Сплит, коноба „Хваранин“

Гостите, или подобро, „одомаќинетите“ гости во коноба „Хваранин“ велат дека во оваа прекрасна сплитска кафеана (која се наоѓа на почетокот од старото маало Вели Варош, веднаш по завршетокот на Рива-та кон Марјан) се сретнуваат секој вторник веќе 15, односно 18 години, во зависност дали сеќавањата се повикуваат на почетокот или на крајот од дружбата. Но сите се сложуваат дека ова е вкупно 22 година по ред откако во 1997 година, на нечија иницијатива, веќе не се сеќаваат чија, но тоа не е ни важно, почнале да се собираат токму во овој термин, вторник навечер после осум часот, и така тоа прераснало во дружба со најдолга традиција во Хрватска во поново време.

Првите години дружбите стартувале во градска кавана „Белви“ на влезот од популарниот „Прокуратив“, каде со децении наназад се одржува Фестивалот на забавни мелодии „Сплит“, и каде се случиле и неколку изданија на популарниот „Причигин“. Но потоа помирниот „Хваранин“ се наметнал како идеално место за неформална дружба на сплитските писатели, новинари, издавачи и воопшто, луѓето кои стојат зад сплитската културна сцена веќе неколку децении наназад.

„Да не почнавме ние новинарите да пишуваме романи, ништо немаше да се придвижи во хрватската книжевност“ е вообичаената зафрканција меѓу нив, а како доказ ги имаат сите книги и награди кои можат да се видат на полиците и излогот на кафеаната. Традиционалната „Паштицада“ (говедско со њоки во сос) беше нивната препорака за вечера, иако не беа избегнати и порциите со морски плодови. Убава дружба направивме со Јурица Павичиќ, ценетиот сплитски новинар, писател и филмски критичар (чија книга „Овци од гипс“ набргу ќе излезе и на македонски јазик во издание на ИЛИ-ИЛИ), потоа, со Ренато Баретиќ, кој наградата за сјајниот роман „Осмиот повереник“ во Пула ја добил од рацете на тогаш се’ уште не-Нобеловецот Орхан Памук, и секако, со неизбежниот Анте Томиќ.

Се раскажаа безброј неверојатни локални приказни за разубавување на вторничните сплитски вечери: за автограмот од легендарниот Мате Парлов, за плакатот за филмот „Битката на Неретва“ на Вељко Булајиќ од Пабло Пикасо, за полугодишниот престој на Орсон Велс во 70-те во Сплит кога го снима еден од неговите безбројни нереализирани филмови, со жена му која е по потекло од Примоштен (инаку, многу лоша режисерка, според Павичиќ  ) итн, итн, приказни кои престојот во бисерот на Јадранот го прават незаборавен.

   

„Поздрави нам Македонију“, до некој следен пат, до некој следен вторник…