Покрај квалитетната француска инвазија во различните жанрови на современата музика во последнава декада, подеднаков квалитет содржат и носачите нз авук на кои се поместени теми од француските филмови. По прекрасните саундтраци за филмовите „Големото синило“, „Бети блу“, „Доберман“, „Петтиот елемент“, „Леон“ и др, на светлината на денот се појави уште еден одличен албум со филмска музика – бисер преполн со добри филмски композиции. Се работи за саундтракот од филмот „Амели“ на режисерот Жан-Пјер Жене.
Во дебитантското остварување на режисерот од 1990 година, „Продавница за деликатеси“, снимен во соработка со колегата Марк Каро, главна звучна улога имаше музичката пила третирана како божествено виолончело, а при нивната повторна соработка во „Градот на изгубените деца“, Жене и Каро играа на сигурна карта и го повикаа мајсторот Анџело Бадаламенти (кој најчесто соработува со Дејвид Линч) да ја напише музиката, придружуван од анархичната и хистерична Марјане Фејтфул, при што резултатот беше создавање на мрачно-елегичен саундтрак, кој можеби најдобро функционира со самата филмска слика. Во актуелниов случај, музиката за „Амели“ е обида за создавање на вистинска француска репрезентативна елита на полето на културата, следејќи го фактот што Јан Тирсен на фантастичен начин ја отслика атмосферата во филмот преу прекрасните хармонични теми, користејќи ги, при нивното компонирање, најромантичните аспекти од фолдерот на француската современа музика.
Идиличната атмосфера во филмот е одлично надополнета со звуците на мандолините, флејтите, многубројните жичени инструменти, пијаното и нежната хармоника, притоа многу потсетувајќи на еден од најславните француски бендови (кој, за жал, веќе не постои), Les Negresses Vertes.
Носечката тема на филмот, „La Valse d’Amelie“, се појавува во три варијации – на почетокот и на крајот од саундтракот, истовремено давајќи им сила и на останатите теми, кои претежно доаѓаат од другите албуми на композиторот. Тука би ги издвоил и „Le Banquet“, „La Redecouverte“ и „Je suis jamais alle“ како малечки совршенства, кои докажуваат дека ккратковременските музички парчиња отсекогаш звучеле посилно од развлечените филмски хитови.
Педесет и две минутната музика од „Амели“ е вистинско авторско освежување на полето на филмската музика, и доколку сакате да уживате во едноставните мелодии што предизвикуваат возвишени чувства за секојдневните надреални настани, купете го овој саундтрак.
@Текстот е објавен во февруарскиот број на „Урбан магазин“ 2002 година.