Кон документарниот филм „Тетовски самрак“ на Билјана Гарванлиева и Мануел Цимер
„Ние имаме толку многу интересни животни приказни, а речиси никаква продукција на авторски документарци, кои треба да содржат прецизна структура и јасна слика за тоа како ќе се сними филмот, а притоа да не се изгуби личниот и спонтан однос кон својата приказна, за на крајот филмот да изгледа како се’ да се случува само по себе. Тоа се вика среќата на документаристот“.
Оваа опсервација на драматургот и режисер Билјана Гарванлиева во интервјуто објавено во мојата книга „Филмски град“ (ИЛИ-ИЛИ, 2018) на совршен начин го опишува нејзиното поимање за креативната документаристика кое таа го практикуваше во наградуваните филмови „Девојчето што свири на хармоника“ (2006), „Девојчето што бере тутун“ (2009) и „Шивачките“ (2010). Истиот пристап и начин на реализација таа го применила и во последното остварување „Тетовски самрак“, на чија премиера, за жал, Гарванлиева не беше присутна. Но радува упорноста на нејзините соработници, пред се’ на сопругот Мануел Цимер, кој го доврши овој проект, потоа, на продуцентот Огнен Антов, монтажерот Сашко Потер Мицевски, како и на останатите момци и девојки заслужни за крајниот продукт, кој по тригодишна постпродукциска борба синоќа, на јубилејното 10. Издание на Македокс, ја виде светлината на денот. Всушност, онаму и каде му беше местото. Затоа, едно големо БРАВО за сите!
„Ој девојче, девојче, ти тетовско јаболче…“ не’ заплиснуваат од екранот звуците од познатата македонска песна додека линиите на автопатот не’ водат кон Тетово, градот во северозападна Македонија кој заедно со Скопје и Битола е еден од најзагадените во Европа. Цимер со краток во вовед во офф не’ вовлекува во приказната замислена од Билјана Гарванлиева, која по дијагностицирањето на ракот решила времето кое и’ преостанало претежно да го помине во Македонија, меѓу своите. Но, креативните луѓе не можат да седат мирно дури и во клучните моменти од својот живот, па така таа влегува во реализација на своето последно дело, својата „лебедова песна“, насловена „Тетовски самрак“, во кое на својствен начин сака да ги согледа состојбите со младите луѓе на овие простори, распнати меѓу југоносталгијата и национализмот, во градот под Шара кој во 2001 година беше на насловните страници на сите светски медиуми. Иако етничкиот конфликт е плодно тло за филмска нарација, особено познавајќи ги претходните дела на Гарванлиева, сепак, таа со својот партнер и соработник се одлучува за поинаков фокус, одбирајќи да ја раскажат приказната на тројца млади и перспективни тетовски жители, чиј светоглед е себе-реализација преку уметноста. Некои можеби помислиле дека постои опасност од едностраност во пристапот кон нештата, но филмот е веќе пред нас, и останува само да уживаме во него.
Самир Љума е на крстопатот од својот живот. Има билет за Доминиканската република, каде ќе работи во сафари парк претежно посетен од руски туристи. Заработката е загарантирана, но перспективата – дискутабилна. „Ќе се вратам и ако не ми е убаво, но и ако ми е убаво – сепак тука се моите родители, пријатели, се’ ми е тука“, размислува денес веќе реализираниот фотограф и еден од наградуваните директори на фотографија на мегауспешниот македонски документарец „Медена земја“. Ана-Марија е поддржувач на левото крило во политиката, и таа смета дека не треба по секоја цена да се замине во странство, туку напротив, да се остане овде и да се вложи сиот капацитет во градење на подобро општество. Активноста во црковниот хор е еден од нејзините издувни вентили, и тоа го прави совршено добро заедно со колешките од хорот „Менада“. Левичарење и црква не одат рака под рака, наидува на сеир кај нејзиниот роднина, чиј светоглед е спротивен од нејзиниот, но сепак сцената завршува со едно пријателско „cheers“. За момците од реге бендот Conquering lions, пак, нема дилема: тие се субкултурните херои во родниот град, и иако егзистенцијалниот момент кај повеќето од нив не е сјаен, сепак, графитите, скејтот и создавањето на прекрасна музика е врвот во нивниот живот. Постојано попречувани да вежбаат во гаражата која ја менуваат по седми пат, тие сепак зад себе имаат четири албуми и безброј концерти во Македонија и надвор од неа. Едноставно, Conquering lion ко да се од Јамајка и навистина звучат светски!
Токму ваквите факти отвораат прашања кои веројатно Гарванлиева поради нејзиното прерано заминување од овој свет не можела да ги доистражи, доразвие, досними, бидејќи сите овие теми се вредни за поголема посветеност при нивното крајно разголување и претставување пред публиката. Страста на Љума кон фотографијата е претставена само навидум, преку неговите градски фото-сесии низ секвенци. Ана-Марија има потенцијал за политички ангажман, тоа го констатираат за момент и нејзините пријатели, но во денешно време тешко е да се претстави чесен политичар кој би се залагал за вистински граѓански вредност во општество во слободен пад. Момците од Conquering lion, пак, се некаде на средина од приказната, но импонира нивниот избор да се занимаваат токму со ширење на реге културата во мулти-култи град како Тетово. Веројатно би било возбудливо да се истражат корените на една таква фасцинација кај овие дечки, кои во меѓувреме се обидуваат да преживеат доколку „фатат нешто“ во обложувалница.
Она што на крајот од овој филм останува како квалитет е постојаната игра со лајтмотивот „дали да се остане или да се замине“ претставен преку различни креативни решенија, кои само го збогатуваат колажот од можности како во реалниот живот на протагонистите, така и во рамките на филмскиот јазик на авторите. Проблемите со национализмот постојат и ќе постојат, градот е поделен и ние одиме во тие две-три наши кафулиња, а Албанците во нивните, вели еден спореден лик во филмот, а додека Ана-Марија пее една песна на албански јазик, камерата не’ вози низ срцето на градот кој изгледа прилично несредено. Затоа заминувањето на Љума на крајот од филмот, проследено со една силна хорска тема, може да предизвика солзи, затоа што сите ние, на крајот од краиштата, содржиме патетична нотка во својот ген, како мешавина од современото и античкото, оригиналното и кичестото, приземното и возвишеното… Сиот овој дуалитет Гарванлиева и Цимер совршено го доловиле во филмот, но сликата морате самите да ја составите во сопствената глава. Токму затоа и симболичниот наслов на овој текст – скејтот за ослободување, а ајварот за прочистување. И кога на крајот ќе додадеме дека за време на проекцијата на документарецот имавме неколкуминутна можност одблиску да го чуеме пеењето на оџите во Старата скопска чаршија, тогаш онаа познатата изрека дека „животот е филм, а филмот е живот“ станува пореална од кога и да е. За комплетирање на впечатокот, посетете ја фото изложбата во Чифте амам насловена „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“.