Поговор со мастило во боја на бамји

пишува: Оливера Ќорвезироска

Игор Анѓелков е автор со одличен творечки ритам, и во буквална и во метафорична смисла. За шест години – три книги, во три книги – суверена дефиниција за сопствениот раскажувачки интерес, јасно одреден, уште појасно следен и развиван. Како да ги надоврзува насловите еден на друг, како да ги (о)пишува градот и светот, улица по улица, фотографија по фотографија, песна по песна, вистина по вистина… Исто – за да се утврди препознатливоста, различно – за да се прослави поинаквоста. „Кротки приказни“, „Крај-пат“ и „Фото синтеза“ се една неформална трилогија која беспрекорно функционира во сите можни комбинации: 1-2-3; 1-3-2; 2-1-3; 2-3-1; дури и 3-1-2, па и 3-2-1! И уште повеќе од тоа, неформалната трилогија сосем суверено си опстојува и на единечно ниво. Романот „Фото синтеза“ е фина можност да се запознаете или срдечно да се поздравите со Анѓелков. Сосем сеедно за книжевната „претстава“ е каква ќе биде вашата улога како читател.

 За крстозборите: Решение во пет букви?

„Фото синтеза“ е урбана приказна за една фина, мека, граѓанска алтернатива на ниво на погледот на светот околу нас и подалеку. Една јадра, контролирана бунтовност чијшто најјасен одраз се гледа во книгата што паралелно со раскажувачот ја читаме и ние, како (двојни) читатели. „Башта трња“ („Градина од трње“) е „роман во романот“ кој повеќе го испишува главниот лик, отколку текстот! Она што му се случува на Панк и е и не е контрапунт на она што тој го чита, и токму во богатото варирање на тој однос помеѓу стварноста на Панк во „Фото синтеза“ и стварноста на панкерите и тедсите во „Градина од трње“ лежи поинаквоста на портретирањето на главниот, но и на останатите ликови, особено женските. Филмски се раскажува, нарацијата се кадрира, има самостојни, хиперболизирани или крајно онеобичени сцени кои напати се толку моќни што можат да си бидат (доколку сакаат!) и самостојни раскази. Овде првенствено мислам на сцената на фотографирањето со мртовецот, на оргазмот на глумицата на сцена и во станот веднаш по претставата, на жената на амбасадорот… Допрени се мноштво аспекти од современиот начин  на живеење, бегло се спомнати или подетално скицирани најразлични ликови одовде и оттаму, од нашето и од маалото троа подалеку од нас… Сето тоа, со една нежна, лирска причина за која стануваме наполно свесни дури на крајот од романот, а тоа е потрагата по вистинскиот/вистинската, потрагата по љубов! Како што секојдневието и спокојот се потрага, така и бунтовноста и немирот се истата таа потрага, само видена од друг агол! Потрагата се викала и сè уште се вика љубов и таа е решение и на овој книжевен „крстозбор“ за кој на прв поглед помислуваме дека се решава сосем поинаку!

За насловите: Атак на очекуваното, атак на правописот?

Игор Анѓелков сака во правописната норма да внесе отстапка, да го наруши правилото, поточно да го растегне за да направи место за поинакво значење, за очудување, за впрегнување на вообичаеното во јаремот на сопствената (невообичаена) идеја. Неговата прва книга, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) се поигра со првиот вокал во придавката кратки (толку вообичаена, скаменета како додавка на расказите како куса раскажувачка форма), но не само за да различи, да онеобичи, туку за да измолкне повеќе и повеќе од значењето, зашто кога краткото ќе стане кротко – господар на пораката станува токму променетиот вокал кој на свои плеќи повлекува цело ново значење. Планскиот атак на правописот, Анѓелков го спроведе и во својата втора книга – романот „Крај-пат“ (2011) каде што тирето првин ја раздели вообичаеноста, а потем ја обедини намерата до „целта“ (Крај-пат не е ли цел? Крај-пат не е ли и крајот на патот, но и (по)крај патот?) Следејќи ја оваа и ваквата раскажувачко-правописна заобиколница, Анѓелков сосем очекувано се решил неговиот најнов роман да се вика „Фото синтеза“ (не фотосинтеза!) и во белинката да ја вдене нишката која постојано ја носи со себе уште од првата своја објава. Од промена на вообичаен вокал, преку тире, сè до белинка каде што таа не се очекува, каде што не ја допушта правописот, Анѓелков совршено доследно ги насловува своите дела, а тоа, пак, повлекува и совршено доследно надоврзување на сопственото раскажувачко писмо. Имено, Анѓелков во својот најнов роман, фотосинтезата им ја остава на растенијатата, а за себе ги зема изразот фото синтеза (како фотографска синтеза) и… бојата на бамјите, колку да нè навлече уште повеќе на она од што бега: „нема да ја засегам фотосинтезата“, како да ни вели „но, сепак нема да ја пренебрегнам бојата на едно единствено растение“. Оваа фина, нежна, дискретна насловувачка игра во делата на Анѓелков е во совршена хармонија со неговото раскажување воопшто и кога сите автори олку би внимавале на озаглавувањето, многу би било помало изненадувањето кај читателите кои бираат според насловите. Насловот и текстот (името и приказната) кај Анѓелков имаат совршен однос уште на самиот творечки старт, но и понатаму, т.е. понаваму, еве го истиот принцип, како успешен и по третпат!

За раскажувањето: Почетоци без почетници? 

Дискретнатата насловувачка игра се пресликува и мултиплицира во делата на Анѓелков како препознатливост, како дефиниран и прецизен стил. Овој автор имаше прозен почеток без почетништво, имено, неговата прва книга појасно му го трасираше (антиципираше)  подоцнежниот прозен пат на авторот, отколку што го подмируваше вообичаениот долг на првообјавата. Ако веруваме во постоењето на непишаното правило дека нема прва книга без автобиографија (книга  – пресметка со сопственото растење), тогаш реткоста на „Кротки приказни“ беше и во тоа што „долгот“ си го плати уредно, не противставувајќи му се на непишаното правило, а од друга страна, токму тоа непротивставување, пак, му овозможи да се издигне над правилото, да се раздолжи, не трупајќи непотребни „камати“ во следните објави!

Ако го сакавте она меко, кротко, непретенциозно раскажување со речиси филмска монтажа на одлично испланираните раскажувачки секвенци, ако ја сакавте онаа благост со која авторот сигурно ве „управува“, ревносно хранејќи ви ја илузијата дека „воланот“ е во ваши раце, ако ви се допаѓаше книжевната тура низ секојдневието со задолжителната посета на несекојдневното,.. ако ги помните „Кротките приказни“ и „Крај-патот“„Фото синтеза“ е одлично „место“ за утврдување на совладаната книжевна материја: различно од претходните објави на Анѓелков, толку колку што треба за да знаете дека е нешто сосем ново, но и исто, толку колку што треба за да знаете дека сепак е негово и само негово. „Раката“ ќе му ја препознаете веднаш, но не дозволувајте си да го претпоставите и „ракавот“ пред убаво да видите/да прочитате!

За фотосинтезата и за „Фото синтезата“: Бамји и други гламји?

Функционалните отстапки од јазичните норми (и правописни решенија) се директна интервенција/придонес во збогатувањето на нијансите, во проширувањето и разносувањето на јазикот. Ако авторот може да ѝ даде сосем нова смисла на фотосинтезата разделувајќи ја на два одделни збора, ќе си дозволам и јас стандардната форма на гламните (гламна=недогорено дрво), да ја заменам со подијалектната форма гламја, само заради честа (и римата!) што сакам да им ја укажам на бамјите од поднасловот на романот, но и на бамјите кои во самиот роман се спомнуваат уште четири пати како бегли, но прекрасни и топли лирски навеви во напати (по)сериозната прозна, раскажувачка текстура. Таа умешност со дребното, со детаљот препознаена кај Анѓелков уште од поодамна, и во неговата трета книга продолжува да расте во сè поголема лирска прашинка која и на најтврдата, најстерилизираната приказна ѝ внушува живот, реалност, шарм… Небо со боја на бамји е одличен кадар за почеток на филм, каде што само со бојата мигум се сигнализира поинаквост, различност од вообичаеното синило; небо со боја на бамји е и одличен поднаслов за роман во кој многу нешта од нашето секојдневие целосно ќе согорат, но уште повеќе нешта само ќе пламнат и ќе згаснат како недогорени гламји кои ќе продолжат да чекаат наредни огнови/наредни книги. А бамјите? Бамјите како боја ќе го облагородат небото, бамјите како вкус ќе ја облагородат приказната со искрениот, обичен шмек на незаменливото: топлината, блискоста, љубовта.

Сегде кај што ќе начекате празно поле во „Фото синтеза“ – впишете љубов и романот совршено (ќе) си фукционира!

(Поговор во романот „Фото синтеза“, текст објавен и во книгата со есеи „Еден текст и една жена“ на авторката)