Пред неполни две години, струмичкиот сликар Никола Пијанманов во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ја претстави својата уметничка визија за светот преку серијата слики насловена „Времиња“. Во очекување на неговата нова поставка во текот на 2020 година (бидејќи време е за тоа!), се потсетуваме на оваа прекрасна изложба, која посетителите можеа да ја видат од 13 до 28 април 2018 година.
Одамна со такво љубопитство и задоволство немав посетено некоја изложба во Скопје. По Ване Костуранов, со сосема различен сензибилитет го имаме и Никола Пијанманов од потентната струмичка ликовна сцена. Се запознав и со уметникот (иако можеби се знаеме и од претходно) и не се почувствува потреба дека треба да ми укаже како да ги доживеам неговите слики, или што сакал концептуално да постигне со изложбата. Доживувањето го носи секој во себе по посетата.
Во едно од интервјуата по повод изложбата, Пијанманов потенцираше: „Тоа е една бројгеловска визија со следењето на годишните етапи во пејзажот или, поточно, поетика блиска на тишината во сликите на Каспар Давид Фридрих, каде што осаменоста е осмислена еднаш засекогаш преку присуството на чудесните шуми, езера, облаци и полиња. Дрвото е центар во овој интимен свет на пејзажот и преку него се откриваат промените што следуваат во есента, зимата или пролетта“.
Кај човечките фигури, пак, и портретите, времињата не можат да ги променат судбините на ликовите и нивните трагедии и слабости се повторуваат бесконечно. Во некои од пејзажите, тивко и речиси незабележливо се случуваат големите човечки драми, Христовите страдања. Но фигурите тука се впиени во пејзажот, речиси стопени во тешките модри облаци, кои ги растопуваат формите“.
Во каталогот, сликарот нагласува дека изложбата му ја посветува на неговиот професор Владимир Георгиевски (1942-2017), чиј текст од 2012 година за неговата работа го смета за пророчки, и токму затоа решил да и’ го „подари“ на публиката: „Низ линијата и површината, низ таинствените капки на бојата, капнати од четката, низ светлината и темнината, сликарството што имав можност да го видам, го доживувам како громогласна тишина. Јасна е определбата на сликарот – пред недофатливата убавина на природата со вознес да затрепери структурата на внатрешната визија и во неа трагичната, отсутна присутност на човекот!
Никола Пијанманов слика според ударите на срцетo: бојата е севкупно значење на љубовта, кон бескрајното и бестелесното, кон небесното е насочена неговата дарба (а тоа е толкава реткост денес, кога на власт е уметноста „на стомакот и на црвите“). Никола Пијанманов го слика и го црта симболот што ги обединува сите тајни во една: сечовечката радост пред внатрешната слика на убавината!“
Никола Пијанманов (1981) е роден и живее во Струмица. Своето ликовно образование го почнал во Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“, а го заокружил на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Првата изложба насловена „Илуминации“ ја работел инспириран од поезијата на Михаил Ренџов во 2007 година во НУБ „Св. Климент Охридски“, со „Крст од Топола“ во 2008 година се претставил во МКЦ, а со „Мирисот на времето“ следната година во галеријата „Мала станица“. Истата година своите слики ги претставил и на ликовната публика во родниот град, а во Музејот на град Скопје во 2012 со „Исчезливо“. Следуваат изложбите „Ризата на Саломе“ во Ликовниот салон на Народен музеј Велес, „Илуминирани книги“ во Галерија на музеј – Струмица и „Остатоци“ во НУЦК „Антон Панов“.
Учесник е на повеќе групни поставки и колонии во земјава и во странство, а неговиот творечки печат може да се сретне и во сликарските проекти во претставите „Досие Стринберг“ на Владо Цветановски (НУЦК „Антон Панов“, 2010, Струмица) и „Бесови“ на Златко Славенски (МНТ Скопје, 2011), а потписник е и на сценографијата за „Второ пришествие“ на режисерот Васил Михаил. Тој е автор и на јавните дела: „Секира“ (слика која се наоѓа во фоајето на МОБ), „Дрво на животот“ (скулптура од железо поставена во градскиот парк во Струмица), „Бршлен“ (слика посветена на жртвите од карцином) и „Старецот и морето“ (монументално дело поставено на фасадата на библиотеката во Струмица).