Летото е период кога кино-публиката се ориентира кон гледање хитчиња, па затоа стратегијата на филмските дистрибутери е едноставна: инсистирање исклучиво на акциони трилери, кои доминираат во овој период од годината. Еден од нив е и филмот „Укради и бегај“, кој всушност би било подобро да бил преведен како „Јавачи“, меѓутоа, користењето на најславното младешко мото на минатиот век, сепак, звучело поатрактивно и позаводливо. Исто така, еден од рекламните слогани за филмот гласи: „Од режисерот на филмот „Такси“, Жерар Пирес!“, што за многумина ќе претставува провокација да го гледаат филмот, кој, на крајот од краиштата, и не е толку лош, иако ликовите, приказната, монтажата и режијата се крајно типизирани.
Слим (Стивен Дорф), Отис (Кле Бенет), Френк (Стивен Мекарти) и Алекс (Карен Клише) се група пријатели што сакаат навреме да си го остварат животниот сон, впуштајќи се во реализација на планот кој предвидува ограбување на пет банки за исто толку денови, секој пат користејќи различен екстремен спорт. Тие се уметници на бегството, но до средината од планот, кога дел од нивните интриги ќе бидат откриени, ќе мораат паралелно да работат и а полицијата која ги гони, но и за мафијата чии обврзници од 20 милиони долари случајно ќе се најдат во нивните раце.
Мајсторот на акцијата, како што го нарекуваат во Франција, режисерот Жерар Пирес, и во овој филм е на висина од задачата. Максималната тензија во текот на целото дејствие, како и во неговиот најголем успех, филмот „Такси“ (1998), и овој пат ја одржува со постојаното менување на начинот на акцијата, користејќи ги екстремните спортови кои се широко популарни насекаде низ светот: лудо возење со ролери низ густиот градски метеж, банџи-скокање, висинско искачување, како и одличното управување со лесните и тешките возила во акционите сцени од филмот.
Во ситуација кога акцијата е во преден план, сценаристот и нема многу тешка задача, па затоа се’ што излегува како реплика од устата на ликовите се кратки, јасни и прецизни фрази. Таквата поставеност на нештата во некои други филмови создаде култни ликови во филмската историја што долго потоа се паметат, но тоа не е случај и со овој филм, бидејќи тој е само летна атракција без намера за подлабоко навлегување во жанрот. Во „Укради и бегај“, всушност, монтажата е таа што го прави филмот гледлив и тензичен, одржувајќи ве буден до самиот крај.
Со оглед на неколкуте типизирани ликови, веројатно и не било тешко да се направи кастингот. Потентниот Стивен Дорф одлично се снаоѓа во улогата на Слим, самоуверен и доверлив мастермајнд на акциите. Бенет, Мекарти и Клише се исто така уверливи, бидејќи одлично ги доловуваат недостатоците на ликовите кои ги играат. Но далеку поинтересни и погледливи се ликовите од, условно, другата страна на огледалото. Детективот Карен е одлично интерпретиран од Наташа Хенстриџ, во улогата на нејзиниот претпоставен брилјира актерот Брус Пејн, а изненадувањето и освежувањето, господинот Елвис со харизматични и религиозни визии, е креација на Стивен Беркоф.
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 8 јули 2003 година.