Сарајот на Нијази бег – дом на Ресенската керамичка колонија

Поради големите турканици на охридското крајбрежје, ова лето вистински избор за летување (беш)е Преспа поради нејзината природа и убавините кои ги нуди. А кога сте веќе таму, секако дека мора да го посетите Ресен, кој се наоѓа на петнаесетина километри од крајбрежјето, и особено неговата репрезентативна знаменитост, Сарајот (Дворецот) на Нијази бег, кој денес претставува градски Дом на култура, во чии рамки може да се видат две исклучителни поставки. Во овој текст ќе ја претставиме онаа на првиот кат, која содржи преку 400 експонати од угледната и почитуваната Ресенска керамичка колонија.

За време на Римското Царство низ Преспа поминувал познатиот староримски пат „Via Egnatia“. Покрај него биле изградени повеќе населби и попатни страници. Една од нив била Скиританија, на чие место подоцна израснала словенската населба Ресен. Госпожа Википедија вели дека „Ресен прв пат се спомнува како средновековна населба во една повелба на Душановиот законик од 1337 год, под името Росне. Во еден попис од XVI век населбата е регистрирана како Ресне. За време на владеењето на Стефан Душан (XIV век) исто така како населби се спомнуваат и Јанкоец, Љубојно, Наколец, Нивици и Глобочани и самата област Преспа (рибари од Преспа). Во XVIII век со развојот на трговијата и занаетчиството Ресен прераснува во мала градска населба“.

Денес Ресен е економски и административен центар на Преспа, кој, како и секој мал град во нашата држава, плаче за реобмислување. Од кратката прошетка низ централното градско јадро може да се забележи колку-толку среден плоштад, со пар кафулиња, банки и обложувалници, еден јаден споменик со ресенско јаболко, и секако, објектот на општината која, всушност, треба да поработи на повторно заживување на градот и негово будење од долгиот зимски сон.

Најрепрезентативен објект во преспанската престолнина е Сарајот-дворец на Нијази бег, како редок пример на градба во неокласичен стил во нашата земја. Кога ќе се погледне од патот, останувате без здив, затоа што воопшто не кореспондира со околината во која се наоѓа. Неговиот двор е убаво уреден, паркот е грижливо одржуван, и може да се поминат пријатни часови на клупите под длабоките сенки.

Историјата вели дека Сарајот е граден во периодот од 1905 до 1909 година од еден од водачите на Младотурската револуција, Ахмед Нијази-бег. Неговиот покрив е обновен во 1982 година, а во 2005 година е реставриран со средства од Светска банка. Објектот е висок 25 метри, со површина од 4.800 квадратни метри внатрешен простор, а во обработка на ентериерот се користени префинето обработени висококвалитетни материјали. Нарачателот на изградбата Ахмет Нијази-бег, како студент на воена академија во Истанбул и припадник на младотурското движење, бил испратен во Ресен, каде што подоцна примил разгледница со Версајскиот дворец од свој пријател од Париз. Богатиот ресенски бег решил да изгради исто така убав објект, каде што планирал да живее. Сепак, во 1912 година во Драч тој бил убиен, пред дворецот да биде комплетно завршен.

Денес зградата на сарајот е Дом на културата „Драги Тозија“ и во него се сместени постојаната поставка на дела на македонската сликарка Кераца Висулчева и галеријата на дела од Ресенската керамичка колонија. Но, и неговите ходници кријат интересни тајни. Имено, уште на влезот може да се видат два големи преспански чунови од дрво, а третиот се наоѓа на вториот кат. Анегдотата вели дека кога некој руски истражувач неодамна го посетил објектот, бил воодушевен од нив, и потенцирал дека нивното зачувување мора да биде на повисоко ниво, затоа што во Русија е пронајден само еден таков стар чун, а овде ние имаме дури три, што претставува вистинско богатство.

Истото може да се каже и за деловите на ентериерот од црквите закачени на ѕидовите во сарајот, кои се донесени од островот Голем град со цел нивно зачувување од пропаѓање. Кога веќе не можеме, или ретко кој може да оди на „змискиот остров“, тогаш убаво е да се види дел од фрескоживописот и тука, изложен на ова место.

И тогаш го запознавате кустосот Мите Номевски, или чичко Мите, кој најљубезно ќе ве воведе во светот на керамиката преку делата на меѓународно ценетата Ресенска керамичка колонија, со која навистина треба да се гордееме. Годинава, секако, не се одржа, но таа токму во август, секое лето е дом на керамички мајстори од целиот свет кои ја впиваат преспанската убавина, творат, и потоа несебично ја шират приказната понатаму, низ сите меридијани.

Колонијата е формирана во 1973 година, со цел да го сочува специфичното традиционално творештво на грнчарите од Ресен и да овозможи креирање современи остварувања во керамиката. Во почетокот оваа манифестација била од југословенски карактер, за подоцна да прерасне во манифестација со меѓународен карактер. Во 2000 година колонијата станала и член на светското семејство на керамичари, куратори, музејски работници, ликовни критичари, високи школи, институти, факултетски центри, сите поврзани преку творештвото во керамика, во Меѓународната академија за керамика. И она што е најзначајно, Ресенската керамичка колонија е една од 10-те која е под закрила на УНЕСКО.

Галеријата на современа керамика во „Сарајот“ е формирана во 1991 година, каде на површина од 300 m² се изложени повеќе од 400 дела од учесниците во Колонијата. Се смета за една од најбогатите збирки со автори, стилови од различни периоди, изразни средства и слично на поширокиот простор на Европа.

Во ателјето кое се наоѓа во Отешево до 2010 година работеле 239 уметници од 28 држави од целиот свет и оставиле фонд од над 1.000 експонати, што претставува вистинско богатство. Во едно подоцнежно возење крај преспанскиот брег, наидовме на една табла крај патот на која едноставно пишуваше „Ресенска керамичка колонија, 200м“, и спуштајќи се по патот надолу набргу стигнавме до ателјето, кое, за жал, изгледаше тажно и напуштено, надоградувано, но нефункционално, и навистина не можевме да замислиме дека овде доаѓале уметниците да творат, или тоа се случувало во некој друг објект. Дури и некогашниот летниковец изгледаше руинирано, а претпоставувам дека тој бил местото, застаклено од сите страни, со многу дневна светлина, во кој до пред една декада сите сакале да творат. Но, како и се’ во Преспа, и тоа, за жал, е само нем сведок на оставањето на многу објекти да тонат во негрижа и заборав, иако во сето тоа лежи голем потенцијал.

За дел од експонатите во постојаната поставка чичко Мите ни раскажа интересни приказни и анегдоти за нивното настанување и значење, а би ги издвоиле делата на холандскиот уметник Јосе Ерт насловени „Вдовиците на Сребреница“ (2002), керамичките гради како еден вид уметничка интерпретација на „чувството на вина“ на цела една нација кон овој геноцид; потоа, она на Словенецот Нико Зупан едноставно насловено „СФРЈ“ (2008), во кое тој низ носталгијата на шесте испружени раце гледа на едни минати, подобри времиња за живеење; и секако, делото на Јужнокорејката Ин Сук Ри едноставно насловено „Сеќавања на Македонија“ (2005), во кое на едно место, низ детали, уметницата ги изразила своите чувства за престојот овде, на нашите простори. Инаку, посетата била возвратена пред неколку години, кога македонски претставници од Ресенската керамичка колонија гостувале во Јужна Кореја, каде се’ било беспрекорно организирано и под конец.

На крајот од прекрасната прошетка низ музејот на првиот кат од велелепниот Сарај, се простивме срдечно од г-нот Номевски, си купивме по некое керамично сувенирче, и тргнавме во уште една ресенска, овој пат, „слатка оаза“, која се наоѓа недалеку оттука. Можеби неочекувано за крајот од овој текст, но не можевме туку-така да ја одминеме фабриката „Агроплод“ со чии производи пораснавме, па ја најдовме нивната нулта продавница веднаш до влезот од фабриката, симболично наречена „Слатка куќа“, и се почестивме со најтазе ресани на светот. Уметност и блачко – ммммммммм… 😊

 

 

2 thoughts on “Сарајот на Нијази бег – дом на Ресенската керамичка колонија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *