„Некои лица, некои предмети, некои предели се јавуваат во сеќавањето како светли траги во примракот за да не’ потсетуваат на времето фатено во мрежата на старите улици, исчезнати меѓу новите бетонски блокови на сегашноста. Со глув ѕвон одѕвонуваат старите имиња, исчезнуваат тие заедно со старите предели. И само сеќавањето понекогаш ги спасува од суровоста на заборавот, за да ни се вратат несмело, небаре се сеништа што тешко ја поднесуваат дневната светлина. Па така, старите предели се губат полека и засекогаш, заедно со старите имиња. Потонуваат тие во длабините на заборавот и во вировите на секојдневноста, како бродови со драгоцен товар што залудно го очекуваат случајот да ги отпрета од немирното дно на водата“.
Овој вовед во збирката раскази „Од онаа страна на заборавот“ (Македонска книга, 1975), иако наменски е пишуван за кратките книжевни вињети кои ги содржи книгата од средината на 70-те години на минатиот век, тој всушност на симболичен начин во целост ја карактеризира и новата збирка „Скопски дамари“, во која свое место најдоа и раскази од други книги на Благоја Иванов. Сеќавањето, исчезнувањето, заборавот… се клучните поими преку кои овој автор од повоената генерација на македонски писатели низ текот на целиот свој опус ја гради својата литерарна естетика, како хроничар на децениите пред и по Втората светска војна, тој меѓник кој го обележал како неговиот живот, така и судбините на генерации скопјани, кои пак недолго потоа ќе се соочат со уште една катастрофа, овој пат природна, скопскиот земјотрес во 1963 година, како уште еден премин од еден во друг период од бивствувањето на градот.
Со професорот Благоја Иванов не’ врзува еднодецениско пријателство чија врска ја започна мојата сопруга, Снежана Младеновска Анѓелков, една од омилените студентки во завршните години на неговиот работен век на ФДУ во Скопје. „Жане беше една од ретките која со задоволство ги прочита сите книги за време на студиите, и со која на долго и на широко дискутиравме за нив“ е констатацијата на професорот, кој со драго срце ја потпиша и рецензијата за нејзината прва книга, „Единаесет жени“ (ИЛИ-ИЛИ, 2011). Набргу потоа романот стана првото дебитантско издание кое ја доби престижната награда „Роман на годината“ на „Утрински весник“, со што широко ја отвори вратата за новата генерација македонски писатели за влез во зоната на книжевноста и нејзино суптилно трансформирање, пишувајќи современи приказни налик на било кој европски модерен автор во моментов. Издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ го препозна тој значаен момент и одигра голема улога со отвореноста кон новите дела и издавањето на истите, исто како што во овој момент ја препознава и важноста за издавање на оваа збирка со раскази, бидејќи сметаме дека треба и мора да постои книга од Благоја Иванов во рамките на едицијата „ПРОаЗА“, како потсетување токму на тие нови генерации дека македонската современа книжевност не е од вчера, туку си има свој богат историјат со децении наназад.
Пријателствувањето со Иванов го одржуваме со месечните дружби обично пред книжарницата ИЛИ-ИЛИ, каде низ кафе-муабет вообичаено јас сум слушателот, а тој хроничарот кој ме храни со непроценливи приказни од скопската историја. Тоа во еден момент ме инспирираше и да го напишам расказот „Задруга“ („Тивка анестезија“, Антолог, 2016) во кој ја овековечив токму оваа наша блиска комуникација, раскажувајќи парче од сеќавањето на писателот кое не’ навраќа на почетокот од петтата деценија од минатиот век. Меѓутоа, оваа книга е одење не само чекор понатаму, туку и нурнување длабоко во творештвото на еден од најзначајните македонски автори во минатиот век, и исфрлање на виделина на дел од неговите маестрални раскази од кои повеќето можат да се прочитаат единствено доколку од библиотеките позајмите некоја од неговите поранешни збирки со раскази.
Темата беше едноставна, „Скопје“, а Иванов е токму тоа, скопски раскажувач кој личностите, местата и настаните во своите приказни ги зачувува од заборавот. За тие потреби, едно убаво летно скопско утро тој ми донесе пет негови збирки за кои сметаше дека ги содржат расказите кои би ме испровоцирале да приредам едно ново видување на скопската историја, и по убавиот разговор кој служеше како вовед во она што ме очекува, сфатив дека, иако имам прочитано неколку книги од него, во моментот држам вистинско богатство во своите раце, и дека ме чека возбудлива книжевна авантура. По уживањето во прочитаното и неколкудневната селекција и пронаоѓањето на заеднички именител, пред вас се расказите за кои сметав дека треба да се најдат под ист покрив, како белег на времето во кое се пишувани, но и белег на времето кое никогаш нема да се повтори и да се врати назад.
Со збирката добиваме увид во децениите во кои Скопје имало свој автентичен мирис и вкус и кои во сеќавањата на скопјани се врежани како прекрасни години за живеење, преку приказни за старите маала и клучните точки кадешто луѓето секојденвно поминувале и битисувале, но и преку приказните за луѓето чии животни судбини отсекогаш предизвикувале внимание и биле одлична предлошка за книжевна обработка. Секако, не треба да заборавиме дека токму овој избор и редослед на избраните раскази истовремено е и одличен увид во творештвото на Иванов, кој од својата прва објава, „Седум умирања“ (Култура, 1956), па се’ до последната „Птиците од дворот“ (Слово, 2015), од книга во книга го бруси својот книжевен стил, преминувајќи од младешките експерименти налик на сценаријата на филмовите од „новиот француски бран“, во стилската едноставност и мудроста на документаристичкиот пристап својствени за автори на крајот од деветтата и почетокот од десеттата деценија од својот живот, со што го става рамо до рамо со светски величини од рангот на еден Г. Г. Маркес. Отсекогаш најтешко било да се постигне таа „проклета едноставност“ во раскажувањето, а Иванов тој принцип го доведува до совршенство, впрочем, како и при неговите раскажувања на истите приказни во четири очи, небаре сме дел од книгата „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери, каде книгите се забранети, а нивната содржина се пренесува усно на следното поколение.
„Скопски дамари“ започнува со поглавјето „Скопски незаборав“ кој содржи избор од десет маестрални книжевни вињети поместени во веќе споменатата книга „Од онаа страна на заборавот“ (1975), концептуално посветена на клучните градски точки во предвоено Скопје, но и она во првите години по војната. Честопати во сеќавањата на скопјани се провлекуваат градските одредници како „Бит-пазар “, “Првата машка гимназија“, „Офицерски дом“… места кои се’ уште постојат или кои се само дел од колективната меморија на жителите, и кои одиграле значајна улога во развојот на градската култура и начинот на живеење. Пишувани, според авторот, едно лето во Охрид во еден здив, беше навистина тешко да се избере кои кратки раскази да влезат во изборот, па на крајот пресуди општата препознатливост на местата, како чувство кое Иванов ни го пренесува за тоа никогаш непрежалено старо Скопје, во кое се’ било невино, како кога откривате нов свет преполн со можности, иако градот со векови наназад претставувал крстопат на култури, религии и цивилизации.
„Младо Скопје“ е второто тематско поглавје во кое имав намера да го претставам неговиот неверојатно авангарден пристап во раскажувањето за тоа време, 50-те години на минатиот век. Тоа се всушност и неговите книжевни почетоци, заедно со една плејада од автори како Славко Јаневски, Влада Урошевиќ, Димитар Солев и останатите писатели од повоената генерација, кои на нозе ја поставиле македонската современа книжевност, рамноправно конкурирајќи и’ на литературната сцена од соседните, братски републики. „Три прелудии“ (1954) со приказната за двете момчиња и заедничката пријателка, „Бегство“ (1957) со вљубениот двоец на крстопатот од својот живот и „Мала авантура“ (1960) во кој градската плажа на Вардар зазема посебно место, на Скопје му даваат поинаква перспектива, покажувајќи го сиот талент на авторот за навлегување во интимата на младите луѓе желни за промена, преиспитувајќи ги своите одлуки дури и тогаш кога за тоа нема потреба. Затоа, сметав дека насловот „Младо Скопје“ совршено соодвествува за овие три раскази во кои главна одредница е љубовта, но претставена на еден сосема поинаков начин од вообичаените текстови од тоа време. Истовремено, шестата деценија од минатиот век претставувала и нов почеток за повоената генерација, нов поглед кон иднината, која Иванов совршено ја доловува во овие три раскази, во кои не го избегнува и егзистенцијалниот момент во тоа време актуелен и во делата на Бекет, Пирандело, Ками…
„Семејно Скопје“ е насловот на третото поглавје кое содржи четири раскази. По младите и луди години, природно следат оние, семејните, во кои Иванов ни раскажува две прекрасни случувања со симболична големина, каде „Колепка“ (1981) и „Огледало“ (1984) се споевите кои ги држат семејните врски на цврсти основи, не дозволувајќи им лесно да се срушат, но и пренесувајќи ги семејните доблести на следните генерации пријатели и познаници како еден вид хипи заедништво, хипи комуна на делување која не треба воопшто да се потцени, бидејќи истата постојано продуцира вредности. „Татко“ (2005) , пак, е потресно животно сведоштво за малите-големи нешта во односите со нашите родители на кои не им придаваме значење, но подоцна испаѓаат клучни во многу нешта за понатамошниот развој на животните премрежија, додека „Птиците од дворот“ (2011) од истоимената збирка раскази издадена четири години подоцна веќе претставува влез во следното поглавје обележано со носталгија кон нештата на кои се сеќаваме, а кои физички одамна исчезнале од нашиот видокруг.
Четвротото и последно поглавје составено од четири раскази, насловено „Скопје како личност“, освен споменатата носталгија, низ приказните за неколку личности, скопјани, од различни децении на егзистирање во истиот град, ни дава приказ и на суштината на овој на сите нам драг простор, а тоа се токму луѓето, чии животни собитија и го сочинуваат она што се нарекува „душата на еден град“. Приказната за рускиот наставник Михаил Олењин во „Интуиција“ (2006), приказната за мајорот со златните еполети во „Средба“ (1957), потоа, онаа за „Велика“ (2012) и секако, неизбежната „Избришаните врвици од една карта“ (1985), иако пишувани во различни декади, сепак даваат целосна слика за градот (и околината) вклучувајќи ги сите историски, општествено-политички и животни премрежија низ кои требало да поминат главните протагонисти, за од нив да излезат како силни личности кои му гледаат на животот директно в очи, без никакви предрасуди.
И На крајот, секако, неколку збора и за насловот на книгата. Сметав дека сето она што го раскажува Иванов во своите приказни за Скопје, како ретко кој македонски писател, создава своевидна мапа на градот, карта од која извира животна сила составена од нерви и крвни садови за силна пулсација на урбаното битие, која содржи и разни пукнатини и шуплини пред кои не смее да се затворат очите и кои треба да се забележат и прераскажат. Така Скопје на суптилен начин станува засебен лик во оваа збирка раскази, град-личност кој секогаш е подготвен да ја покаже својата сила, „небаре сениште кое тешко ја поднесува дневната светлина“, но тој е и „брод со драгоцен товар“ на кој секогаш ќе му се навраќаме во нашите книжевни творби.
Со почит кон Скопје, и особено кон Благоја Иванов, Ви посакувам пријатно патување низ скопските книжевни дамари, засолнати од заборавот на ова посебно место, во оваа драгоцена книга.
Игор Анѓелков