Тунис, на работ од пустината

Има една песна од Електрични оргазам, која оди вака: „Црни континент јако ме привлачи, Каиро-Алжир-Адис-Абеба, још увек хоќу да идем у Мароко, у Сахари има пуно песка (рефрен) А-а-а, Африка, А-а-а, Африка-а-а“… и така натаму, кратка но ефектна песна сместена на легендарниот албум „Лишќе прекрива Лисабон“, кој ми е еден од омилените примероци во домашната ЛП-тека. Гиле и компанија уште на почетокот од 80-те пееја за желбата да тркнат до Црниот континент, и знам зошто. Стариот пес Вилијам Бароуз уште во 50-те и 60-те пишуваше за евтините „слатки“ нешта во мароканската Интерзона на Тангир, но ете, „београдските“ момци морале да спомнат уште пар работи во песната за да ги скријат вистинските намери 😊

Шега на страна, Африка отсекогаш играла на картата на мистиката, а тоа можевме да го видиме и на двете изложби во Музејот на Македонија, за кои импресиите можете да ги прочитате на следните линкови:

„Африка во Македонија“ во МРСМ

„Духовите на Африка“ во Старата скопска чаршија

Мојот контакт со Африка се случи во првите години од новиот милениум во рамките на една летна тура, не во комерцијалниот Египет (преку глава од пирамидите и Сфингата! 😊), туку во малиот и пријателски настроен и пријатен Тунис. Со групата од педесетина туристи со авион се спуштивме на врелиот аеродром во истоимениот главен град, каде влажноста беше енормна, а потоа со автобус бевме префрлени на крајбрежјето, близу градот Монастир. Комплексот хотели беше ексклузивен како и сите од таков вид, навистина имаше од пиле млеко, меѓутоа водите на Средоземното море не беа баш благопријатни за капење, а и постојано беше ветровито. Камиларот секој ден не’ прашуваше дали сакаме да јаваме, а ние љубезно го одбивавме, како и оние момци кои работеа со расните коњи со кои исто така можеше да се направи прошетка крај морето.

Ние се забавувавме со локалниот рибар кој секојдневно со велосипедот се спушташе крај морето, и иако не знаеше англиски, совршено се разбиравме, а малиот улов со кој си заминуваше редовно ни го покажуваше, дозволувајќи ни прекрасните мазни површини на уловените риби да поминат низ нашите прсти.

Секако, една од редовните забави на плажа е правењето кули од песок, а овој, медитерански ситен песок, беше како содаден за тоа. На крајот, од една од успешните кули уловени на фотографија испадна одлична корица за книгата „Замоци на гневот“ од Алесандро Барико, број 09 во едицијата „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ.

Тунис е најмалата држава по површина во рамките на земјите од Магреб на северот од Африка. На исток се граничи со Либија на покоен Гадафи, а на запад со Алжир. Туризмот им е совршено развиен, но по „Јасмин“ револуцијата во јануари 2011 година, која ги зафати повеќето арапски земји во регионот, веројатно работите се малку променети. Како и да е, за да се доживее оваа прекрасна земја, во рамките на 10-дневниот аранжан морате да доплатите додатни средства за тридневна тура за да ги посетите знаменитостите во поблиската и подалечната околина, и секако, одблизу да ја почувствувате величествената Сахара. Прв на мапата за посета беше велелепниот амфитеатар во градот Ел Џем, кој по убавината им парира на римскиот колосеум и на амфитеатарот во Пула. На листата на Унеско за значајно светско културно наследство е од 1979 година. Изграден во 238 година во тогашен Тисдрус, овој амфитеатар е во одлична состојба и ден-денес претставува гордост на Тунис.

Намената, освен туристичка, секако, му е и за културни настани, па неретко овде одржуваат концерти светски познати имиња. Во него се снимани дел од сцените за легендарниот филм „Животот на Брајан“ на Монти Пајтоновците, а постојано се користи за рекламни цели (Најк со легендарната реклама „Доброто против лошото“ од 90-те).

По Ел Џем, се движиме на работ од Сахара, можеме веќе да ја помирисаме и да ја видиме во далечина, но прво уживаме покрај соленото езеро Чот ел Џерид, или во превод „Лагуна во земјата на палмите“. Според легендите, овде е родена грчката божица Атена. Езерото преку лето е речиси пресушено, и само солта е онаа која доминира со околината, па авантуристите можат да го поминат со џип, иако велат дека таквиот потфат е опасен. Во зима, кога езерото е полно, локалците по него пловат со чамци.

За мене фасцинантно беше што од таа точка тука, крај езерото, бев најблизу во животот до Алжир, само 150 километри, и тоа морав да го овековечам. Зашто не е зафрканција да бидеш близу само 150 километри… до Алжир… што и да значи тоа 😊 😊 😊

Во предвечерјето стигнавме во градот Тозер, не’ сместија во еден хотел со палми, градот ко и секој друг мал град во Тунис (освен главниот), со мали продавнички, полицајци-сообраќајци, ретро моторичиња, ниски куќи и луксузни хотели за туристите, а во далечина, во предградијата, видлива сиромаштија. Но важно дел од пустината зад хотелот е адаптирана за голф терени со неприродно зеленило за околината. Нема лабаво. Јас, за жал, голф палките ги оставив во Скопје, а скапо ми беше да изнајмувам таму 😊, па останав да кулирам крај базенот, под палмите, на жешкото сахарско сонце, со коктел на масичката крај мене.

Најатрактивниот дел од турата се случи следниот ден, кога со џипови не’ однесоа на сахарските дини. Тунис е медитерански ориентирана држава со долг брег на Средоземјето, но една шестина од територијата е пустина, низ која нашиот возач, едно хепи типче кое постојано се смееше, возеше лудачки. „Мај френд, мај френд…“, а и како поинаку, кога фирмата му се вика „Лаки травел“ 🙂

Најпрво слеговме да ја видиме природната камила на која личеше едно брдо на работ од пустината, а потоа зашибавме низ дините, како на релито Париз-Дакар.

Крајната дестинација на турата беа се’ уште добро држечките филмски кулиси каде на крајот од 70-те Џорџ Лукас снимал дел од сцените за антологискиот „Војна на ѕвездите“. Не сум голем фан на серијалот, но ова сепак беа моменти за паметење.

На враќање назад, возачот ни посочи едно диво стадо од камили без стопан крај патот, што е реткост во Тунис, бидејќи пред стемнување не’ однесоа на јавање на камили во пустина, искуство од кое ми се преврте стомакот, бидејќи измачените и кутри животни требаше за последен пат да ги мачиме тој ден пред да падне ноќта, и тие едвај издржаа откако газдите ги скршија од тепање со камшиците во рацете. Never again!

Последниот ден, пред посетата на главниот град, на 20 километри од него влегуваме во прекрасното медитеранско гратче Сиди Бу Саид. Во местото доминираат сината и белата боја, и претежно е населено од уметници од различен калибар. Уличките се преполни со галерии, дуќанчиња, чајџилници, кафетерии, имате уметност во живо, како и неколку видиковци кон заливот од кои застанува здивот. Прекрасно доживување!

Сиди Бу Саид, освен за локалните уметници и филозофи, атрактивен за посета и живеење во минатото бил и за имиња како сликарот Пол Кле, францускиот филозоф Мишел Фуко, писателот Андре Жид, а едно време тука живеел и славниот окултист Алистер Кроули.

 

Во втората половина од денот следи и главниот град Тунис, врвулица од сообраќај и луѓе, низ микс од стара и нова архитектура. Најголемиот дел од времето го поминавме на градскиот пазар, преполн со тезги од кои се ширеше опојниот мирис на зачините, како заносниот шафран. Влезот во него е низ една стара капија, после која фантазиите се во деталите.

Главната авенија „Хабиб Бургиба„ завршува со позлатениот часовник-обелиск кој високо се крева кон небото, а на десната страна интересен е хотелот во форма на превртена пирамида, кој, не знам зошто, но многу ме потсетуваше на времето на Неврзаните.

И сосема на крајот, еден изненадувачки фин, неформален човечки муабет со нашиот виртуоз на пијано, Симон Трпчевски, кој исто така беше дел од оваа туниска авантура. Секако, најголем впечаток му оставил амфитеатарот во Ел Џем, каде би сакал еден ден да концертира, под ѕвезденото африканско небо. Срдечно му го посакав тоа, со мене во публиката, се насмеавме 🙂

Но, да споменам дека ова не беше сето она што го доживеавме во Тунис. Тука беше и посетата на автентичните Бербери, посетата на најголемата туниска џамија во Керуан, потоа, остатоците од неизбежниот, митски град Картагена, како и маестралниот археолошки музеј Бардо. Но, овие места заслужуваат засебни текстови 😉

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *