Кон „Превртено“ (UPSIDE DOWN, 107 мин.) на Игор Иванов Изи
улоги: Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Славиша Кајевски, Никола Ристановски, Инес Бојаниќ, Јордан Симонов, Елена Серафимович, Јовица Михајловски, Марија Кондовска, Ѓорѓи Јолевски
Се сеќавам, како вчера да беше: екипата на „Папокот на светот“ (тогашниот работен наслов на филмот) распослана на разни локации низ Скопје, полна со ентузијазам, енергија, и овде-онде понекоја мала нервоза, што е нормално. По година и кусур, поинаква ситуација: црвен тепих, свечено отворање на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, екипата е повторно на купче, со понекоја малечка нервоза, што е нормално, бидејќи станува збор за македонска премиера на филмот (слична слика можеше да се забележи и на скопската премиера, надополнета со гафот „режисерот за малку немаше да влезе во ‘Милениум’, благодарение на обезбедувањето, кое не го препозна“).
Како и да е, Игор Иванов – Изи, по долги години работа во медиумите, конечно го сними своето прво долгометражно остварување „Превртено“, работено според вториот дел од „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, со кого фигурира и како косценарист на филмот. Уште веднаш да кажеме дека сите оние што ќе бараат буквална екранизација на наградуваниот роман, тоа нема да го добијат. Впрочем, и самите Иванов и Андоновски изјавија дека филмот е еден вид изотоп на вториот дел од „Папокот…“. Да, главниот лик се вика Јан Лудвик, но овој, филмскиот, е далеку погневен од оној, литерарниот, што значи, мотив повеќе за приказната да го отслика времето што нè притиска последниве 16 години во ова затворено парче држава, Р. Ентропа.
Токму така, „Превртено“ е приказна за Јан Лудвик, кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество, ‘родена во комунизмот, но сведок на рудиментарниот капитализам’. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации, во кои не може да се реализира себеси. Меѓутоа, анархистите делуваат и ја менуваат свеста на својата околина преку акции, додека Јан знае што не сака, а не знае што сака, што го става во позиција на ‘изгубен лик од нашата околина’. При градењето на неговиот карактер гледаме многу исечоци од урбаниот живот, но сепак, клучниот момент во филмот е оној што најмалку се гледа, на почетокот, погребот на неговата мајка. Колку на Јан во средината во која живее му недостасува, или му треба мајка?
Иако ова е негово прво целовечерно остварување, сепак режисерскиот печат на Иванов веќе е препознатлив. Ако Хичкок лично се појавуваше во своите филмови, Изи суптилно, преку плакатот за „Бубачки“ во собата на Јан, го потенцира своето присуство, како и преку Стефан Сидовски, кој и во краткиот филм ‘НЕП’ беше расположен за политичко-социјален говор. Со суптилно решени сцени (дел од нив можеби и предолги и непотребни), кои содржат одлична фотографија благодарение на Томи Салковски, која скопските темни сокаци ги доведува на ниво на која било урбана светска метропола, „Превртено“ инсистира на идентификација на публиката со многу препознатливи моменти во него, алудирајќи на хаотичното и бесмислено време во кое живееме. Но, останува нејасно која е пораката што ја носи „Превртено“? Тој ги лоцира сите глупости, пороци и монструми што ги произведе ова долго транзициско време, меѓутоа филмот како да нема одговор за нив. Дали бегството во циркусот е некакво решение или, пак, смртта претставува единствен излез?
„Превртено“ својата светска премиера ја доживеа во јули на филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка, каде што беше дел од официјалната селекција. Тогаш Изи протестираше пред македонското Министерство за култура, сметајќи дека во буџетот добиен од нив, не спаѓаат и пари за достојна презентација во странство, гест што не наиде на добар прием кај надлежните. Сепак, кога станува збор за добар маркетинг, барем што се однесува до нашиве простори, можеме да кажеме само пофални зборови, бидејќи постојано сме бомбардирани од заразната тема на Бадмингтонс, „Ако ми дадеш“, проследена со интересен спот, која по едно слушање останува во потсвеста, и кога ќе се разбудиш, веќе си пред киноблагајната и по којзнае кој пат купуваш билет за „Превртено“, за уште една доза анархија на големото платно. Ваквиот развој на настаните потсетува на случајот со „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски, кога воздухот ‘смрдеше’ на „Баба Зумбула“ на Џајковски и Дивљан, што придонесе филмот да стане најгледан на сите времиња во Македонија. Дали „Превртено“ ќе успее да го надмине е ирелевантно прашање, бидејќи пред него следат настапите на филмските фестивали во Валенсија, Котбус, Сао Паоло… Со среќа!
(Објавено на 9.10.2007 во неделникот „ГЛОБУС“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“)