Студиото „Ханза“ во Берлин

Кога сте во „главниот град на Европа“, како што одамна го нарекувам Берлин, една од главните точки за посета е музичкото студио „Ханза“, низ кое во децениите наназад поминале многу светски музички ѕвезди. Се разбира, највеќе се прослави кога Дејвид Боуви во 70-те години таму ја сними својата прочуена „берлинска трилогија“ составена од албумите „Low“, „Heroes“ (и обата објавени во 1977) и „Lodger“ (1979).

Ќе бидам искрен, немав намера да правам „драма“ околу оваа приказна, туку само сакав за момент да бидам таму, во тој простор, кој е бајаги видозименет од славните денови во минатото. Истовремено наслушнав дека не е дозволена индивидуална посета, или пак дека би можело да се направи туристички аранжман со поголема група, но само доколку однапред се најавиш и го договориш за тоа. И двете варијанти не ми се допаѓаа, па затоа се задржав на основната замисла, и се радувам што на крајот ја остварив.

Студиото „Ханза“ се наоѓа близу до славниот „Потсдамер плац“, каде поминувал ѕидот. На едно место до плоштадот има делови од него, на кои, се разбира, има нацртано графити, но останатиот дел денес наликува на модерен јапи центар со високи стакленици кои го допираат небото (не, не она на Вендерс). Гледајќи ги сликите од времето кога градот бил поделен, денешното опкружување со ништо не потсетува на она од пред само триесетина години.

Убавината на овој простор лежи во улицата која води до плоштадот насловен по славната германска дива Марлен Дитрих, која од стаклениците води директно до славната театарска и кино сала, во која секој февруари се одвива „Берлиналето“, еден од трите европски фестивали со „А“ реноме. Берлин во лето е спокоен, и прошетката е навистина заводливо „филмска“.

Хотелот ни е недалеку оттука, и токму затоа, по пристигнувањето во Берлин, првата прошетка се одвива токму во овој близок простор околу нас, после кој се случи љубов на прв поглед со градот. Знаевме и дека „Ханза“ е тука некаде, во близина, но „гугл-мапата“ не беше баш начисто со себе… а и со нас. Океј, улицата е паралелна со оваа во близина на театарот, само да преминеме преку паркот, и таму сме, се тешевме. И додека ја баравме локацијата, откачивме на една зграда со прекрасен екстериер, кој беше комбинација од природно зеленило околу неа и врз нејзината фасада, со прекрасни цртежи на локалните уметници. Фантастично, баш би живееле тука, гласеше заклучокот!

Откако се шуткавме и се вртевме во круг додека мапата ни кажуваше дека сме тука, а ние никако да сфатиме која е зградата во која се наоѓа студиото „Ханза“, го прашавме Турчинот кој келнерисуваше во симпатичното кафуле со неколку маси и столчиња надвор, на тротоарот. Тој се насмевна и ни рече дека студиото е веднаш до кафулето, во зградата до нас. Му заблагодаривме и се упативме дваесетина метри наназад, каде сфативме дека станбената зграда која со ништо не се издвојуваше од која било друга зграда во околината, во своите пазуви го крие нашиот „object of desire“.

Направивме фотки за навек, истовремено ѕиркајќи во излогот каде беше обесено големо платно на кое се рекламираше мултифункционалноста на просторот кој, очигледно, можеше да се рента за разни намени, а потврдата за негова посета беше истакната на германски и англиски јазик, на која јасно пишуваше дека доколку сакате да го посетите студиото, треба да ги контактирате „Berlin music tours“. Во меѓувреме, не ѕвонете и малтене „shut the fuck up“, бидејќи внатре работиме на музика!!! Понекогаш и Германците можат да убодат добар хумор 🙂

Круната на полчасовната екстериерна посета на „Ханза“ финишираше на најубав можен начин, кога пред вратата на студиото го забележав малиот трансформатор за струја, на кој со фломастер некој фан напишал „Ziggy Skye“ (и до него една црна ѕвезда-петокрака), а малку подесно „We can be heroes“ (со мало, црно срценце на крајот). Човек треба да ужива во малите нешта. За мене ова беше сосема доволно, затоа што сите ние можеме да бидеме херои – само на еден ден 😉

Се разбира, додека го пишувам текстов, ја слушам единствената плоча од славната берлинска трилогија која ја поседувам во мојата колекција. Едноставно, сметам дека албумот „Low“ е само нацрт-скица која Боуви со Брајан Ино ја усовршува во омилениот „Heroes“, а подоцнежниот „Lodger“ веќе ја навестува комерцијалната фаза на музичарот во која ќе ги мине 80-те години на 20 век.

Да потсетам, минатиот месец „Бункер“ го издаде вториот графички роман „Лоу“ на Рајнахрд Клајст, во кој германскиот цртач и сценарист ги раскажува токму годините на Боуви минати во Берлин во 70-те, откако му збоктисува Америка и Зиги Стардаст, а богами и белата прашкаста материја што ја шмркал во енормни количини. Го пишував предговорот за ова прекрасно издание, во кое исто така го чепнувам искуството од мојата посета на студиото „Ханза“. Еве го линкот:

И на крајот, веројатно би било прикладно малку да се раскаже и историјатот на ова легендарно студио „крај ѕидот“, толку автентично и единствено во светот, во кое освен Боуви, снимаат и Иги Поп, Депеш мод, Ју-ту, РЕМ и други светски музички ѕвезди, но чуму да се мачам кога во документарецот „Hansa studios: By the Wall 1976-1990“ од 2018 година на авторот Мајк Кристи е раскажано се’. Па бујрум, уверете се во сето претходно напишано, сигурен сум дека ќе уживате 😉