Кротка постновогодишна приказна

Знаев дека не требаше да го исчистам оџакот. Кон крајот на (веќе) минатата година не посакав никаков подарок, и мислев дека ќе си бидам раат на првиот ден од новата година, но утрово тој веќе беше влезен во дневна, си се распослал на масата, мрцнал од „руската“ и, секако, веднаш ми побара и ракиичка. Оф, а јас се’ уште мамурен од ноќеска. Јбг.

– Ај наздравје.

– Наздравје.

Драгоцената утринска течност отиде наискап, Дедо Мраз веднаш побара да му ставам уште една, и почна да вади нешто од торбата.

– Имам нешто за тебе!

– Што ти требало, овој пат не посакав ништо!?

– Дај не зезај, знам дека сакаш плочи. 2022 година беше умен, заслужуваш!

И извади не една, туку две плочи.

– Ајдееее, изгледа стварно сум бил умен. Иги Поп! – крикнав.

– Се сеќавам дека мејлот ти е токму „igipop“, па претпоставив дека ќе сакаш нешто од него. Тој најави нов албум за годинава, но мислам дека треба да го чуеш ова од 2019 година. Старото панкериште, после 50 години кариера, конечно, покрај океанот, го пронаоѓа својот внатрешен мир, и изјавува дека е „FREEЕЕЕЕЕЕЕЕ“!

– Супер, знам дека ова е добар албум, фала ти. Ама што ти требала Мадона?!?

– Ова е најдобриот поп албум во минатиот век. Знаеш дека го правеше со Вилијам Орбит.

– Е па што не ми го донесе ланскиот негов, нов после толку време?

– На човекот мозокот му е спржен од многу хемија, и тоа на ништо не личи. Ова му е врвот. По „Strange Cargo“ серијалот, го прави албумов со Мадона, и тоа е она вистинското испраќање на стариот и влезот во новиот милениум. Ти текнува? Со брзина на светлината.

– Добро, да, ја сакам насловната „Ray of light“, признавам.

– И остатокот од албумот не е лош.

– Друже, ти како релевантен музички критичар, се’ ми објасни 😃

– Будно пратим! Ајде, уживај.

Ја голтна набрзина и втората чашка, се брцна назад во оџакот и веќе замина кон следната дестинација. На мене не ми остана ништо друго освен да уживам во новите плочи, меѓу себе музички сосема спротиставени, но со заедничка нишка: нивната магија ќе ме внесe со убава мисла и енергија во новата, 2023 година.  

Луѓе, среќни празници!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *