Kad bih bio radio antena
Slao bih valove s vrha Sljemena…
Не, не, Јура Стублиќ и „Филм“ му припаѓаат на едно минато време кога, се сложувам, имаше добар рокенрол, но нам ни треба приклучување кон сегашноста ловејќи ги „добрите вибрации“ од актуелните регионални бендови, а најпотентен меѓу нив секако е белградскиот „Репетитор“, кој синоќа направи партали-концерт во МКЦ. Впрочем, како и секогаш кога гостувале во нашиот град!
Одамна не се случило еден бенд кој доаѓа од соседните држави да ја наполни денсинг-салата во МКЦ со самостоен концерт. Убави луѓе се собраа синоќа за да го проследат настапот на „Репетитор“, кој од година во година созрева и претставува концертна атракција која мора да се види и доживее. Синоќа добро не’ размрдаа со двочасовен настап со сите мастрафи, свирејќи го материјалот од сите нивни досегашни четири албуми.
Последните два албума, Gde ces (2016) и Prazan prostor među nama koji može i da ne postoji (2020) ги имам на ЛП, па синоќа растеретен отидов на концертот без намера за купување носач на звук, бидејќи на штандот во холот и онака го имаа само последниот на винил. Истиот тој примерок Мишко Грбевски го носеше да му го потпишат членовите на бендот, и тие пред свирката се појавија на скалите пред салата, опуштени и природни, момент кој го искористив да се фотнам со Борис Властелица, а девојките додека се свртам, за жал, ми киднаа 😊
Синоќа имаше уште еден посебен момент за мене, а тоа беше желбата на Бис да одиме заедно на концертот, откако претходниот период интензивно ги слушаше „Репетитор“ и ми рече дека многу и’ се допаѓаат. Така, по „Здраво млади“ на почетокот на септември, ова ни беше втора заедничка рокенрол свирка, но прва на самостоен концерт (иако имаше и две предгрупи: Педро Хоризонте и Бејзмент калт кои ги пропуштивме, но ќе имаме и други прилики).
МКЦ е фино крцат, време е за старт на лудилото. Борис Властелица, Милена Милутиновиќ и Ана-Марија Чупин се во вистинска свирачка форма, бидејќи се на турнеја во текот на целата година. По минатогодишниот настап на „Пин“ конференцијата на истото место, овој пат, бидејќи се работи за самостоен концерт за луѓето кои се нивни фанови и платиле билет за да ги видат, тие се потрудија да направат незаборавно шоу, горејќи од желба да изгорат на сцената.
Дека ова ќе биде квалитетна журкаџиска вечер се виде и од расположението во публиката. На десното крило пред сцената имаше одлична шутка, но и генерално, сите се забавуваа во публиката и после секоја отсвирена песна имаше неверојатни оваации и убав фидбек од присутните.
Женската ритам-секција на бендот е навистина автентична. Милица освен што жестоко лупа на тапаните, кои чиниш во секој момент ќе се распаднат од нејзината моќ, таа истовремено има доволно сила и за пратечки вокали, а на една песна („Данима“) излезе напред и отсвире квалитетни ноти и на клавијатури. Ана-Марија, пак, си има неколку свои песни кои ги изведува со срце. Исто како некогаш Ким Гордон од Соник Јут, или Ким Дил во Пиксис, таа рамноправно со Борис пее дел од песните истовремено држејќи опасен ритам на басот.
За мене најочекуван момент беше изведбата на омилената тема „Ако те икада“. И овој пат Борис беше на ниво на задачата и полуде на сцената, на задоволство на сите присутни.
Не знам дали сте го гледале официјалниот спот на оваа песна, но ова е нешто што на овие простори ретко се случува – одличен спој на текстот, рокенролот и контекстот во кој е отсвирен.
Ako te ikada vidim sa nekim
Ko ni malo ne liči na mene
Odmah ću odmah na njega da krenem
Onda na tebe
Onda na sebe
Овој видео запис е толку фантастичен, што претставува вистинска антологија на овие простори, повикувајќи се на духовите на легендарниот Џони Кеш и неговиот однос со затворот „Фолсом“ во далечните 60-ти години на минатиот век.
Се’ на се’, драго ми е што рокенролот на овие простори е се’ уште жилав, и што и понатаму изнедрува феноменални бендови. И ние во моментов можеме да се пофалиме со Хајка, Кат јор нипл, Луфтханза… кои со својата музика и настапи ни докажуваат дека со новите генерации ништо не е загубено, и дека се’ уште постои надеж за здрава иднина.
По концертот ќерка ми сака да го земе плакатот за спомен на доживеаното во првите редови, каде Борис при крајот токму неа и’ ја даде гитарата, а откако се обидоа да и’ ја земат момците зад неа, таа успеала да му ја врати на Властелица неоштетена. Моментот го фати Зденко Петровски, на фотка која наликува на онаа легендарната од The Clash на албумот London calling. Фала Зденек 😉
Се смееме на случката и сфаќаме дека постерот некој го земал. Се обидуваме да најдеме друг горе кај надлежните во канцелариите, но ни велат дека нема веќе, потрошено! Сепак, моментот го искористивме да ѕирнеме во салата каде Милена си ги пакуваше бубњевите, и ја замоливме да се сликнеме со неа. Бис беше пресреќна!