Квантитативно скромно, но квалитативно вредно и сугестивно, „Бункерци“ веќе пет години ја трасираат својата издавачка патека со неколку стрип-изданија на македонски јазик во едицијата „Апсолутни почетници“. Сосема логично беше вака симпатично насловената едиција во своите пазуви да го вдоми и прекрасниот стрип на мајсторот Рајнхард Клајст, со чиј „Олимписки сон“ и почнаа да ја градат нивната стрип-бајка. Германскиот автор својата интернационална препознатливост ја достигна токму со графичките романи посветени на музичките ѕвезди како Елвис Присли, Џони Кеш, Ник Кејв… меѓу кои најновото дело, издадено лани, му го посвети на најголемата поп икона на 20 век, што значи дека во рацете држите прилично тазе производ.
„Боуви. Човекот од ѕвездите – ерата на Зиги Ѕвездената прашина“ е објавен по повод 50-годишнината од излегувањето на култниот албум „The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars“, еден од првите концептуални албуми кој рокенролот го претвори во уметност. После неговото излегување веќе ништо не беше исто. Ерата на глам-рокот со сите негови доблести и мани е една од највпечатливите во музичката историја, и освен бројните артефакти поврзани со случувањата во 70-те години на минатиот век, редно беше на сето тоа да се погледне и низ очите на деветтата уметност.
Воден од желбата преку својата музика, или подобро, преку својата уметност да му пружи рака на непознатиот пред себе, Боуви многу рано ја сфаќа потребата од појавување на некој кој не е од овде, потребата од оној Другиот, Непознатиот, кој може да не’ спаси од осаменоста во овој свет. Има нешто заводливо во привлекувањето на изгубените души под своја закрила, оние кои не се задоволни од себе и околината, а чувствуваат дека имаат потенцијал. Ним им треба ѕвезда-водилка, светлина преку која ќе сфатат дека се поинакви, и дека нема потреба да се срамат од тоа, напротив. Во тој момент на сцената стапнува Зиги – „месија вонземјанин кој со својата музика го навестува спасот на човештвото. Пророк од светло, шминка и секс. И неговиот бенд, Пајаците од Марс“.
Концептот и целта се сосема јасни – потребни се пет години за трансформација, која или ќе те качи на врвот од светот или ќе те турне на самото дно. Затоа стартот на оваа стрип-приказна е во знакот на првата тема „Five years“ која го отвора албумот. Интересно, пет години беа поминати и од официјалното појавување на Боуви на музичката сцена по издавањето на првиот истоимен албум во 1967, по кој следеа уште четири албуми со кои не стекнал баш голема популарност колку што тој посакувал. Но, во втората, Зиги-петолетка за време на која музичарот издава дури шест албуми, тој истовремено го возвишува рокенролот, кревајќи го на едно повисоко квалитативно ниво, а потоа свесно и го погребува, по што исчезнува од лицето на Земјата и влегува во својата следна, експериментална берлинска фаза (најавена како следен предизвик за графички роман). Оттаму на самиот влез во оваа сторија се соочуваме со интригантната и индикативна мисла на славниот „Квака-22“ писател Курт Вонегат, кој вели: „Ние сме она што се претвораме дека сме, затоа мора да внимаваме во што се претвораме“.
Секако, за успехот не била клучна само креативноста на Боуви, туку и целата екипа која стоела зад него. Менаџерот Тони Дефриз ги кажува вистинските зборови: „Не се секирај за тие пар сељаци кои сакаат само нешто што го познаваат. Младите луѓе се подготвени за промена, подготвени да ја примат твојата нова уметност, твојот нов поглед на светот“. Овие фрази, кои сме ги читале и во безбројните авторизирани и неавторизирани биографии за музичарот, којзнае дали се вистинити или не, но тоа воопшто и не е важно. Важна е умешноста на авторот на стрипот да пронајде начин и да ни ги долови моментите на запознавањето на Боуви со Марк Болан (сјајна епизода!), со Лу Рид и Иги Поп во култниот њујоршки клуб „Макс Канзас сити“ („Цигара?“ еден ептен џармушовски момент 😊), и секако, со поп-арт гуруто Енди Ворхол и сета таа њујоршка уметничка сцена која извршила огромно влијание врз светогледот на британскиот музичар. Во времето кога владееле Битлси и Стоунси не било лесно да се пробиеш и да ги стекнеш Ворхоловите „15 минути слава“. Боуви на ова одлично реплицираше веднаш по излегувањето од Зиги Стардаст фазата со „можеме да бидеме херои само на еден ден“ („Heroes“).
Ништо чудно и најдолговечната британска премиерка Маргарет Тачер да била инспирирана од Боуви, кој го наметна мислењето дека само преку трансформација на нештата можат да се случат и политичко-општествено-социјални промени. Лидерката на Конзервативците не била толку слободоумна по тоа прашање, но, како се вели: уметноста цути токму кога нештата не се сјајни, а таков беше случајот и со Велика Британија под палката на „железната лејди“. Откако дојде на чело на партијата во 1975 година, се случија панкот, пост-панкот, њу вејвот, дарк вејвот… и сето она што и ден-денес со задоволство го голтаме веќе како класика на популарната култура.
Но, овој графички роман не е само разголена глорификација на славниот период на британската музичка ѕвезда. Сценаристот и цртач Рајнхард Клајст добро ја познава човековата психологија и знае дека ништо не се одвива случајно. Тој феноменално ја контекстуализира потребата од појавување на една ваква приказна во поп милјето, раскажувајќи ни го и сето она што претходело на успешноста на овој потфат, како револуционерната 1968 година, Аполо мисиите на Месечината, филмот „Одисеја 2001“ на Стенли Кјубрик… Се’ се тоа значајни културолошки референци кои го збогатуваат стрипот давајќи му ја потребната длабочина. И најважно од се’, во црно-белите реминисценции се враќаме и во детството на Боуви во здодевниот Бромли, каде живее со конзервативните родители, како и на многу значајниот однос со постариот брат, подоцна параноиден шизофреник, кој бил негов прозорец кон светот на џезот и клупските свирки (му ја посветува темата „All the Madman“), каде се случува и љубовта кон саксот како инструмент. Во тие кратки стрип-вињети неодминлив е и случајот со тепачката за девојката, по кој Дејвид со двете различни бои на зениците на очите го добива оној изглед како да не е одовде, случај по кој за прв пат се соочуваме и со џентлменството на Британецот, кој беше и остана тоа се’ до последниот ден.
И на самиот крај, да се вратам на самиот почеток и да се надоврзам на трите точки од насловот на текстот… Да, ништо не учиме од историјата, Земјата е тажен и прекрасен свет и ништо не можеме да сториме околу тоа. Човештвото повторно доживува екстремни пиздарии: светска пандемија, војна во Украина, енергетска криза… а токму тоа повторно ја наметнува потребата од лик како Дејвид Боуви, кој преку својата музика, и воопшто, како впечатлива медиумска појава, влеваше надеж во сите нас. Но, овој камелеон навреме ги предвиде истите пиздарии кои сега се случуваат и бомбастично тивко се повлече од сцената на која „уметноста е живот, а животот уметност“, оставајќи зад себе наследство кое ќе инспирира уште многу следни генерации.
Какво само заминување беше тоа… Blackstar… до вечноста… и назад… во нашите срца!
Пингување: 2022 was a bittersweet year for European comics · Global Voices – European Art News
Пингување: Графичкиот роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“ издаден на македонски јазик
Пингување: El 2022 fue un año agridulce para el cómic europeo – Revista Mi Patria
Пингување: 2022 foi um ano amargo para os quadrinhos europeus · Global Voices em Português
Пингување: 2022 was a bittersweet year for European comics – www.magazine.wales