Келнерката ми го донесе нарачаното кафе. Убаво изгледа. Ми се насмевна. За момент погледна кон книгата што ја читам, но не ме праша за што се работи. И подобро. Кој ќе ѝ објаснува дека неодамна во мојата омилена книжарница наидов на ова непроценливо богатство, кое ме потсети на едни убави времиња кога мојот град дишеше сосема поинаку. Во моите пубертетски денови, слободата на движење низ градот за мене беше ултимативно правило. Начелата на панк движењето кон кое се стремев сè уште беа дел од мене, секако, во видоизменета форма, иако и на времето нив не ги сфаќав во буквална смисла, туку си ги толкував онака како што знаев и умеев. Тоа често пати ме доведуваше до конфликтни ситуации со ортодоксните, но мојата ќелава глава ги одвраќаше од намерите да ме подберат, иако и тоа во старт означуваше контрадикција, бидејќи скинхедсите и панкерите и не се мирисаа баш многу. Но, во нашиот град, под ова железно небо во боја на бамји, такви беа правилата на играта.
Таг архива: фото
Поговор со мастило во боја на бамји
пишува: Оливера Ќорвезироска
Игор Анѓелков е автор со одличен творечки ритам, и во буквална и во метафорична смисла. За шест години – три книги, во три книги – суверена дефиниција за сопствениот раскажувачки интерес, јасно одреден, уште појасно следен и развиван. Како да ги надоврзува насловите еден на друг, како да ги (о)пишува градот и светот, улица по улица, фотографија по фотографија, песна по песна, вистина по вистина… Исто – за да се утврди препознатливоста, различно – за да се прослави поинаквоста. „Кротки приказни“, „Крај-пат“ и „Фото синтеза“ се една неформална трилогија која беспрекорно функционира во сите можни комбинации: 1-2-3; 1-3-2; 2-1-3; 2-3-1; дури и 3-1-2, па и 3-2-1! И уште повеќе од тоа, неформалната трилогија сосем суверено си опстојува и на единечно ниво. Романот „Фото синтеза“ е фина можност да се запознаете или срдечно да се поздравите со Анѓелков. Сосем сеедно за книжевната „претстава“ е каква ќе биде вашата улога како читател.
Во средиштето на современоста, рецензија за „Фото синтеза“
пишува: Благоја Иванов
Со најновиот ракопис, романот „Фото синтеза“, Игор Анѓелков несомнено го утврдува своето име на млад автор, чиј првенствен интерес е современоста, како и луѓето кои истата ја живеат, со сите свои животни премрежја. Сказната за животот на главниот лик од романов (раскажана во прво лице), кој живее во Скопје – уште еднаш укажува на тоа. Тој јунак е младич кој го обожувал панкот, што ќе се забележи од неговиот прекар Панк, како и од начинот на облекувањето и на созадавањето на својот општ имиџ. Некои белези од тој период на животот на младичот ќе му останат и кога безделничењето ќе го замени со работа, како фото уметник, обземен од местата од градот кои тој ги открива на инаков начин одошто погледот на незаинтересираниот минувач, како што и убавината на лицата на луѓето ја осветлува на посебен начин.