Деновиве во центарот на градот, на улицата „Македонија“, се одржа фестивалот на емоциите и сеќавањата. Случајните минувачи и патниците-намерници можеа да видат и со нив да стапат во интеркација со десет различни улични живи статуи, чии костимирани приказни ги симболизираа прекинатите врски. Инспириран од популарниот загрепски „Музеј на прекинати врски“, кој го посетив неодамна и за кој набргу ќе можете да прочитате токму овде, на „Херој“, настанот е вистинско освежување на централното градско јадро, кое мора секогаш да осмислува нови начини за да ги анимира своите граѓани, но и туристите кои се во посета на метрополата. Тоа мора да се случува, ако не секој ден, тогаш секој викенд, за Скопје да заличи на главен град, место кое ќе биде на мапата на европски градови кои со задоволство ќе мораат да бидат посетени од оние кои го живеат животот во постојано движење.
Се разбира, најатрактивна беше креацијата на Курт Коебин. Децата сакаа да го допрат чичкото кој беше во „лејзи“ фазон, потпрен на уличната светилка, со гитарата во рацете и цигарче во устата. Кога застанав да се сликнам со него, го испеав стихот од истоимената песна „I’m on a plain…“, а момакот Курт се надоврза: „I can’t complain“… Супер!!!
Втората атрактивна фигура беше писателот со старата машина за чукање, како најсоодветна тематска поставка на отворено. Токму писателот е оној кој може најдобро да ги обликува приказните за раскинатите врски, за заминувањата и повторните враќања, за циклусот на животот кој оди до недоглед, и назад. Овој писател можеби е се’ уште „зелен“, но сигурен сум дека ќе собере добри приказни во овие три дена за да може да напише барем еден добар расказ. Ако не и повеќе.
„Некои врски прекинуваат, ете така, сами од себе, молчешкум. Едноставно и просто – заминуваат. Всушност ние, луѓето ги прекинуваме, верувајќи во подобро за нас, кое, потоа и го бараме. И го наоѓаме. И тоа, подоброто го прекинуваме – за уште подобро од него. За најдоборото. И најдоброто го наоѓаме“, вели текстот кој го најави настанот, и во тој дух се и останатите креации кои можеа да се видат на централната градска улица од 16 до 18 мај, како потсетување дека животот тече и понатаму, и дека градот мора да биде динамичен и постојано да се менува, да им нуди содржина на своите граѓани, зашто само на тој начин љубовта ќе може да му биде возвратена со иста мера.