Вчера од печат излезе четвртото издание на „Единаесет жени“ од Снежана Младеновска Анѓелков, со освежена корица, на радост на читателите кои во меѓувреме бараа примерок од книгата со која авторката стана прва лауреатка на „Роман на годината“ за дебитантски ракопис во 2011 година.
Во образложението за „Роман на годината“ која тогаш го доделуваше „Утрински весник“, жирито нагласи: „Единаесет жени ја продолжува традицијата на раскажување по пат на врамување, карактеристична за почетокот или самото настанување на овој жанр во „Илјада и една ноќ“, а во македонската литература обновена со романот „Мојата роднина Емилија“ на Влада Урошевиќ. Романот го носи духот на македонската полуурбана или квазиурбана средина во 1980-тите години, поставуваjќи нови параметри во раскажувачката техника и во романсиерската тематика, истовремено подривајќи ги жанровските конвенции”.
Александра Јуруковска во тогашен „Дневник“ во освртот кон делото потенцираше: „Иако дебитантка, Младеновска Анѓелков покажува чувство за чиста и прецизна нарација, без непотребни описи и дигресии, без дребности и заокружувања. Таа оди директно во центарот на случувањата, без да ја заобиколи или избегне мачнотијата што е речиси континуирано чувство по сите прочитани настани“.
Илина Јакимовска во нејзината „Букбокс читанка“ исто така имаше интересни забелешки: „Првата асоцијација од насловот – 11 жени – ми беше дека тука има некаква суптилна, но сепак јасна иронија: единаесет е математички помалку, но кога се во прашање жени, тоа е повеќе од дванаесет, и тоа машки апостоли. Меѓутоа, од очекуваните феминистички тонови и од „женското писмо” во книгата нема ниту трага. Нема трага ниту од славање на жената и женственоста – ликовите се сè само не стереотипно смерни, напатени и безгласни. Тие се дел од едно градско, но маалско милје од осумдесетите, во кое жените се значаен социјален фактор – кога гледаат на кафе, ги копаат бавчите, возат Застава сто-кец, дремат по терасите или просто седат на клупа. Зад сите овие навидум обични огради и прозорци, демнат мрачни, твинпиковски приказни“.