„Девојчето што бере тутун“ на Билјана Гарванлиева

Вториот документарен филм на македонската режисерка Билјана Гарванлиева „Девојчето што бере тутун“, посветен на животот на јуруците во Македонија, be{e del od компетитивната селекција на најзначајниот италијански Интернационален фестивал за краток филм Circuito Off, кој се одржуваше во Венеција заклучно до саботата, 4 септември. Филмот на Гарванлиева веќе беше прикажан во Италија на 59. Интернационален филмски фестивал во Тренто, така што неговото учество во Венеција го носи овој филм по втор пат на Апенинскиот полуостров.„Девојчето што бере тутун“, кој визуелно и емотивно ја раскажува приказната за 14-годишната Мумине, а преку неа и за традицијата и културата на јуруците во Македонија, по неговата премиера во Франција, на познатиот фестивал за краток и документарен филм во Бијариц, својот пат го продолжи на голем број фестивали, меѓу кои и на: „Загреб докс“, Анкара, Солун, Прага, Љубљана, Виена. Филмот на Гарванлиева беше прикажан и на најголемиот северноамерикански фестивал за краток филм во Палм Спрингс, Калифорнија, каде добитникот на главната награда добива право да биде номиниран во трката за „Оскар“.

Интересно е да се напомене дека филмот на Гарванлиева беше вклучуван во програмите посветени на човековите права, програми посветени на женските приказни, а беше дел и од повеќе етнографски фестивали. На „Астерфест“ во Струмица овој филм на Гарванлиева и ја донесе наградата за најдобар млад македонски автор, а во Призрен на „Докуфест“ и донесе две награди, за најдобар нов автор и за човекови права. И како врв, Гарванлиева доби награда за најдобар документарен автор на Сараевскиот филмски фестивал, како доказ дека таа е една од најквалитетните во овој жанр на Балканот.

(Прилогот е емитуван во филмскиот магазин „ФИЛМОПОЛИС“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *