Триумф на волјата и спортскиот дух

Спортски драми на целулоидната лента

На секои четири години месеците јуни и јули се резервирани за „најважната споредна работа на светот“ благодарение на фудбалскиот циркус кој привлекува многу гледачи од сите возрасти. Годинава на ред беше Европското фудбалско првенство, кое, за жал, се одложи за следната, 2021 година. Истата констатација важи и за Олимписките игри – Токио, и покрај цврстиот став дека ќе има игри во 2020 година, сепак, потклекна под притисокот. Овој текст ја истражува врската помеѓу „филмот и спортот“, потсетувајќи се на најдобрите остварувања во кои на главните херои од големото платно љубовта кон спортската игра им значи сè. И, резултатот е фантастичен, бидејќи сигурно со задоволство и низ насмевка ќе се сетите на најголемиот дел од насловите, што, покрај спортската драма, неретко се одраз и на политичките и општествените промени на времето во кое се одвиваат 

„ПОБЕДА“ на Џон Хјустон

Едно од последните остварувања во неговата богата кариера великанот Џон Хјустон реши да го посвети на сторија во која фудбалот претставува повеќе од игра, симболички алудирајќи на бегството кон безграничната и безусловна слобода. За реализација на овој интересен проект му требаше помош од најдобрите, па така, за потребите на филмот, тој успеа да ги добие бразилскиот виртуоз и освојувачот на три светски титули, Пеле, потоа Боби Мур, капитенот на шампионската генерација на Англија од 1966 година, како и аргентинската фудбалска ѕвезда Освалдо Ардилјес. Кога на оваа „ол стар“ екипа им се приклучија тогаш сè уште младиот Силвестер Сталоне и секогаш исклучителниот Мајкл Кејн, легендата за филмот беше комплетирана.

Приказната во оваа возбудлива драма сместена за време на Втората светска војна ни раскажува за планираниот фудбалски меч на парискиот стадион меѓу заробените војници на Алијансата и нацистите, замисла на екс-фудбалерот, мајорот Карл фон Штајнер (Фон Сидов), што тој сака да го искористи во пропагандни цели. Но, така не размислуваат и избраните 11 од противничкиот табор, кои насетуваат одлична шанса за бегство. Тензија,
возбудливост и триумф на заедничкиот дух се чувствата што преовладуваат по гледањето на ова незаборавно остварување.

„СТРАВОТ НА ГОЛМАНОТ ОД ПЕНАЛ“ на Вим Вендерс

За разлика од Џон Хјустон, германскиот класик Вим Вендерс на почетокот од својата кариера сними филм во кој главниот лик е поранешен голман, кој по напуштањето на својата најголема љубов, фудбалот, скита од град до град, обидувајќи се да најде смисла во животот. По една случајна средба со привлечна девојка, тие ја минуваат ноќта заедно, но следното утро, при првите сончеви зраци, тој силно ги стегнува рацете околу нејзиниот врат, влегувајќи во темна зона што ни самиот не може да си ја протолкува.

https://www.youtube.com/watch?v=k-2-mkl4IJ4&list=PLS3YE9brIKullc48kvVxvyc5IHjWLlMXd

Снимен според истоимениот роман на почитуваниот германски писател, Нобеловецот Петер Хандке, кој го потпиша и сценариото за филмот, инаку редовен соработник на Вендерс и во подоцнежната фаза, ова остварување за социјалниот аутсајдер Јозеф Блох стресе многумина, прикажувајќи ја и другата, мрачна страна на еден спортист надвор од контекстот во кој единствено може да преживее – фудбалската игра. Фудбалот како неминовност и како судбина за многумина е тема што ја потресе и модерната Германија,
кога голманот на екипата „Хановер 96“, Роберт Енке, си го одзеде животот, оставајќи зад себе многу прашалници што неговото семејство и фановите и ден-денес не можат
да ги одгатнат.

„КОЈА БИЛО НЕДЕЛА“ на Оливер Стоун

Фудбалот, но американскиот (или по нашински: рагбито, иако има огромна разлика меѓу нив), претставува гордост за граѓаните на САД. Тој е најпопуларниот спорт од другата страна на Атлантикот, натпревар што од протагонистите бара ум, сила и снаодливост како да се стигне со топката со чуден облик зад линијата како крајна цел. Оваа игра со нејзината грациозност и деликатност е како создадена за големиот екран, но и за автор како Оливер Стоун, кој знаеше како да ги прочита нејзините скриени кодови.

Драмата од 1999 година е бомбастично филмско парче преполно со крв, пот и солзи. Режисерот во исто време ни ги прикажува сите убавини, но и сите подлости на овој спорт, што најчесто знае да биде бескрупулозен и безмилосен кон своите деца. Максималната професионализација и големите пари што од фудбалерите направија вистински медиумски ѕвезди (истото му се случува  и на „регуларниот“ фудбал) си го направија своето, па приказната честопати знае да заврши со несреќен крај, а токму тоа го истражува и Стоун во својот филм, кој претставува 100% адреналин директно вбризган во вашиот филмофилски ум.

„ОГНЕНИ КОЧИИ“ на Хју Хадсон

Олимписките игри како врвен спортски настан заземаат посебно место во срцата на учесниците. Можеби затоа драмата на Хју Хадсон од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век толку доминираше на доделувањето на „Оскарите“, каде што се закити со четири статуетки: најдобар филм, оригинално сценарио, костимографија и најдобра филмска музика.

Базиран според вистинит настан, овој филм нè води во светот на двајца врвни атлетичари, кои на ОИ во Париз во 1924 година сакаат да го достигнат врвот во својата кариера, освојувајќи го скапоцениот златен медал. Ерик Лидел (Чарлсон) е Шкот, христијанин кој длабоко верува дека ќе се искачи високо на пиедесталот. Харолд Ејбрахамс (Корс), пак, е Англичанец-Евреин кој сака да докаже дека неговиот народ воопшто не е инфериорен на спортски план. Низ паралелното дејство режисерот нè внесува во светот на обајцата протагонисти, свет исполнет со посветеност, интегритет и жртвување само за една цел – желбата за победа. Овие страсни моменти совршено ги
отсликува камерата на Дејвид Воткин, како и заразната музика на Вангелис.

„ШАМПИОНОТ“ на Франко Зафирели

Многумина, а особено понежниот пол, боксот не го сметаат за спорт. Но, откако генијот Клинт Иствуд без предрасуди ни го фрли пред очи оскаровецот „Девојка од милион долари“, во кој Хилари Свонк удира многу подобро од повеќето мажи, работите малку се сменија. Во филмската историја имаме еден куп успешни примери за екранизација на животот на славните боксери на големото платно (се сеќаваме на „Разјарениот бик“ на
Мартин Скорсезе, со Роберт де Ниро како легендарниот Џејк Ла Мота), но меѓу мноштвото наслови ние го избравме филмот на Зафирели од едноставна причина што без проблеми измамува солзи кај гледачите на крајот од проекцијата, а тоа понекогаш е толку потребно за успешно заокружување на приказната.

„Полноќниот каубој“ Џон Војт е идеален во улогата на Били, пропаднат боксер кој преживува од борба до борба како боксерска вреќа, заработувајќи за хонорар што набргу се претвора во илјадници лименки испиено пиво. Работите ќе тргнат кон подобро кога на неофицијалната турнеја со него ќе дојде малиот Ти-Џеј, синот од пропаднатиот брак, кој тотално ќе го смени светогледот на разнишаниот боксер. Инаку, се работи за римејк на
истоимениот оригинал од 1931 година, кој на актерот Волис Бири му го донесе „Оскарот“.

„РОЛЕРБОЛ“ на Норман Џуисон

И за крај, менуваме лента, бидејќи следува она вистинското. Се сеќавам како вчера да беше. Здодевната Новогодишна ноќ исполнета со шлагери видени стотици пати единствено можеа да ја разбијат најавените пополноќни филмови. Веќе неколку денови на црно-белиот телевизор се вртеше најавата за премиерата на филмското откровение пред неколку сезони, научно-фантастичниот филм „Ролербол“. Само што помина првата криза за спиење, шоуто можеше да почне. Филмот на Норман Џуисон од средината на 70-те години докажа дека спортската игра сместена во ес-еф жанрот може да го коментира сето она што се случуваше во поствиетнамска Америка. На земјата ѝ требаа херои, а спортот го нуди тоа во изобилство. Интересно, филмската година е 2018, насилството е
сведено на минимум, а гладната толпа за крв и насилство ги задоволува своите страсти со новиот спорт „Ролербол“.

„Џонатан, Џонатан…“, извикува на крајот излудената публика, која сфаќа дека еден човек (спортист) може да ѝ пркоси на власта, да биде над политиката и со својата супериорна игра да владее со светот, така менувајќи го текот на однапред зацртаната историја. Совршена утопија!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *