Вчера имавме несекојдневна можност, повеќето од присутните, за прв пат да влеземе во куќата во која во последните години од животот живеел и творел еден од великаните на нашата ликовна уметност, Лазар Личеноски. Објектот кој постојано сме го гледале и крај кој секогаш сме минувале кога патот не’ наведувал на кејот на Вардар, воодушевувајќи се на мозаикот кој го краси горниот балкон, овој пат можевме да го почувствуваме и одблизу, благодарение на изложбата на студентите од ФЛУ, во соработка со Националната галерија на Македонија, а со поддршка на Europe house.
Сместена веднаш до вилата „Живка“ која, уредно е запишано над влезот, датира од 1933 година, куќата на Личеноски се отвора за јавноста и претставува прекрасен потенцијал за нов изложбен простор, во кој уметниците ќе ја коментираат стварноста преку своите дела.
На отворањето на изложбата на кејот, Славица Јанешлиева укажа на важноста на овој момент бидејќи многумина Скопјани не ни знаат за овој објект. Во говорот таа не’ потсети и на обновувањето на Чифте амам пред 20-тина години, кога од распаднат објект се претвори во најубавиот изложбен простор и споменик на културата. Јас во мислите отидов и до објектот „Мала станица“, кога исто така во 90-те години тогашната актуелна уметничка сцена направи неколку изложби и инсталации кои на овој поранешен воен магацин му вдахнаа нов живот. А куќата на Личеноски и неговата околина навистина може да станат одличен мултимедијален центар поради отвореностa и местоположбата, и секако, поради значењето.
Конечно, по чекање во редот, дојде време за влез во куќата. Морници! На влезот не’ пречекаа студентите кои ни наплатија симболичен билет од 7 денари, бидејќи, како што пишуваше на него, „културата е скапа, некултурата уште поскапа“. Потоа сфативме дека тоа е еден од проектите на уметниците-студенти, кои добија несекојдневна можност да го облагородат легендарниот простор во кој живеел и творел уметникот.
Уште на влезот во просториите на долниот кат сфаќаме дека куќата е прилично руинирана, па на студентите им преостанало само да ги маркираат остатоците од минатото, реди-мејдите кои се од непроценливо значење, тук-таму поставувајќи по некоја поставка. Токму онака како што запишал и Стефан Јакимовски по повод своето дело насловено „Пауза“, но и Јанешлиева во текстот кон овој проект: „Сметавме дека не е соодветно да изложиме студентски дела кои се изработени на друга тематика и со друга мисла, а ѕидовите на интимните простории на Лазар и Зоја Личеноски да ги користиме како ѕидови на кој било галериски/музејски простор. Затоа одлучивме оваа изложба да се состои од дела кои се создадени и инспирирани од личноста и творештвото на Личеноски, од куќата и просторот, но и од односот кон културата и културното наследство“.
Некогашните кујна и купатило се на долниот кат, а врз заборавените артефакти идните уметници минимално интервенирале. Така, во кујнскиот шкаф на среде соба гледаме стакло од искршени чаши, термо печката е надвор од функција, но се’ уште тука, но може да се стоплите со прашливото ќебе на подот. Туширање не доаѓа предвид, бојлерот не е полн бидејќи струјата е скапа.
Во најголемите простории на првиот кат гледаме видео кое се надоврзува на зачуваниот мебел од минатото, но и две прекрасни слики на кои крвавите очи на субјектите како да повикуваат на реставрација и зачувување на спомените од заборав. Затоа што, само оној кој памети – постои!
Тука се сретнавме со драгиот Владимир Мартиновски („Милена, генерацијо!“), кој ни кажува дека како многу мал, во предшколска возраст, дедо му го донел да ја посети куќата на Личеноски, и речиси не се сеќава на ништо, но после толку години, еве, повторно посакал да се најде во овој магичен простор.
Се враќаме во ходникот под скалилата за горниот кат, каде беа поставени три слики како засадени в земја, со намера да фатат корен дури и во студениот мермер. Од другите богатства, гледаме врата која не води никаде, уште пар прекрасни мозаици заштитени со најлон, и прекрасна софа.
Време беше да се посети најатрактивниот дел, споменатиот балкон со поглед кон Вардар, облагороден со фасцинантниот мозаик. Ветрето пирка, сонцето е на задоволително ниво, а „Мека машина“ на Хајка од звучниците долу на одличен начин го микса минатото со сегашноста.
Интересно, освен од отворениот балкон, и внатре, во куќата, од каде и да погледнеш, од било кој агол од собите на првиот или вториот кат, матен Вардар е тука, мирно тече и тајни влече. Величествено!
На балконот, а потоа и во ходникот на горниот кат, наидуваме на артефакти како француски списанија за уметност, примерок од „Илустрована политика“, а фасцинантни се и старите рамки кои се насекаде околу нас, но и лустерите и останатите работи кои не’ враќаат во минатото како во временска машина.
Просторот под малите скалички во аголот е искористен за уметничка инсталација, пред да се влезе во грандиозното ателје, просторијата со најмногу светлина, во која има и најмногу поставки од студентите.
Покрај полиците и масичките за работа, најмаркантна оставштина е разбојот на кој е започнато новото дело, но за жал, истото останало недоработено, неисткаено, незавршено…
Од оваа просторија има прекрасен поглед кон Калето, и за жал, кон новокомпонираната зграда на Водовод. За среќа, таа не била тука за да му служи како инспирација на сликарот во минатото.
Во делот за одмор и кафенце, ја гледаме последната студентска инсталација, која алудира на немарноста кон уметноста, со белиот гулаб во кафезот како алузија на загубената слобода. Симпатично.
Симнувајќи се надолу по скалите, забележливи се уште неколку прекрасни детали кои претходно ни избегале од видот.
Конечно, надвор, во дворот, каде во очи паѓа скулптурата која како да е сплотена со природното опкружување и Вардар потаму, како да била меѓник меѓу влезот во куќата-портал каде гордо стои разрушениот летниковец, и реката која постојано навира емоции.
Се’ на се’, убаво искуство беше посетата на спомен-куќата на Личеноски. Објектот во подножјето на скопското кале од 2015 е во државна сопственост, како дел од Националната галерија на Северна Македонија. Основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во „Музеј Лазар Личеноски“ е во надлежност на Конзерваторскиот центар Скопје. Преадаптацијата, конзервацијата и ревитализацијата се прават од 2015, при што се завршени повеќе важни фази. Се надевам дека по оваа изложба-иницијатива ќе продолжи да живее како културен простор кој ќе спојува (уметнички) светови.