Откако се појави, рокенролот претставува еден вид на огледало во кое особено прецизно се гледа сликата на општеството и културата. И додека во таа слика на интернационален план доминираат модата и воопштувањата кои се неопходни за рокенролот да биде прифатлив за сите на Земјината топка, во сликата на национален план често доминираат критички елементи на бунт и незадоволство кои играат примарна улога во поттикнувањето на рокерската имагинација. Рокенролот, односно неговата главна струја, никогаш не престана да биде глас на совеста, отворено реагирајќи на разни неправди.
