Човекот кој во младите, бунтовни денови сними некои од најпрекрасните кратки и целовечерни европски филмови (Нож во вода, Кул де сак…), исполнети со цинизам, мрачна атмосфера и насилство, а подоцна своите квалитети и интереси ги докажа и во филмовите снимени преку океанот, гротеската „Розмариното бебе“ и филм-ноар класиката „Кинеска четврт“, конечно, со „Пијанистот“, го смири детето во себе. Роман Полански беше (и се’ уште е) контроверзна личност поради секс скандалите и убиството на неговата свршеница Шерон Тејт во 70-те, но и поради неговата декадентност на филмски план во годините потоа, кога луташе низ жанровите („Горчлива месечина“, „Деветтата порта“). Денес, во годините на потполна зрелост, тој го заокружува својот филмски век со (злобниците би рекле) филмско дело кое се занимава со исклучиво оскаровска тема – Холокаустот.
Роден во Париз 1933 година, Полански своите детски години ги поминува во краковското гето. Мајка му завршила во гасна комора, а од сигурна смрт го спасил татко му, кој му овозможил да преживее работејќи на едно селско земјиште. Дури во 1999 година, кога во рацете му паднала книгата на Владислав Шпилман за неговото лично искуство за ужасиите на Холокаустот, издадена во далечната 1946 година, режисерот конечно можеше да и’ се посвети на својата трауматична приказна од детството.
Шпилман е пијанист во полското национално радио и заработува за живот свирејќи Шопенови сонати. Војната го затекнува токму на работното место. Не можејќи да му помогне на своето шестчлено семејство, тој ја дели истата судбина со останатите 400 илјади Евреи, живеејќи во гетото наменето за нив. Неговиот порив за преживување, можеби и не навлегувајќи подлабоко во причините на народниот бунт против Нацистите, или пак не прашувајќи се за судбината на своето семејство, се преокупациите кои не’ следат во текот на филмското дејствие. Од среќната околност да ги избегне канџите на смртта, преку неговото тивко преживување во варшавските станови, Шпилман се соочува со границите на издржливост на едно човечко суштество во ненормални услови на постоење.
Втората половина од филмот се одвива претежно без зборови, но фантастичната музика на Војчех Килар и вештата режисерска постапка , правејќи од обична ситуација (готвењето храна) вистинска драма, го задржуваат вниманието на гледачот до крај. На крајот Шпилман повторно станува радио-пијанист, откако не успева да го спаси германскиот пријател кој му помогна во последните денови од војната, така покажувајќи дека не само Евреите, туку и останатите, можат, и се жртви, на виорот на војната.
Војната не е време во кое треба да се морализираат нештата, но сепак, има некои недоречености во формирањето на карактерот на пијанистот, како егоизмот при бегството од гетото или неговиот исклучиво личен интерес за опстанок, без посебна иницијатива да се преземе нешто во врска со ситуацијата, што е едно од гледиштата на сценаристот Роналд Харвуд, кој смета дека за време на војна може да се очекуваат и непредвидливи однесувања кај луѓето.
И сето ова не би било толку сугестивно и уверливо доколку Адриен Броди не брилјира во главната ролја. Тој дури и ослабел 14 килограми во текот на снимањето за што поуспешно да го долови моментот на сопственото пропаѓање, паралелно со претворањето на градот во куп рушевини, како прекрасна филмска метафора. Инсистирањето на говорот на телото при зголемувањето на опасноста е одличен предизвик кој актерот успешно го совладува. И генерално целиот кастинг составен од англиски, американски, полски и германски актер(к)и е фантастичен, и заедно со дискретната и прецизна работа на снимателот, ни доловуваат едно парче од времето кое понекогаш делува како сон кој никогаш не би посакале повторно да го сонуваме.
Исто така, инсистирањето на приказната дека моќта на уметноста (во случајов – музиката) може да ги надмине сите граници на лудило, е момент кој не е доработен до крај, иако е еден вид лајт-мотив во филмот. Сепак, „Пијанистот“ со најголем буџет за снимање на еден европски филм досега (45 милиони долари), не се обидува да биде само спектакл (иако тоа и реално е), туку претставува објективна приказна видена со нозете цврсто на земја, приказна која нема политичко значење во поширока смисла, оставајќи им простор на гледачите да донесат заклучоци.
За разлика од „Животот е убав“ на Роберто Бењини или „Шинделорвата листа“ на Спилберг, како последни примери за успешни Холокауст-филмови, ова остварување на Полански ни нуди лично искуство на еден интелектуалец кој го преживува преминот од светот на луѓето и ангелите кон светот на ѕверовите и убијците, бидејќи Владислав Шпилман не е типичен филмски херој. Тој може, како тргнале работите со Новиот светски поредок, да биде било кој од нас.
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 22 април 2003 година.