Првата асоцијација за Истра секогаш се монденските летувалишта како Ровињ и Пореч, и секако, неизбежната Пула. Меѓутоа, мојата локација е во Пазин, во централна Истра, и сакав да ги откријам убавините на овој живописен јадрански полуостров онаму каде што гравитираат помалку туристи, а природата ве остава без здив. Благодарение на тоа што на почетокот на јуни се одбележува роденденот на градот, добив можност Истра да ја истражам со велосипед. Во организација на Туристичката заедница на централна Истра, на 21 мај, 02 и 11 јуни, на сите заинтересирани кои ќе се пријават им се даде можноста со професионален водич, бесплатно, да направат тура во должина од околу 30 километри, со висинска разлика околу 500 метри, и со оценка на стазата како „средно тешка“. Притоа, за првите двајца пријавени следеше бесплатен е-велосипед. Но, бидејќи доцнев со пријавата за 11 јуни, изнајмив една супер „дваес-деветка“ и си го направив кеифот.
Собиранката беше закажана во девет часот пред спортската сала во Пазин, зад основното училиште. Чекајќи го Санди да ми го донесе велосипедот, со кој се слушнавме претходниот ден, влетува водичот Мартин на велосипед со огромна насмевка, по што насетив дека ни претстојат возбудливи 3-4 часа. Се запознаваме и ми соопштува дека имаме уште петмина соучесници, од кои еден е негов локален пријател, Лео, а четворица доаѓаат од Загреб, два симпатични пара од метрополата или од неговата околина (регистрацијата на возилото со кое дојдоа беше оттаму). Набргу пристигна возилото на „Sandy’s bike“, од велосипедот бев супер задоволен на крајот, а се појавија и останатите учесници во рекреативната тура. Следеше мала подготовка (мачкање со крема за сонце), Мартин ни направи мал вовед што не’ очекува, и тргнавме во истражувачка авантура. Јас за оваа прилика ја облеков маичката со велосипед на градите, малку фенси-шменси, јбг 😉
Добрата вест беше таа што најголемиот напор е на почетокот, по што ќе возиме по релативно прав пат. Поминуваме со велосипедите низ Пазин, и после „каштелот“, преку мостот „Вршиќ“, следи голема угорнина. Секако, се обидов да ја искачам, но бргу рикнав поради пушачот во мене. Добро е, не бев единствениот.
Мартин се извинува сметајќи дека требало однапред да ни каже навреме да смениме во полесни брзини на велосипедот. Нема врска, малку буткаме, па продолжуваме понатаму. Најпрво наидуваме на еден регионален пат кој го пресекуваме, и пред да влеземе во заносната природа, поминуваме крај еден каменолом. Но, после него, бојата беше зелена, и само зелена, со прекрасното истарско сино небо над нас.
Попатно почнавме да влегуваме од село во село. Секое интересно на свој начин, од оние со по неколку куќи, претежно ориентирани кон земјоделие и сточарство, до супер луксузни населби низ кои ќе минеме нешто подоцна. Оваа прва делница ја искористив и за еден мал спуст по се’ уште асфалтираниот пат.
Првата интересна станица ни беше една мини фарма на која не’ пречекаа неколку магариња. На оградата имаше закачено една глава од creepy-кукла, па го зезав водичот дека тој ја ставил заради подобар впечаток 😉 Магаренцата, за среќа, беа супер расположени!
Оттука натаму влеговме во природа, и долго време возевме низ неа. Најпрво стигнавме до едно брдо на кое направивме прва мала пауза во сенката на симпатичната црква „Света Луција“. Претпоставувам дека ова е фино излетничко место кое го користат мештаните, но и дојденците, оние на поминување.
Минувајќи крај Мунци, Лео ми вели да застанам и да ја фотнам макетата на автентичната истарска куќа крај патот. Во ваков тип на куќи живееле старите Истрани, пред многу векови. Прашувам дали има зачувано, тој ми одговара „само неколку“, и ми ги набројува местата каде можат да се видат. За жал, тие не се дел од нашата денешна тура.
Следна дестинација е селото Хеки, во кое доминираат луксузните вили со базени, кои се изнајмуваат за неколку илјади евра престој во текот на летото. Покрај патот не’ поздравија велосипедите во боја и една фина скулптура од мермер.
Повторно пресекуваме еден регионален пат, и веќе во следното село не’ пречекува знакот кој ни го покажува патот кон срцето на Истра, каде не’ чека интересно изненадување. Дотаму следи вистински адреналински спуст!
Со Мартин и екипата стигнавме до срцето на Истра во буквална смисла. Таблата не’ информира дека „средиштето на истарскиот полуостров е измерено со помош на модерни технологии во 2002 година, со математичка пресметка на тежиштето на триаголникот чии врвови, трите најоддалечени точки на полуостровот, се споиле во недопрената природа крај селото Трошти недалеку од Пазин“. Означено е со мала камена пирамида сместена на поплочено постолје на чии страни се наоѓаат натписи на хрватски, англиски и на глаголица. Прашав дали ако се допре пирамидата таа енергетски ќе ве наполни, на што сите се прозезавме и ги наполнивме батериите пред да продолжиме со авантурата.
Продолжуваме понатаму, и попатно наидуваме на еден голем шатор „во сред њивче“ во кој ден пред тоа се случила голема веселба. Блазе си им. Потоа наидуваме на фарма со кози. И нив ги поздравуваме.
Следи уште еден дел со убаво уредени куќи, прекрасна природа и житни полиња. Потоа не’ пречекува фармата со „бошкарини“, автентичните истарски говеда, чие месо, велат, претставува вистински деликатес. Секако, јас не сум мрзелив како нив, и правам уште еден вистински спуст!
Овој пат излегуваме на главниот регионален пат, и Мартин навестува дека сме тука некаде, пред самиот крај. Но, пред тоа, следи и едно фино изненадување.
Пред раскрсницата, познатата слаткарница „Антица“, каде во нивниот дуќан во Пазин ги пробав најубавите колачи на светот, познатите „Цукеранчиќи“, овде имаше своја база, од чија работилница не’ почестија со тазе колачиќи надополнети со познатиот автентичен истарски пијалак „Пашарета“. Сето тоа ни беше многу вкусно и освежувачки, особено по извозени дваесет и кусур километри.
Паузата ја искористив и за тркнување до блискиот споменик, на кој им се оддава чест на 83 загинати жители на блискиот Линдар за време на НОБ. Истра е полна со историја!
Продолжуваме крај регионалниот пат кон Пазин, а Мартин ни соопштува дека имаме уште едно место за посета – Заречкиот кров. Но најпрво влегуваме во живописноиот Линдар преполн со цреши, и со убава црква на сред-село.
Следи еден неверојатен вело-спуст со завидна брзина, кој, секако, беше ризично да го снимам, и пред да се упатиме кон нашата крајна дестинација, на една решетка за одвод среде патот, чии отвори беа пошироки од што треба да бидат, двајца од сопатниците со предните тркала упаѓаат во нивната стапица и – гумите пукаат!!! Но Мартин и Лео се фиљан дечки, и набргу ја средуваат работата. Добро, малку драма не е на одмет, таман да здивнеме уште еднаш пред крајната цел.
На крајот патот не’ води на т.н „Заречки кров“, недалеку од Пазин. Сакав деновиве да го посетам доаѓајќи пеш, но сепак добро е што испадна оваа можност со велосипед. Реката Пазинчица во текот на летниот период знае да пресуши, но сепак е јуни, па овие прекрасни водопади кои ги создава на ова место им овозможува на локалците, но и на туристите, да си дојдат на плажа и прописно да уживаат во летото. Водата, соопшти градот Пазин, бактериолошки е добра за капење. Мераци!
Се враќаме во Пазин троа изморени и изгорени од сонцето, но задоволството е големо. Го враќам изнајмениот велосипед, се простуваме, а Мартин ми вели дека ќе се видиме на зип-линијата, која е под мојот прозорец во „Куќата за писатели“, бидејќи е дел од екипата која секојдневно „си игра“ со адреналинот на посетителите. Тоа ќе биде мојот следен пазински предизвик, само да потсоберам уште малку храброст додека слушам како авантуристите врескаат на различни јазици, а јас го пишувам мојот нов роман 😉
Пингување: Велосипедски круг околу Мавровско езеро - Херој на еден ден