Осмата книга во едицијата „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ му припадна на новиот поетски ракопис на Цветанка Колева со интригантен наслов „Ти, моја, безмилосна една!“. Во предговорот на збирката, авторката пишува: „Помеѓу овие страници има преживеани записи од осум зими и деветта пролет. Три жени: Снежана Стојчевска, Љупка Антеска и Габриела Стојаноска-Станоеска, го поттикнаа во мене создавањето на „Ти, моја, безмилосна една!“ на суптилен, пријателски, женски начин. Им благодарам“.
„Ти, моја, безмилосна една!“ е составена од два циклуса. Првиот циклус содржи кратки лирски нарации и стихови, а вториот, вински стихови. Циклусите немаат имиња. Доколку би имале, тоа е како да ве наведувам каде треба да гледате. Наведувањето, според мене е поопасно од заведувањето.
Првиот циклус е збир од нарации и стихови создадени од 2012 година досега. Тој содржи сцени, слики, емоции, ситуации со кои се судира човечкото битие низ животот, обликувани, опишани, пренесени, по теркот на мојата ,,милост“.
Вториот, тематски се оформи сам. Со цел да создадам веродостојни стихови со описи за виното, зборовите во италик се енолошки изрази, кои што ги употребуваат моите пријателки енолози и производителките на вина. Им благодарам што доброволно, несебично се впуштија во оваа женско-винска поетска авантура во стиховите за виното.
Како авторка на делото и жена која го изучувала македонскиот јазик, но не ѝ било ,,пишано“ да го работи тоа професионално, со лекторката на книгата се согласивме напишаното да е излекторирано без отстапки, следејќи ја нормата на нашиот стандарден македонски јазик. Но, на крај согледав дека тоа едноставно е невозможно, поради тоа што уметничкиот израз се загуби во нормата. Одредени правила, најчесто во лексиката, но и во правописот, не се применети на мое барање.
Потоа следува поговорот наменет за делото, т.н. рецензија во форма на кратки впечатоци за него, од оние коишто беа вклучени во активноста „тајни читачки со различни сензибилитети“. Добив впечаток, како да им ја отежнав релацијата со мене, оти им барам нешто друго и кратко.
И ти што читаш, во ,,Ти, моја, безмилосна една!“ си ти!
Ти, моја, безмилосна една!
Ти, моја, безмилосна една!
Сум те чекала нетрпеливо и другпат,
сум те барала трпеливо низ места шумливи,
чуени, нечуени, таени,
со шеќер попрскани.
Сум бдеела, од сонот сум се чувала,
наведена стоела в ноќта, проѕирна,
а денот златен сум го броела, ситнела,
ѕвонци мирела, чекала,
без волшепства, без бели, без пакости.
Ти, моја, безмилосна една!
Те појам со вода изворка од два копнежа,
в ноќи, леблебија до ситно дробам,
со спокој јагоди во мед топени ти подавам.
И од оскруши и од железо криење, капната,
пак простум со ќеф те служам,
но ти, Вило, вешто ми ги крадеш обидите
и мајка бежанија правиш како од оган џишната.
Ти, моја, безмилосна една!
Цветанка Колева е родена 1975 година во Прилеп. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик. Работела четири години како професор по македонски јазик на странци волонтери во невладина организација во Кавадарци.
Во 2012 година со својата прва поетска книга „Ладно кафе“, издадена за издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје, е една од четирите поетеси чии книги ја сочинуваат женската едиција поезија „Русалки“. Заедно со неформалната група „Poetry slem Macedonia“ зема активно учество на Poetry Slem сцената и настаните во земјава. За оваа приврзаност вели: „На сцена ги имам слободните три минути. Ние двајцата сме во отворена врска.“
Нејзини стихови се објавувани во локални алманаси, во публикации на збирки од конкурси и списанија од областа на културата и пишаниот збор. Нејзината вљубеност во пишувањето е еднаква со љубовта кон пчеларството и природата, па на нејзин начин ги спојува микросветовите, при што си овозможува спој на уметноста со органското земјоделство, во просторот за „нормално“ живеење, помеѓу.
„Ти, моја, безмилосна една!“ е нејзино второ поетско дело, издадено во издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје.
Шише вино
На пијачите/читачите
Виното во шише не стои ко вода в бардаче
полно ароми, опојки неочекувани
се посега по тебе, те напипува!
Петте сетила ги заведува:
видот, мирисот, вкусот, звукот ‒ дали се добри,
и допирот кога ќе те наежи…
Добра си со нив?
Се разбирате?!
Не ја гаси жедта, го дрма копнежот,
да не знаеш колку е доста!
Дотаму оди, го зема умот
колку далеку, толку блиску,
а ти, неискусен чирак во оваа трчканица…
Се стресуваш матно од помислата за утре,
со враќањето на паметот со прашалник:
‒ Кај ти беше умот?
Со едно шише вино умот оди кајшто му е удобно!
In vino veritas! Пушти го!
Измислените среќи се лек в раце
во чаша вино на столче.
Се боледува потоа…
Најмногу до три дена,
а за три дена секое чудо поминува!
Благодарна сум на овие чуда!
Кога еднаш поезијата ќе те бакне в чело, кога еднаш ќе те фати магијата, кога ќе ја вкусиш сладоста во стихот, пуштање веќе нема, нема враќање, нема раскрстување. Ако поетесата Љупка Антеска во својата книга „Отвори ги очите“ ѝ се обрати на поезијата со наредба или молба: „Поезијо, остави ме!“, Цветанка Колева помирливо, прифатливо, како мајка ѝ вели „Ти, моја, безмилосна една!“. Тој близок, личен однос не произлегува само од арспоетиката, туку повеќезначно се обраќа и сама на себе, но и на секој доволно љубопитен и храбар да влезе во овој поетски свет. Колева е стамено изграден поетски глас, кој не наликува на ниту еден друг глас на поетската сцена, и тоа прави да е вистинско освежување и радост за сладокусците кои се желни да истражуваат и да се радуваат како деца кога ќе пронајдат вакво богатство. Снежана Стојчевска, поетеса
„Ти, моја, безмилосна една!“ безмилосно го остава читателот без здив и кога е облечена во слободен стих и кога носи куса лирска проза. Напати медитативна, урамнотежена, напати растреперена, исповедна, меланхолична, кревка… напати екстатична, страствена, џиш… напати остра, бурна, безмилосна каква што е во насловот, можеби, вилата за авторката или жената на која така ѝ се обраќа мажот, или поезијата воопшто ‒ секој ќе си допише… Напати грчевита, борбена и драматична ко живеењето… Секогаш полна, содржајна, фигуративно и јазично избрусена. Секогаш посебна, смела, силна и во срц-дијалог и кога ачик го подава в раце срцето и кога прави ребус од него, енигма обвиена во свила. Габриела Стојаноска-Станоеска, м-р по општа и комп. книжевност
Цветанка ме зеде за рака и ме однесе во нејзиниот лирски свет во кој секојдневноста на животот со алхемија ја претвора во авантура. Стиховите и лирските нарации до перфекција ги стокмува со свежи метафори и повеќеслојни значења, но не пренакитено, туку мудро и смирено. Се ужива во „Ти, моја, безмилосна една“ со шолја попладневен чај, до отворен прозорец низ кој влегува благиот пролетен воздух, а циклусот посветен на виното ‒ се дегустира со чаша добар Вранец. Тања Кузманоска, преведувачка
Песните во збирката „Ти, моја, безмилосна една!“ се голтаат во еден здив. Тоа е поезија што те фаќа и не те пушта (или ја фаќаш и не ја пушташ), а сепак поезија што треба и мора да се разбере и доживува инстинктивно. Стиховите се толку непосредни, што при читање се добива впечаток на едно лежерно муабетење со авторот, без исклучок на темите. Во нив има толку многу мудрости, познати или новооткриени, сеедно, потенцирани на мајсторски начин. Љупка Антеска, новинарка и поетеса
„Ги читам песните во автобус, еднаш на одење, вторпат на враќање од работа. Ме прават да изгледам како да сум облечена во боја што ме фаќа, како да носам тиркизно. Додека читам, еден човек ме прашува дали ќе слезам на следната станица, а звучи како да ме прашува како ми е презимето. ‒ Л. А. ‒ му одговорив. ‒ Молим? ‒ праша. Не му се веруваше дека не ме препозна од прва. ‒ Да! ‒ одговорив, и си го закопчав копчето на црниот капут. Ти, моја, безмилосна една! Види што вадиш од мене во 7:43 минути сабајле. Не знам дали месечината изгреа во ова деноноќие.“ Тинка Б. Крстева, библиотекарка
„Стоејќи без потпорна точка, затоа што ја тргнав главата од книгата на која бев потпрена, сфатив: Од вино сакам само сармички од винова лоза, свиткани симетрично како мали бебенца! Од некои женски раце послатки ти се пиењето и зборот, иако безмилосни. Жени…“ Аница Блажеска, поетеса