По долги години во фиока, чекајќи ја милоста на продуцентите на „Мирамакс“, адаптираното сценарио на прекрасниот роман „Читачот“ на германскиот писател Бернхард Шлинк, конечно, ќе ја види светлината на денот. Холивудските могули, браќата Вајнштајн, решија да го одврзат ќесето и да вложат во овој култен наслов, не чекајќи го веќе првично планираниот режисер, оскаровецот Ентони Мингела, кој со години не најде време да му се посвети на овој проект. Достојната замена лежи во името на талентираниот Стивен Далдри, кој зад себе нема многу снимени филмови, но насловите како „Осум“ (1998), „Били Елиот“ (2000) и „Часови“ (2002) се доволно добри референци за неговиот несомнен квалитет.
Можеби токму адаптацијата на последниот споменат наслов снимен според истоимената книга на Мајкл канингем беше пресудна при изборот на Далдри, кој докажа дека знае да изрежира еден исклучителен филм. За да биде приказната комплетна, тој на сценариото на „Читачот“ работеше заедно со Дејвид Хер, со кого соработуваше и на „Часови“. По финиширањето на сите претпродукциски подготовки, филмот ќе почне да се снима кон крајот на овој месец во Берлин. Добрите познавачи и на литературата и на филмската уметност предвидуваат оскаровски проект, особено поради тоа што главните ролји во него ќе ги толкуваатНикол Кидмен и Ралф Фајнс. Се чинат како идеален пар кој треба да ги долови сите животни предизвици пред Хана Шмиц и таинствениот млад љубовник, иако злобниците веќе (о)зборуваат дека сето тоа премногу мириса на Холивуд. Но Далдри е доследен почитувач на делото на Шлинк, па изјави дека ќе се обиде да го долови слоганот од корицата на книгата, и дека тоа ќе биде „филозофски елегантен и морално комплексен филм“.
За оние што не знаат, „Читачот“ е еден од најпродаваните романи од европски автор во последниве десетина години, досега е преведен на 41 јазик (вклучувајќи го и македонскиот), и претставува вистинско задоволство за сите читатели, љубители на онаа, едноставно кажано, убава литература. Да се надеваме дека и филмот ќе го постигне нивото и ефектот на пишуваното дело, по чие читање, долго време нема да престанете да размислувате за темите кои Шлинк ги отвора во книгата. Да, и за релативноста на животот, меѓу другото.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 11 септември 2007 година.