Да си во Сплит, а да не го посетиш Пољуд, храмот на Хајдук, или сплитските „били“, иако е сезонска пауза, навистина е грев. Стадионот кој асоцира на школка со отворен поглед кон морето над јужната трибина, изграден за потребите на Медитеранските игри во 1979 година, долги години беше најубавиот европски, па и светски стадион, чудо на архитектурата, со кровна конструкција која се држи самата, без додатни столбови.
Како се приближувам кон Пољуд, се’ почести се графитите на градските ѕидови, впрочем, како и низ целиот Сплит. Од левата страна на Пољуд, веднаш преку улица, се крева т.н. „Кинески ѕид“, огромен блок од сиви згради, во кој живеел Дино Дворник, кој музичката кариера ја започнува со бендот, погодувате, „Кинески ѕид“. На влезот пред официјалните клупски простории ме пречекува скулптурата на легендата на клубот, Бернард Вукас, но и спомен плочата со постигнатите атлетски рекорди на стадионот. Тука е и фан шопот, со асортиман од гаќи, бањарки, јадранки, преку дресови, вина, книги, и секако, новиот „балун“ за претстојната сезона. Во манир на големите европски клубови, и Хајдук веќе одредено време организира тура низ музејот создаден за таа намена.
Само што ја завршил полчасовната тура со 20 словенечки туристи, водичот Франо ме презема мене во следниот термин. „Ипак је лито, нема много интересената“, ми вели. Турата започнува во големиот хол во кој доминира слоганот „Хајдук живи вјечно“ надополнет со клупски фотографии од првите години по основањето во 1911 година (се сеќавате на серијата „Вело мисто“, нели). Потоа следи витрината со трофеите на младинците на Хајдук во 10 категории со преку 1500 пехари. Е потоа влегуваме во главната трофејна соба. Хајдук има освоено вкупно 18 титули првак (5 во Кралство СХС и во меѓупериодот за време на Втората светска војна, 7 во Југославија и 6 во Хрватска), како и 21 куп (15 во Југославија и 6 во Хрватска). Најзначајниот трофеј , секако, е пехарот од последниот Куп на Југославија од 1991 година, на кој се испишани сите дотогашни победници. Со голот на Бокшиќ, Хајдук во годината пред распаѓањето на поранешната држава ја совлада Црвена ѕвезда со 1-0 на стадионот „ЈНА“ во Белград. Потоа пехарот бил чуван закопан 20 години под земја, за откако и официјално престанала да постои било каква држава со име „Југославија“ да биде изваден од бункер и изложен во клупските витрини. Тука е, секако, и „светиот грал“, првиот освоен трофеј од 1912 година, како и засебен пехар за годините 1941 (Бановина Хрватска), 1945 (ФД Хрватска) и 1946 (НР Хрватска), кои на Хајдук му се признаени во 90-те години од минатиот век.
Токму од тој период датира и најинтересната приказна во историјата на клубот, кога Хајдук најпрво одбива да игра во италијанската лига (Сплит го окупирале Италијаните во 1941), а подоцна, кога се формирала НДХ, загрепските клубови ХАШК и Граѓански (кои во 90-те Туѓман сакаше да ги прилепи за Динамо за овој да биде постар од Хајдук) сакале и Хајдук да му се приклучи на првенството, но сите играчи заминале во партизани. Клубот повторно тајно е формиран на островот Вис во 1944 година, а на покана на сојузниците на 23 септември истата година играат пријателски натпревар со репрезентацијата на британската армија пред 50 илјади гледачи во Бари, настан кој силно одекнал во Европа. Хајдук губи со 7-2, но на реваншот некој месец подоцна, во Сплит победува со 1-0. Клубот потоа тргнува на турнеја во Египет, Палестина, Либан, Сирија и на Малта, за што е одликуван од генералот Шарл де Гол со титулата „почесен клуб на слободна Франција“.
Франо ја продолжува турата покажувајќи ми ги дресовите на славната генерација на Хајдук од 70-те, од која како мал имав топка на која беа Шурјак, Мужиниќ, Перузовиќ и останатите фраери кои ги знаев наизуст, и кои им пркосеа на силните европски тимови, за жал, без краен успех (пораз во две европски полуфиналиња од англиските клубови Тотенхем и Лидс), како и дресот од прославата на 100-годишнината на клубот, кога во 2011 играа со Славија Прага (клубот е основан од сплитски студенти на прашки факултети) и со Барса на Пољуд. Меѓу изложените експонати е и еден медал од Вардар од 1987 година, кога генерацијата на Панчев станаа шампиони, пријателски гест меѓу два клуба. Потоа влегуваме во прес центарот каде и официјално станав новото засилување на Хајдук за следната сезона. Досегашни Македонци кои го носеле дресот на Хајдук се Ванчо Балевски, Драги Сетинов, Гоце Седлоски, Игор Кралевски… и во поново време, Мирко Ивановски. На крајот од турата, конечно, пет минути на тревникот на легендарниот Пољуд, за спомен и долго сеќавање.
На излез Франо ми објаснува дека на враќање кон центар, од десната страна ќе го видам старото игралиште на Хајдук, на кое играл до 1979 година. На него деновиве се играат ревијални рагби мечеви, а останата е само едната трибина (втората е срушена) на која се поставени столчиња. Интересно, веднаш до стариот стадион е „Дом здравља“ во чии рамки била сплитската гинекологија, во која се родени многу генерации на хајдукови фудбалери. „Па нормално, прво нешто ќa су видјели бебе док су чекали оца да их посјети преко прозора биa је нoгoмитни тјерен“, пoентирa низ насмевка жестокиот Хајдуковец.