Холивудски домат по дождот

Кон „Сенки“ (SHADOWS, 107 мин.) на Милчо Манчевски

улоги: Борче Начев, Весна Станоевска, Сабина ајрула, Филарета Здравковиќ, Диме Илиев, Салаетин Билал, Ратка Радмановиќ 1994-та беше прекрасна филмска година за македонската кинематографија, бидејќи дебитантското остварување на Милчо Манчевски, „Пред дождот“, го доби престижниот Златен лав на најстариот филмски фестивал во светот. Иако неискусен, сепак, како добар стратег, господинот Манчевски мудро го чекаше вистинското сценарио за своето второ целовечерно остварување, кое се нишаше на тенката граница помеѓу холивудскиот студиски систем и европската филмска естетика. По пропаѓањето на веќе започнатиот проект во Чешка кон крајот на 90-тите, по седум години чекање се случи „Прашина“, кој немаше намера да освојува награди, туку да заземе посебно место во срцата на филмофилите, но и да навлезе длабоко во академските кругови, во што целосно успеа.

Овој пат нетрпеливо чекавме само шест години до премиерата на третиот филм на Манчевски, кој од работната верзија „Коски“ се трансформираше во „Сенки“, ‘таму некаде, во монтажа, каде коските се скоскија’, како што објаснува авторот. Однапред одлично медиумски покриен, со многу детали околу сето она што се случуваше за време на снимањето лани во Скопје и низ Македонија, но и потоа, додека траеше постпродукцијата на филмот, официјалната премиера на „Сенки“ на фестивалот во Торонто во домашната јавност беше дочекана со воодушевување. Светската критика, пак, реагираше со поделени мислења: едни алудираа на сексуалноста како единствен адут на филмот, други се фатија за егејското прашање, а трети ја заокружија неформалната трилогија на Манчевски, со оцена: одлично! 

„Сенки“ својата домашна кинопремиера ја доживеа на 2 ноември во Универзалната сала во Скопје, со сите салтанати како вообичаен придружен декор, барем во останатиот дел од светот: црвен тепих, на него знајни и незнајни јунаци од различни сфери, големо платно со димензии 6х13м, сараунд, и воопшто, добри вибрации кај присутните. На премиерата присуствуваше целата актерската екипа, како и кинематограферот Фабио Чанкети и продукцискиот дизајнер Дејвид Манс. Долгиот аплауз, познавајќи ја македонската публика, беше неминовен.

Како и претходните два филма на Манчевски, и „Сенки“ си има свој поднаслов, „понекогаш мртвите зборуваат погласно од живите“, како континуиран авторски потпис и предвесник во она што ве очекува на филмското платно. А таму, во најголемиот дел, ќе се сретнете очи во очи со смртта и сексот, како двата најсилни двигатели во човековиот живот, ‘и сето она што се наоѓа помеѓу’, како што вели режисерот, не сакајќи да ги банализира љубовта, семејната ситуираност, кариерата, но и стравот од прашањето ‘дали сите тие работи се вистински или лажни’. Токму овие моменти се основа на површинскиот слој на филмската приказна, во која фигурира животот на д-р Лазар Перков, кој по тешката сообраќајна несреќа по една семејна расправија со сопругата, ќе биде распнат меѓу духовите од минатото и желбата да се продолжи со иднината, во која тивко се наметнува и трета личност. 

Иако како предлошка за раскажување на приказната е земен хорор жанрот, сепак, тој само на моменти доминира со својата естетика, отстапувајќи му простор на трилерот, во кој задолжителна лектира е хемијата меѓу носителите на главните ролји. Таа суптилно се провлекува меѓу Лазар и Менка, играни од Борче Начев и Весна Станојевска, кои делумно брилјираат, но и атерираат во своите креации, припишувајќи го тоа на големиот предизвик – прва улога во целовечерен игран филм. Затоа, пак, постарата генерација актери – Сабина Ајрула-Тозија, Диме Илиев, Петар Мирчевски, Салаетин Билал и Ратка Радмановиќ, одлично одговараат на предизвикот.

Сепак, како целина, „Сенки“ на крајот остава горчлив вкус во устата, со што се потврдува фактот дека никогаш предвреме не треба да стартувате со големи очекувања. Констатацијата дека новиот филм на Манчевски можеби и не претставува претенциозен филм што треба да го смени вашиот живот, туку тој, едноставно, е жанровски филм за една фино помината кино вечер, можеби и држи вода, меѓутоа, неминовната споредба со неговите претходници вели дека „Сенки“, сепак, ја нема ниту емотивната сила на „Пред дождот“, ниту комплексноста на „Прашина“. Тоа се должи на предвидливоста на приказната и нејзината непровокативност, но и недоработеност докрај, при што во централниот дел од филмот следиме здодевни работи што не го надградуваат дејствието, потоа, поради одредени недоследности на занаетски план, особено кај звукот и монтажата, но и поради холивудските решенија, од кои авторот постојано се оградува, забелешки достојни за поширока опсервација. 

Во секој случај, „Сенки“ ќе го одземе целото ваше внимание, бидејќи на платното, иако филмски накитена, ќе видите дел од сликата за македонското општество, идентификација што сè поретко искрено и реално ја практикуваме.

(Објавено на 13.11.2007 во „ГЛОБУС“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *