Приказна со прекрасни човечки релации

Во време кога во филмската индустрија во САД владее непишаното правило низ сите филмови кои обработуваат воен конфликт, актуелен или минат, да провејува патриотска нота, режисерот Филип Нојс, со австралиско-американски пари, го сними „Тивкиот Американец“, проект во кој баш и не се запазуваат наметнатите морални и етички кодекси. Токму затоа овој филм имаше бројни проблеми со дистрибуцијата, бидејќи во себе ја носи анти-воената порака, надополнета со острата радикално-социјална критика. Ваквиот потег се должи на самосвесноста и храброста на учесниците во проектот, а ако се погледне и подлабоко, можеби претставува параван за нешто поинакво за кое и самите тие не биле свесни, бидејќи секоја анти-реклама е всушност – добра реклама.

„Тивкиот Американец“ е римејк на истоимениот филм на Џозеф Манкиевич од 1958 година, но не во вистинска смисла, бидејќи, според почитувачите на Грејем Грин, филмот на Нојс е далеку поблизок до оригиналниот роман на англискиот писател. Сместен во Сајгон 1952 година, за време на војната меѓу Франција и Индокина, приказната го чепнува и почетниот период од вовлекувањето на американската шпионска служба на далечниот Исток, која подоцна ќе има фатални последици за сите инволвирани страни. Или, жанровски, „Тивкиот Американец“ е политички трилер кој ни нуди опасност, интриги, мистериозно убиство, и како врв на сето тоа, љубовен триаголник во егзотичен и опасен дел од светот.

Стравувајќи дека поголемиот дел од гледачите не се запознаени со приказната за Виетнамската војна, филмот почнува со наратор чиј глас провејува низ целиот филм, каков негов поттекст. „Мирисот, жештината, дождот, борделите и опиумот низ призмата на насилството се вообичаената приказна која ви ја раскажуваат за Виетнам, но сето тоа треба да го доживеете за да сфатите дека е така“, раскажува Томас Фаулер (Мајкл Кејн), допиникот на „Лондон Тајмс“ за настаните во Југоисточна Азија. Неговиот стил на живеење ќе биде разнишан откако ќе го запознае „тивкиот Аериканец“ Алден Пајл (Брендан Фрејзер), доктор од Бостон, како и по најавите од матичниот весник дека ќе треба да се врати во Лондон бидејќи им испратил само три текста за таа година. Затрескувањето на Пајл во љубовницата на Фаулер, Фуонг (До Хаи Јен), како и разгорувањето на конфликтот меѓу Французите и комунистите, ќе го натераат репортерот да излезе од зачмаеноста и да преземе конкретни чекори за зачувување на својот професионален и приватен интегритет.

Перформансот на Мајкл Кејн во филмот е еден од неговите најдобри во богатата кариера. Прикриениот цинизам, мотивите кои не се секогаш чисти и јасни, и двојните морални стандарди со кои ќе се соочи во втората половина од филмот, ветеранот ќе ги одглуми супериорно со навидум камена фаца, но само мал гест на лицето е доволен за да ни покаже како се чувствува ликот во чија кожа се наоѓа. Скриениот тигар во Фаулер конечно се буди на крајот, кога од карактер со хумани квалитети тој се претвора во лик кој треба да одбере страна. И одбира, на штета на Пајл, кој исто така е одлично одигран од Фрејзер. А во улогата на симболот на Виетнам, љубовницата Фуонг, исто така брилјира До Хан Јен, која на едноставен начин ни ги претставува скромните желби на една танчерка во време на војна: чесност, семејство, сигурност. За споменување е и епизодната улога на Раде Шербеџија, кој во последниве години е баран лик со „источно-европско“ педигре.

Без непотребни трикови и пиротехника, режисерот Нојс снимил приказна со прекрасни интерперсонални релации, а заедно со директорот на фотографија Кристофер Дојл, чија работа е перфектна и преполна со топли и нежни бои, ни евоцираат едно место со (не)обични луѓе загубени во транзиционо време, кое се обидуваат да преживеат, секој на сопствен начин. А „тивкиот Американец“ е како мало просветлување, бидејќи е единствен кој ја погодува сржта на проблемот.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 11 јули 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *