Кон „Шрапнел“ од Игор Анѓелков

пишува: Лидија Димковска

Најновиот роман на Игор Анѓелков, „Шрапнел“ (Или-Или, Скопје, 2020), се чита во еден здив од неколку часа и како што ми се допадна мене мислам дека ќе им се допадне на многумина читатели. Во романот две приказни течат најпрво одделно,  како разговор помеѓу двајца писатели кои се подготвуваат секој да го напише својот роман, а потоа со договор помеѓу нив, се слеваат во една приказна во која, сепак, ги зачувуваат своите автентични карактеристики.

Самата приказна се однесува пред се’ на односите и врските помеѓу луѓето кои се или а приори блиски или со стекната блискост, и во целост е многу вонвременска, но и многу современа, и македонска и универзална, ненаметливо отсликувајќи го времето и општеството на 21-от век, со реминисценции и потсетувања на годините од југословенското минато. Романот непретенциозно ги вади на видело аномалиите на секојдневието, корупцијата на системот, распаѓањето на вредностите, нетолерантноста кон другоста, но исто така ги овековечува и дострелите на уметничката и популарната култура, а цитатите од разни книжевни, музички и филмски остварувања се во дослух со душата и духот на ликовите кои секогаш одново го бараат своето место под сонцето, пред се’ во својата непосредна околина. Емотивните врски, и партнерски и крвни, и секако економското и политичкото опкружување кое ги детерминира и обележува, предизвикуваат идентификација на индивидуалниот со колективниот идентитет.

Сведоци сме на автентично прикажани средби меѓу синот и таткото кои течат спонтано и едноставно, а преполни се со емотивен набој, со грижа на совест, со неразрешени конфликти, со неисполнети планови. Приказната, пак, за парот, односно за Ангел и Ана е исто така успешно доловен однос во реална економско-политичко-психолошка средина кој отвора многу прашања за семејната среќа, за љубовта, преданоста, за светот на децата, за причините и последиците на распаѓањето на интимните врски, за отуѓеноста која ги зафаќа и навидум среќните семејства и поединци. Многу е човечка таа приказна за тоа колку и како можеме да сакаме, да простуваме, да раснеме во една интимна заедница. Во романот навидум незабележливо се провлекува и трет лик, хомосексуалец, кој очигледно ја покажува хомосексуалноста како табу тема во македонското општество. Читателот мора сам да претпостави во каков контекст и на каков начин тој ја живее хомосексуалноста, ако воопшто може да ја живее. Романот ненаметливо, но суптилно ангажирано поставува важни прашања за третирањето на хомосекуалноста во Македонија, документаристичките записи пред се од социјалните мрежи се всушност документи за времето во кое живееме.

Насловот „Шрапнел“ Игор Анѓелков убаво го поврзува со се’ што им се случува на ликовите, има симболичко значење и е еден вид Ахилова пета за сите засегнати во приказната. Всушност, најмногу во романот ми се допадна префинетата хуманистичка линија што се провлекува низ приказните, надежта што не умира и не изгледа неостварлива, а таа, мора да признаеме, во моментов ни е потребна како никогаш порано.

Игор Анѓелков со „Шрапнел“ напишал добар, сталожен роман што се надевам дека ќе го откријат што повеќе читатели зашто сум сигурна дека во него ќе се препознаат многумина од нив. Да не заборавиме дека ненаметливите, интровертирани автори каков што е Игор Анѓелков, заслужуваат и поголема љубопитност од страна на читателите, бидејќи изненадувањето и задоволството од прочитаното е и поголемо и посилно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *