Конечно летово, по повеќе од 400 емитувани полчасовни епизоди, најславното анимирано американско семејство си доби и свое целовечерно шоу, едноставно насловено „Филмот за Симпсонови“. Гласовите ги позајмуваат легендарните Дан Кастеланета (Хомер), Џули Кавнер (Марџ), Ненси Картрајт (Барт) и Јердли Смит (Лиза), кои и овој пат перфектно си ја извршија својата слатка обврска која ја исполнуваат без престан веќе 18 години.
Целта и на овој филм, како и на серијата, е да ги забавува сите – од лојалните фанови до новорегрутираните обожаватели на популарните цртани ликови. Најзаслужен за успехот на целиот проект е креаторот Мат Гренинг, кого многумина го сметаат за Бог на анимацијата и црниот хумор. „Со овој филм ги наградуваме сите оние кои активно ги следеа случувањата во серијата и оние кои Симпсонови ги сметаат за свое второ семејство“, изјави Гренинг во интервјуто по повод американската премиера на филмот овој месец.
Во „Филмот за Симпсонови“ се појавуваат речиси сите споредни ликови кои досега сепојавиле во серијата, како Мо, Фландерс, Апу, Скинер, односно, повеќе од 300 карактери кои во одредени епизоди беа и главни носители на дејството. Гласови-гости во целовечерното остварување се Мини Драјвер и Ерин Брокович.
Централната идеја се врти околу херојот Хомер, кој го спасува светот по катастрофата. Сепак, најкоментиран момент е прикажувањето на Барт „како од мајка роден“. Гренинг добил еден куп мејлови да не го прави тоа од родители од целиот свет, но тој смета дека го сториле тоа на суптилен начин, со цел повторно слатко да ги изнасмее луѓето. А на прашањето дали ова остварување навестува набрзо и крај на серијата, тој мудро одговара: „Па се надевам не, бидејќи во моментов работиме на нови епизоди. Како и да е, зависиме од продуцентите, и како и секогаш, ќе се обидеме да ги придобиеме со бескомпромисен хумор“.
„Симпсонови“ го имаа своето телевизиско деби во 1989 година, а досега се емитувале речиси во сите земји низ светот, барем онаму кадешто луѓето имаат телевизор. Тие, барем засега, триумфално остануваат на сцената, и понатаму отворајќи ни ги очите за многу нешта преку нивното најсилно оружје – хуморот. Long live The Simpson’s!!!
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 21 август 2007 година.