Вчера светот го одбележа заминувањето на американскиот актер Роберт Дивал. Тоа е оној човек во холивудските филмови кој секогаш е некако во позадина, но со своите перформанси често пати ја „крадеше“ магијата од главните актери. Тој е актер кој се трансформираше во уверлив адвокат на мафијата во легендарниот „Кум“, командантот од Виетнам опседнат со сурфање во „Апокалипса сега“, изговарајќи ја незаборавната реплика „го сакам утринскиот мирис на напалмот“, и многу други филмски, театарски и телевизиски ликови. Почина во неделата на 95-годишна возраст.

Кога ќе ја погледнете филмографијата на Дивал, ќе ве заболи главата. Тоа е неверојатна листа од важни филмови во кои актерот игра забележителни споредни и главни ролји. Заедно со Џин Хекман, кој исто така замина неодамна, тие беа немезисот на извиканиот помлад тандем „Де Ниро – Пачино“ како нова надоаѓачка актерска сила во 70-те години на 20 век. Но без овие малку постари момци кои знаеја до крај да ги истераат карактерните улоги, филмовите не би биле толку забележителни и не би останале во сеќавањата на филмофилите.

Има многу филмови на Роберт Дивал за кои може да се пишува, но за мене еден од најнезаборавните е научно-фантастичниот филм „THX 1138“ од 1971 година, режисерското деби на Џорџ Лукас, кој подоцна се прослави со „Војна на ѕвездите“. Во него Дивал едноставно брилјира, и токму затоа во овој текст фрламе поглед врз ремек-делото од почетокот на 70-те, кое и по пет ипол децении делува свежо и како филм кој, да има премиера денес, во 2026 година, ќе помине одлично.



Синопсисот за филмот „THX 1138“ вели: „Некогаш во иднината (поточно, во 25 век), конформизмот и хомогеноста се правило во општеството контролирано од државата, во кое населението без прашање ги следи желбите на безличната статуа. Ова се постигнува преку задолжителниот режим на конзумирање дрога кој ја потиснува секоја човечка желба. Сексуалните, и воопшто, меѓучовечките односи се забранети. Законот на државата е контролиран од силата на роботите. Физичката средина е целосно во рамките на симулираниот затворен простор; она што е надвор од неа е сосема непознато.


THX 1138 е лојален субјект кој си ја врши својата работа како вешт фабрички работник што создава Робокапи. Дури и кога почнува да има чудни чувства, тој го прави она што е задолжително – оди во државната исповедалница, која дополнително го пере мозокот преку својата засилена мантра за среќа, лојалност и разбирање. На THX 1138 му се дава увид „на другата страна“ преку неговата компјутерски усогласена и назначена цимерка, LUH 3417, и нејзината колешка за надзор SEN 5241. Ако THX 1138 успее да ги скрие своите активности од властите и роботите, ќе мора да открие кои опции му се достапни“.



Можеби сето ова ви звучи познато бидејќи асоцира на култната „1984“ на Џорџ Орвел. Искрено, преку „таквото“ веќе од Орвел, почна да го цитира секоја „задња фукара“ во медиумите, а не го ни прочитале. Токму затоа овој филм на Лукас се наоѓа на второто место на мојата листа за најдобар СФ филм на сите времиња. Врвот, се разбира, е резервиран за „Блејдранер“.

Но „THX-1138“ е многу значаен не само за жанрот, туку и поради многу други нешта. Замислете само какво било чувството на гледачите кои за прв пат го гледале во далечната 1971 година? Се работи за нискобуџетен филм снимен за околу 700 илјади долари, а со визуелни и звучни ефекти кои се врвни, а крајот на филмот, особено последниот кадар, е еден од најпаметните во филмската историја. И најважно од се’, филмот суптилно ја навестува иднината, во која конзумирањето е стандардизирано 😉





Деби-филмот на Лукас му ги отвори вратите на холивудските студија, по што следеше „Војна на ѕвездите“. Но овој текст не е за Лукас, туку за Роберт Дивал, кој (за среќа!) не играше во „Војна на ѕвездите“, но затоа маестрално го одигра „THX 138“, кој потоа како рефернеца се појави на многу места во популарната култура. Насловот на филмот, всушност, е телефонскиот број до станот на Џорџ Лукас додека студирал во филмската школа J Постојат бројни референци за ликот и низ целиот универзум на „Војна на ѕвездите“, a компанијата на Лукас се вика, погодувате, „THX“. Во музиката, британскиот бенд „Орбитал“ ја семплуваа репликата „Што е погрешно?“ во една од нивните теми, додека „Мисфитс“ го дадоа својот придонес со песната „We are 138“.

И на крајот, едно убаво збогување за Роберет Дивал од колегите од филмската индустрија, конкретно од Џеф Бриџис – The Dude, кој на социјалните мрежи напиша: „ Боб Дувал – ментор, пријател, одличен актер, режисер и продуцент. Прекрасно е што те познавав, човеку. Ти благодариме за сè што ни даде“.

