Нијанси кои би требало да ги задоволат нашите вкусови

По светската премиера во Токио, каде фановите најстрасно ги слават стрип-хероите на големото платно, третиот дел од супер-исплатливиот акционо-авантуристички бренд „Човекот пајак“ ја доживеа својата премиера и кај нас, во кината „Рамстор“, паралелно со премиерата во САД. Со речиси истата актерска екипа, во која како нови имиња фигурираат негативците во филмот, Томас Хејдн Чр’ч како Сендмен и Тофер Грејс како Веном, третото продолжение ни раскажува слична приказна како и претходниците, секако, со нијанси кои би требало да ги задоволат нашите вкусови.

Новина во новиот дел е темниот костум на Човекот-пајак, кој му дава поголема моќ, која само го насочува супер херојот во друг правец, притоа заборавајќи на благородната мисија во сопствениот град и на довербата што ја има кај сограѓаните, нешто слично како што се случува со домашните политичари, на пример. Нашите политиканти можеби се луѓе-пајаци со мрежи разгранати надолго и нашироко, но скраја да е дека Спајди во меѓувреме станал политичар. Не! Неговиот внатрешен дух и понатаму и’ е посветен на неговата голема љубов Мери Џејн која, кога ќе се најде на крстопат меѓу двајцата пријатели, го изневерува нашиот херој, за потоа повторно да му се врати (уште една позната градска приказна, нели).

Но, лесно му е на Спајдермен. Си има фина работа како фотограф во еден градски весник, си вози моторче, баба му му прави ручек, вљубен е, одвреме-навреме ќе истепа некој негативец, и сето тоа во метрополата Њујорк во која не дека нема проблеми, но колку-толку работите си функционираат. Баш се прашувам доколку адресата на супер-херојот, не-дај-боже-за-него, му беше „1000 Скопје“, од каде ќе почнеше со исправање на неправдите: од Градското собрание, Владата, Парламентот?

Како и да е, „Човекот пајак 3“ е блокбастер со сите салтанати, кој и покрај многуте фрлени пари не остана имун на пиратеријата овој пат благодарение на Кинезите, кои копијата на улица во Шангај, пред филмот да се појави во кината, ја продаваа за еден долар.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 5 јуни 2007 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *