Вчера оние што се’ уште го чувствуваат 29 ноември за близок го прославија на соодветен начин, а веќе утре од печат ќе излезат два многу битни романи за регионот на некогашна Југославија, и обата од авторот Дарко Цвијетиќ, кој неодамна за „Шиндлеровиот лифт“ во Вроцлав ја доби престижната награда „Ангелус“ за најдобра книга на автор од централно-европското подрачје. „Лифтот…“ е во превод на Елизабета Баковска, а „Зошто наземи спиеш“ на Калина Буневска Исаковска. Актуелниот роман „Премногу ми е тоа. Осум девојчиња“, кој ја заокружува неформалната трилогија, „ИЛИ-ИЛИ“ ќе го објави следната година.

Дарко Цвијетиќ (1968, Љубија Рудник) е босанскохерцеговски прозаист, поет и режисер во театарот во Приједор. Има објавено десетина стихозбирки, две збирки со кратки раскази и три романи. Во театарот режирал од Бекет до Чехов, а ги глумел Раскољников, Новски, Естрагон… Член е на ПЕН центарот на БИХ, на Друштвото на писатели на БИХ и на Хрватското друштво на писателите. Со својот препознатлив јазик и емпатија кон „малите луѓе“ на историјата, Цвијетиќ е еден од највлијателните современи гласови на босанската и регионалната литература. Неговите книги се преведени на десетина светски јазици, а себеси се смета за постјугословенски писател.

За романот „Шиндлеровиот лифт“ ги доби наградите „Кочиќево перо“ (Бања Лука/Белград), „Фриц“ (Мирослав Крлежа) за најдобра прозна фикција во Хрватска во 2019 година, како и актуелната книжевна награда на централна Европа „Ангелус“ (2025) во Вроцлав. Според мотивите на овој роман во „Камерен театар 55“ во Сараево е направена истоимената претстава во режија на Кокан Младеновиќ.

Романот „Зошто наземи спиеш“ беше финалист за НИН-овата награда во 2020 година. Според мотивите на овој роман во копродукција на театрите Гавела, Српскиот народен театар од Нови Сад и Народниот театар од Сараево е направена истоимена претстава во којашто улогата на Дарко Цвијетиќ ја игра авторот.

Доколку требаше да се напишат искуствени книги за крвавата војна во поранешната држава низ призмата на обичниот човек, тогаш тоа се токму романите на Дарко Цвијетиќ. Срдечна препорака!
