„Во 3 наутро“, изложба на фотографии на Иван Блажев

Во галеријата на Кинотеката на Македонија, на 14 декември (среда), во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии и ќе биде промовирана фотокнигата „Во 3 наутро“ од фотографот Иван Блажев. Промотори на книгата се Владимир Мартиновски и Игор Анѓелков, а изложбата ќе може да се посети до 28 декември 2016 година.

Обраќањето кон бројната публика отприлика течеше на оваа линија:

„Најпрвин, му благодарам на Иван Блажев за поканата да бидам еден од промоторите на вечерашнава изложба, и секако, благодарност и за Вашето присуство вечерва, во едно мачно, постизборно Скопје.

Кога го прашав Иван: Зошто јас како промотор на неговата нова изложба?, тој ми спомена дека му дошле два аспекта на ум – издавачкиот и филмскиот, но јас би го додал и третиот аспект – неверојатното слично, да не речам исто размислување во однос на неговата работа сиве овие години наназад.

Со Иван се знаеме одамна, ако добро паметам, од 2000 година, кога во рамките на проектот Се разбудив во движење тој ми пристапи и ми го даде неговиот тогаш актуелен краток филм да го емитуваме на отворено, на тогаш отворениот плоштад Македонија, со платно растегнато онаму каде денес се наоѓа споменикот на Гемиџиите. Токму оваа симболика на Скопје некогаш и сега ќе ја видите и на неговите нови фотографии, во кои гледаме скриени места од градот покрај кои можеби секојдневно поминуваме, но не ги забележуваме, како сведок на едно дамнешно Скопје, испреплетено со новите моменти кои, според многумина, го отуѓија градот од нас. Ваквата поетика е својствена за Иван, да се потсетиме на неговите претходни проекти во кои го портретира токму градот, како низ неговите сенки и проблесоци, така и низ лицата кои се обидуваат истиот да го направат поубав и позабележителен.

Тоа е таа поетика и ме привлекува кај Иван, да се биде со фотографскиот апарат тука, меѓу луѓето, присутен, а незабележителен, сето тоа резултирајќи на крај со прекрасен серијал во црно-бели нијанси, со по некоја сивкаста боја, чисто за да се разбие монотонијата. Со тоа мислам дека во целост го задоволуваме веќе споменатиот, филмски аспект на неговата работа, низ фотографии кои се нижат како на филмска лента, кадри кои создаваат приказни кои можете да ги толкувате отворено, како сакате, и, интересно, доколку истите се наредат и потоа се погледнат по некаков поинаков редослед, ќе добиете нов поглед, нова урбана градска приказна, како нова естетска придобивка.

Од друга страна, пак, педантниот Иван ништо не му препушта на случајот, и нема да дозволи сето ова што тој како уметност го работи лесно да го заборавите. Тој има прекрасна практика неговата работа да ја документира во фантастични изданија како ова овде, со секогаш модерен и впечатлив дизајн, книшки кои ќе станат дел од вашата домашна библиотека и на кои со драго срце ќе им се навраќате. Во мојата книжарница ИЛИ-ИЛИ честопати знаат да ми побараат книги со фотографии, и јас, немајќи што друго да им понудам во изминатите години, секако, им ги нудам книгите со фотки на Иван, кои секогаш наидувале на добри реакции кај читателите. Затоа сметам дека Цело е кога има се, односно, ова вечерашно претставување на Иван не би било комплетно, доколку го немаше овој црно-бел тестамент што го имаме во рацете.

На Иван уште еднаш му честитам за вечерашниот настан и му посакувам понатамошни професионални височини, а сега микрофонот му го препуштам на Владимир Мартиновски, кој подлабоко ќе навлезе во естетиката на фотографското.

Ви благодарам на вниманието.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *