Жилиет Бинош ги освои срцата на Сплиќани

Доделени наградите на 12. Фестивал на медитерански филм Сплит

Синоќа во летното кино „Бачвице“ финишираше 12-то издание на „Фестивалот на медитерански филм Сплит“ (ФМФС), кој оваа година, освен Кинотеката „Златна врата“, доби и трето кино, во предворјето на „Домот на младите“, кое поради одличната посетеност, директорот Ален Мунитиќ најави дека ќе биде простор кој ќе го експлоатираат, секако, во позитивна смисла, и на следните фестивалски изданија. Оваа година ФМФС ги сруши сите досегашни рекорди на гледаност на роекциите, што значи дека фестивалот има нагорна развојна линија, а и како не би имал, кога јуни е полн со туристи, иако поголемиот дел од посетителите, според организаторот, го сочинуваат мештаните кои сè уште не се разбегале по околните острови. Фестивалот го затвори шведското остварување „Занесени“ на режисерите Манс Марлинд и Бјорн Штајн, кое беше надвор од компетиција, и оправдано, бидејќи оваа слатка приказна базирана врз вистинската приказна за војната меѓу два забавни парка за време на Втората светска војна беше баш филм за заокружување на сработеното во претходните десет фестивалски денови. Но, пред проекцијата се случи она што сите го очекуваа, доделувањето на наградите со симболично име „Јадица“.

Фестивалската публика оваа година своите гласови со најголема оценка му ги даде на францускиот „Онаа која ја замислуваш“ на режисерот Сафи Небу, во кој главната улога ја толкува заносната Жилиет Бинош. Приказната во која 48-годишната професорка Клер на социјалните мрежи се прикажува како двојно помладата Клара и почнува да се чувствува токму така, живеејќи паралелен, виртуелен живот, заведувајќи го Алекс кој верува во приказната, со право ја понесе главната фестивалска награда „Јадица“, бидејќи ова е филм чија цел е идентификацијата на публиката со главните ликови, додека кај фестивалски жирија истиот веројатно не би поминал толку добро. Но, Бинош е на врвот од својата богата кариера, и навистина е фантастична во ова остварување, па Мунитиќ вети дека ќе работат на тоа некоја од следните години француската дива да биде гостинка на ФМФС, за да ги заведе Сплиќани и во живо, не само од сребрениот екран.

Според гласовите на публиката, победници во останатите конкуренции се краткиот хрватски филм „Додека траеше Ролан Гарос“ на Снијежана Трибусон, среднометражниот „Онолку колку што ќе нè носат нозете“ на Рената Лучиќ и португалскиот „Куќа од стакло“ на Фелипе Мартинс во меѓународната конкуренција на кратки остварувања.

А фестивалското жири, составено од по еден шпански, српски и хрватски дистрибутер, беше задолжено за доделување на наградата „Јешке“ за најдобар краток хрватски филм во вредност од околу 800 евра. Според одлуката на жирито, наградата рамноправно ја добија два филма, „Степска лисица“ на Андрија Мардешиќ и „Струења“ на Катерина Дуда. „Special mention“, пак, доби краткиот хрватски филм „Мачката е секогаш женско“ на режисерскиот двоец Мартина Мештровиќ и Тања Вујасиновиќ.

Сума сумарум, 12. ФМФС понуди лепеза од актуелни филмски остварувања меѓу кои можевме да ја видиме лебедовата песна на Ањес Годар, неколку жестоки јужноамерикански остварувања, неизбежната соседна италијанска актуелна кинематографија, како и двете фестивалски изненадувања од воената Сирија. Фестивалот со одличен јунски термин и третман на младите домашни филмски сили станува сè попопуларен во регионот, и во следните години треба да се очекува негова уште поголема видливост. Благодарение на опуштената атмосфера и избегнувањето на вообичаените протоколарности (директорот секоја вечер ги претставуваше филмовите во бермуди и „хавајка“ кошули во различни бои), фестивалот на медитерански филмови во Сплит е навистина место на кое треба да се биде, било како гостин, било како учесник со својот филм (поддршка за македонските филмаџии да земат учество во некоја од следните фестивалски години, нема да погрешат!).

Интересно, организаторите не застануваат тука, бидејќи веќе од вторник продолжуваат со проектот насловен „Кино Медитеран“, кога низ 29 кина во исто толку градови на островите и на копно, ќе се прикаже дел од понуденото на годинашната фестивалска програма. Па, ако сте на одмор некаде на Јадранот, посетете некое од локалните кина, ќе имаат одлична филмска програма!

(Текстот е објавен на kinoteka.mk)