Истарските „Фрески без граници“ во Драгуќ

Истра е вистински бисер на Јадранот. Во средишниот дел е преполна со мали места кои се предизвик за шетање и уживање во нив. Мотовун веќе е глобално познат по филмскиот фестивал, Хум фигурира како најмал град во светот, со вкупно 13 жители, за Пазин уште во 19 век пишувал Жил Верн… Сите нив ги поврзува тоа што во својот атар имаат цркви кои изобилуваат со прекрасно фрескосликарство. Благодарение на моите домаќини, имав можност да го посетам соседниот Драгуќ, каде во „Куќата на фреските“, во присуство на званици од Хрватска и Италија, се отвори изложбата насловена „Фрески без граници“, на која се информирав и уживав во претставеното и изложеното. 

И Македонија изобилува со прекрасно фрескосликарство, но ми се чини дека треба да се изработи подобра стратегија за нивно зачувување и претставување пред домашните и странските посетители. Токму тоа го прават Истраните, кои, освен „Куќата за писатели“ во која престојувам овој месец, во изминатата декада отворија уште неколку културолошки центри, меѓу кои е и галерискиот и работен простор во Драгуќ наречен „Куќа на фреските“.

Драгуќ е мало место кое има две-три улички кои изобилуваат со стари камени куќи, но и подновени вили. Интересно, селото има дури три цркви. Една ве пречекува на влезот, втората го зазема централниот дел крај селскиот плоштад, и третата, најзначајната, е на излезот, всушност, некогашен влез во селото.

Инаку, ова симпатично место е познато како „истарски Холивуд“ затоа што во минатите 40 години на оваа локација се снимени девет хрватски и странски филмови. И ден-денес знаат да се раскажат анегдоти за престојот во Драгуќ на Клинт Иствуд, Јул Бринер, Настасја Кински, Жерар Депардје… За потребите на филмот „Либертас“, Драгуќ ја „глумел“ Фиренца, веројатно тоа е главната референца која објаснува се’ 🙂

Во соработка со италијанските колеги од долна Фурланија, хрватските културни работници приредија изложба на која на едно место ги претставуваат убавините на фреските кои може да се видат во нивните села, бидејќи неретко истражувачите од двете земји биле дел од тимовите кои ја класифицирале уметноста на црквените ѕидови во годините наназад. Насловот „Фрески без граници“, секако, ја потенцира широчината која уметноста ја поседува, и со која многу генерации во минатите векови го зачувале своето достоинство и идентитет.

На Истра постојат околу 140 локалитети кои содржат фрески. Првите во црквите на полуостровот се насликани на преминот од 8 кон 9 век, додека таканареченото „Златно доба“ се одвива од 11 до 16 век. На изложбата на големи платна надополнети со соодветни информации се претставени фреските од црквите во Барбан, Драгуќ, Пазин, Опртаљ, Светивинченат, Бале, Батвачи, Берам и Вижинада.   

Од најрани времиња црквите се граделе на едноставен начин – полукружна апсида, триумфален лак, северен и јужен брод на кој може да се нацртаат најдолгите сцени, западен ѕид на кој е влезната, но и излезната врата, над која вообичаено фигурираат есхатолошките теми, односно, последните денови и воскреснувањето потоа. Истражувачите нагласуваат дека фреските имаат своја топографија, и точно се знае што и каде треба да се наслика. На ѕидовите лево вообичаено се слика животот на Исус, а десно неговите чуда. Секако, на дел од фреските се сликаат и приказните за светецот според кој црквата го носи името.

Луѓето во средниот век живееле меѓу куќата, земјата и црквата. Таа им била втор дом. Тие морале некако да преживеат, и немале многу време за читање на светото писмо. Затоа се вели дека фреските се слики за необразованите, оние кои не ја читале Библијата, за низ алегорија да им се разјасни приказната за Исус Христос. Со влегувањето в црква, човекот е повикан од смртен да стане бесмртен.

Фреската која на Истра привлекува најмногу посетители е онаа во црквата „Света Марија“ во Берам, фрескоживописана во 1474 година од Винсент од Каства. Насловена „Танцот на мртвите“ (Dance macabre, Totentanz) , таа се наоѓа на западниот ѕид. Податокот вели дека во Европа се наоѓаат 72 фрески на оваа тема, а највеќе ги има во средна Европа каде харала смртоносната чума. На неа пред поворката свири костур на гајда, на чиј ритам во смрт ги носи црквените достоинственици, кралевите, но и луѓето од пониските слоеви, меѓу кои се и крчмарот, војникот, детето, питачот и трговецот, кој неуспешно се обидува да подмити. Поради ваквиот приказ на состојбата се вели дека во теолошката мисла уметникот успеал да вметне и фолклор, како и народен театар. 

Едноставно, пораката на оваа фреска е дека човекот не знае што е животот, а камоли смртта, и пред неа сите сме еднакви, бидејќи и кралевите умираат. Животот е минлив и сите сме смртни. Прецизно исцртаните ликови, како и бојата и композицијата, го потврдуваат мајсторството на сликарот, за кој се вели дека бил под влијание на германските и холандските сликари, односно, на северната готика.

На крајот од посетата на Драгуќ, се упатуваме кон малата црква на крајот од селото, „Свети Роко“. Насликана во средниот век кога владеела смртоносната чума, уметникот, освен споменатиот светец, на централната фреска ги додал и светците Себастијан и Фабијан, па така во едно неформално свето тројство луѓето да побараат заедничка помош од нив за искоренување на смртоносната болест која однела многу луѓе.

Друга интересна фреска во оваа симпатична црквичка е онаа на која луѓето се претставени со многубројни прободни стрелички, повторно алудирајќи на невремето во кое живееле. Мајсторот Антон од Кашќерга својот потпис го остава над вратата, со годината 1529, а истражувачите велат дека бил добро запознаен со актуелното фрескосликарство во Фиренца во тие времиња, обидувајќи се да го пренесе и во истранските цркви.

Доколку ја посетите Истра, топла препорака да посетите некои од наведените места и цркви. Секако, истражете го и македонското фрескосликарство, нема да зажалите 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *