции од минатото само ја потврдува тезата дека една сериозна издавачка куќа мора да негува добра едиција која ќе биде препознатлива кај читателите. Чинам дека ИЛИ-ИЛИ со едицијата „ПРОаЗА“ го (на)прави токму тоа, нудејќи книжевен квалитет во кој свој простор најде новата генерација на македонски писатели, но и преводната литература на современите европски автори.

Првите три изданија во едицијата „ПРОаЗА“
Првите изданија од македонски автори во „ПРОаЗА“ со број 12, 16 и 20 во едицијата

Се надеваме дека еден ден и ние ќе инспирираме некој домашен уметник да создаде интерактивно дело со изданијата од едицијата „ПРОаЗА“, давајќи им ново читање/значење 😉

Првиот „Роман на годината“ од едицијата „ПРОаЗА“ (број 51 во едицијата)