Неодамна, како специјално издание, излезе книгата „Идис“ од Робер Бадентер, во одличен превод од француски на македонски јазик на Гзиме Старова. Документаристичката проза е составен дел од издавачката дејност на ИЛИ-ИЛИ и досега може да се пофали со вистински бисери од овој жанр: доволно е да ги споменеме наградуваната „Кон езерото“ на Капка Касабова, или пак „Готленд“ на Мариуш Шчигел. Токму полската книжевност го негува овој израз благодарение на Ришард Капушќински и сите негови наследници кои продолжија ревносно да ја градат оваа литературна приказна. Секако, да не ја заборавиме и врвната белоруска авторка Светлана Алексиевич, чии значајни дела и’ донесоа Нобелова награда за литература.
