Долго време Сибир за мене беше пространа целина на царски, потоа советски зандани, земја со екстремна клима, каде што човекот се обидувал да ѝ го наметне својот закон на една сурова природа. Таа постоеше во мене низ книгите како „Збогум на Матиора“ од Валентин Распутин, или „Дивите сибирски заливи“ од Евгениј Евтушенко. Во кино „Лидо“, како ученик, одев да го гледам филмот „Сибиријада“ од Кончаловски, во кој еден лик, насетувајќи го бесот на своите претпоставени, ќе рече со фаталистичка насмевка: „Не може да се биде испратен подалеку од Сибир“.
Читај повеќеТаг архива: извадок
„Тешко е да се расправа со надгробните натписи“, Јосиф Бродски
Плочата на гробот на дедо ми и баба ми одамна беше напукната, и еден ден, конечно, во средината се струполила надолу, отворајќи дупка небаре уште вечерва ќе излезат на едно рандеву низ локалните гробишта. Се обидуваме со татко ми да направиме нешто, составувајќи некои паднати парчиња за колку-толку гробот да изгледа пристојно за утрешната задушница, но заклучуваме дека мора под итно да се смени плочата. Тој ми вели дека ќе оди кај истите луѓе што го направиле гробот уште пред дваесетина години, кога почина баба ми од инфаркт, а јас се чудам и прашувам гласно зарем тие сè уште постојат и го работат ова, но тој ме уверува дека се на истото место и дека сега синот го преземал бизнисот. Инаку, да нема забуни, на спомен-плочата над гробот долго време левата страна стоеше празна, чекајќи го стрпливо името на дедо ми да го заземе своето место, за разлика од некои соседни плочи, на кои веќе имаше изгравирано слика од идните почиватели, па дури и нивното име и годината на раѓање, додека кај годината на умирање фалеа последните две бројки по задолжителните „20..“.
Читај повеќеМоже ли тој да ти биде претседател?
Еве една книжевно-претседателска приказна, по повод претстојните претседателски избори во Македонија 😉
Извадок од романот „Нашиот човек на теренот“ на Роберт Перишиќ (Награда на „Јутарњи лист“ за најдобро прозно дело во Хрватска во 2007 година)
„Еве што ми раскажа Олениќ:
„…И кога веќе бев долу, си реков, да му се јавам на Киро, ете, си мислам, кога ќе појдеш во некоја држава и го знаше претседателот, штета е да не го посетиш… Киро таман беше при крај на вториот мандат, па сметав дека нема многу работа… И седиме ние во неговиот кабинет, мобилниот нон-стоп му ѕвони, тој само што го добил, па не знаеше да го исклучи. А не знаев ниту јас.
И така… Мобилниот му ѕвони, јас му се жалам за нашите пензии… и во еден момент тој ме прашува за мислење – кој би можел да го замени на претседателското место?
(…) И јас му велам: „Па не знам, не следам доволно, можеби Васил Тупурковски“… Оној Тупурковски, знаете кој? Оној мешлестиот мустаклија, оној што секогаш носи некои џемпери. А не беше глупав. И имаше искуство, политичко, уште од Југославија, и социјалист е, па сметав дека би можел да биде добар…
И тогаш Киро ми вели: „Да, Васил, и јас размислував за него… Не дека има подобри, но не знам ни самиот…“