Студено утро, осум часот. Малку возила низ улиците. Веќе сите се на своите топли работни места. Одамна не сум станал толку рано. Ова ми е еден од последните испити, и морав добро да го подготвам, останувајќи до доцна во ноќта во последните седум денови. Го паркирам автомобилот, откако претходно ми наплатија билет на влезот од Универзитетот (проклети бирократски крадци!), и се упатувам кон големата сива градба – грдосија, со дување топол здив во дланките.
Внатре – штама. Нема жив човек, а веќе е време за закажаниот испит. Со дозволена толеранција од десетина минути, секако. Можеби, како што обично се случува, ќе се отвори некоја од вратите на предавалните, и пријавените десет-петнаесет кандидати ќе се упатат кон канцеларијата на професорот, поставувајќи си прашања и надополнувајќи се во одговорите. Ситуација на која многу често сум присуствувал. Има некаква латентна солидарност во таквата колективна енергија на студентите, луѓе кои веројатно уште од следната година ќе си претставуваат конкуренција на работните места. И многу повеќе присуство на инфантилни елементи, би забележал. Заедничко учење и совладување на материјалот!? Хммм… Затоа нивното созревање, кое во нормални услови би требало да се случува токму за време на студирањето, кога се изградуваш во личност што има цврсти ставови и погледи на светот, обично се одигрува подоцна, кога возот е веќе заминат. “Ух, ова ќе биде интересен ден, штом уште толку рано вакви мисли почнаа да ми ја окупираат внатрешноста на черепот”, и понатаму ревеше “писателот” во мене, склопувајќи неверојатни реченици.
Сам во големиот ходник, чекав да се појави некој. Било кој. И, секако, се појави професорот. Огромно човечиште, околу 130 килограми, со очила, кратка коса, заоблено лице, задолжителни трегери, и пеперутка-кравата под задебелената гуша. Елегантност. Слика која ми остана во сеќавање уште од времето кога министеруваше во претходната влада. Праша дали сум единствениот кој се појавил ова утро, во овој испитен термин. Потврдив со главата. “Останатите веројатно ќе го искористат последниот воз, за седум дена”, заклучи. “Воз? Седум дена?”, препознатливи зборови кои останаа да се одбиваат од ѕидовите зад нас.
Ја отклучи канцеларијата. Ова е втор пат да полагам на ваков начин, лице во лице со професорот, на негова територија. Првиот пат испадна интересно, поради неискуството на новиот асистент, но ова е нешто сосема друго. Ја соблеков јакната и извадив лист хартија за прибелешки и краток концепт, оставајќи го на ниската масичка. За тоа време, професорот од фиоката извади компакт диск и го стави во компјутерот. Успеав да прочитам од обвивката дека се работи за албум на Чарли Паркер, со нумери во кои доминира исклучиво неговиот саксофон, кој има легендарен статус меѓу вистинските познавачи на музиката. Воведната тема како да го скрши мразот на нашето молчење, и тој ме праша дали веќе сум поминал низ ритуалот на пиење утринско кафе. Одговорив дека сабајлево и немав баш доволно време за такво задоволство. Ја подигна слушалката, сврте локал и од бифето нарача две кафиња, едното слатко, а другото… “Без шеќер”, реков.
“Претпоставувам дека сте голем љубител на џезот”, реков, наметнувајќи тема со која сакав да изразам благодарност поради тоа што професорот како да ми ги прочита мислите кога ми понуди кафе. Токму тоа и ми требаше за да можам посконцетрирано да влезам во уште една испитна авантура. “Да, да, го следам уште од младите денови”, му светнаа очите, “имам голема колекција на џез албуми, претежно плочи, а во поново време и компакт дискови, се разбира. Меѓутоа, плочите се вистински носач на звук кога се работи за слушање на џез музиката. Тие ја доловуваат онаа нијанса на суровост во звукот, што ти се причинува дека присуствуваш на вистински концерт, дека го гледаш бендот пред себе”. “Се сложувам”, реков, “токму тоа во моментов може да се забележи и од звукот на Чарли Паркер”. “Си слушал нешто од него?”, ме погледна зачудено. “Да, еден пријател го има неговиот албум во живо, издаден постхумно, и одреден период, пред околу половина година, често го слушавме”, се пофалив. “Браво”, извика, “јас го обожувам. Ваквите ладни и мрачни денови, како овој, ги исполнува со светлина, и некако ме тера да се движам напред, иако не знаеме што не очекува таму”.
Тогаш пристигна кафето. Паузата беше искористена за подместување на столчињата, и за конечно официјално започнување на испитот со поставување на три прашања од обемниот материјал. Сркајќи од кафето, направив цртички околу тоа што ќе зборувам за првите две прашања, а третото го знаев делумно. Започнав со монологот. Хамлет во долината на џезот. То бе ор нот то бе. Завршив за десет минути. “Може да запалам цигара, после еден вака навистина исцрпен одговор”, ја испитував територијата. “Одговорот не беше исцрпен, меѓутоа, на колега што добро го знае делото на Чарли Паркер, секогаш, во мое присуство, ќе му биде дозволено да испуши цигара, слушајќи ги неговите ноти”, се насмевна. “Иако јас не пушам”, додаде, исто така низ насмевка.
Приказната понатаму продолжи со прекрасен тек и низ вистинска џез атмосфера. Во неповрзаниот разговор, но со полна динамика и одредена цел, се поставуваа наизменични прашања поврзани со нашите секојдневни животи. Неговиот интерес највеќе беше насочен кон мојот младешки ноќен живот и музичкиот сензибилитет, а мојот интерес се состоеше од тоа да зграбам некоја приказна од неговите лични искуства при престојот во Њујорк, кога беше министер пред неколку години.
“На крај, како компензација за делумно одговореното трето прашање”, се разбуди професорот во него, “а и како надополнување на целиот претходен муабет, би сакал да знам дали го почитувате црвеното светло на семафорот?” Ме збуни. “Како мислите?” “Па, просто, што мислите за црвеното светло? Еве мала помош и насочување од моја страна. Јас на него гледам како на воспоставување на потполн поредок во урбаната средина каде што владее тотален хаос. Едноставно, кога ќе застанам на црвеното светло на семафорот, тоа го користам за мал, релаксирачки одмор во кој може да погледнам околу себе, да видам што се случува надвор од мојот затворен автомобил. Тоа се правила кои мора да се почитуваат. Не може да се оди против нив. Инаку, лошо се одразуваат на однесувањето на човекот, воопшто, во секој поглед”. “Мислите на црвеното светло како предупредување дека во еден момент, и покрај забрзаниот ритам на животот, треба да се застане, да се размисли за некои постапки, кои може да ги насочат мислите и на друг колосек…”, се обидов да се вклучам. “Можеби”, се согласи. “Добро, сите правила се создадени за да се прекршат, нели, па дури и црвеното светло на семафорот”, продолжив храбро. “Да, но подобро е кога се почитува црвеното светло. Обиди се да навлезеш подлабоко во сржта на оваа тема”, ме посоветува, истовремено пишувајќи оценка во индексот. Пријателски се поздравивме, и ги разменивме вообичаените љубезни зборови дека ова утро беше пријатно да се помине на ваков начин. Вечерта со неколку блиски пријатели скромно го прославивме положениот испит. Враќајќи се кон дома, почувствував дека стомакот вреви, и навратив да купам тост. На радио свиреше Чарли Паркер. Веќе беше 2 часот по полноќ, кога стигнав до последната раскрсница на која семафорот светеше црвено. Обично навечер, токму на овој крстопат, семафорите постојано светкаат портокалово, поради реткиот сообраќај во тој дел од ноќта. Бев нетрпелив, и поминав на црвено светло, сакајќи да стигнам што побрзо дома за да се наспијам.
“Зошто го направи тоа?”, ме прашаа, додека ја прегледуваа сообраќајната документација. Им објаснив. Откако ми ја кажаа целата процедура околу пристигнувањето на судската покана и плаќањето на казната, искрено прашав дали ќе може некако да ми прогледаат низ прсти, бидејќи се уште сум студент. “Ако сега ти прогледаме низ прсти, веќе на следниот семафор ќе го направиш истиот престап”, цинично прокоментираа. Сепак, едниот од нив се смилува и ме праша дали имам 1000 денари. “Не”, одговорив. “А зошто?” “Па, за казната да биде поблага, ќе те казниме за неносење на заштитен ремен”, предложија иронично. “Близу живееш?” “Да, зад аголот”, одговорив, и веќе бев зад воланот.
По десет минути повторно бев на местото на злосторството. Тие веќе запреле неколку возила и вршеа рутинска контрола. Едниот од нив ми пријде и ме праша дали сум ги донел парите. Климнав со главата, додека нервозно ја пушев последната цигара. “Во ред”, се насмевна, “гладни сме, долга е ноќнава смена, оди до најблиската сендвичара и донеси ни три тоста”. Се согласив, без можност за избор. “И почитувај го црвеното светло”, од далечина, но доволно гласно, додаде неговиот колега.