Спајк Ли во Торино

И додека Италијанките нетрпеливо чекаа да се појави Тони Бандерас и да им ја облагороди саботната вечер, јас ја избрав соседната сала “Massimo” за да го конзумирам новиот “a Spike Lee joint”.

На Филмскиот фестивал во Торино има многу познати гости, а овие две имиња предизвикаа најголемо внимание кај публиката.

Вечниот фан на Њујорк Никс од првата паркет-линија беше видно расположен, и во негов стил се осврна на богатата кариера, од која посебно драг ми е првиот период од крајот на 80-те и почетокот на 90-те, кога уживавме во неговите филмови, како “Do the right thing”.

Тој раскажа за догодовштините на неговото семејство како прво афро-американско што се доселило во италијанско-американскиот Бруклин, за мајка му филмофил која го носела во кино и татко му музичар што ги направил саундтраците за неговите први филмови, за филмската школа во Њујорк во која завршил и Џармуш и во која денес предава…

…и ќе зборуваше уште многу, доколку сопругата која стоеше отстрана на излезот од киното не го опоменуваше дека треба да стигнат навреме на аеродром 🙂

Следеше проекцијата на актуелниот Спајк Ли филм “Highest 2 Lowest” со Дензел Вашингтон во главната улога, за модерен Њујорк, за музичката индустрија и надоаѓачката АИ музика без срце и душа… кој срдечно го препорачувам.