Покрај острата конкуренција во последниве години од страна на далеку помладите холивудски студија за анимирани филмови, сепак, „Волт Дизни“ и понатаму останува на врвот на овој филмски жанр пред се’ поради неговата богата историја. Токму настаните од минатото, поточно, од 40-те години на минатиот век, се тема во новиот документарен филм насловен „Волт и Ел Групо“, кој авторот Теодор Томас го посветува на најмоќната индустрија на забава во светот и на нејзините активности, кои неретко имале и затскриени цели.
Синот на еден од неколкуте аниматори во студијата на Волт Дизни реши да ги истражи активностите на големата филмска компанија во предвечерјето на влезот на САД во Втората светска војна, кога официјалните американски власти му се јавиле на Дизни и побарале несебична соработка од него, која, секако, овој добро ја наплатил. Имено, за дополнително мотивирање на младината да и’ се приклучи на војската војската на САД, но и за придобивање на лидерите и на луѓето од другите држави на своја страна, било побарано од медискиот могул да реализира неколку анимирани остварувања во кои суптилно ќе ја провлече бараната стратегија. За таа цел, Волт Дизни заедно со својата екипа организирал и пат во неколку земји во Јужна Америка, каде сценаристите, режисерите и аниматорите добро се забавувале и го собрале потребното искуство за реализација на нарачаните проекти, истовремено влијаејќи врз народот во тие држави да ја заземат вистинската страна во војната. Како резултат се појавиле „Saludos amigos“ (1942) и „The three caballeros“ (1944), кои, нормално, се закитиле и со Оскари.
Документарецот што Томас го реализираше заедно со сопругата Кунико Окубо е, всушност, паралелно прикажување на патувањето во Латинска Америка на екипата на Дизни преку оригиналните 16мм снимки кои тие ги снимиле, а кои досега никогаш не биле прикажани во јавноста, со оние кои ги направи екипата на овој, актуелен филм, патувајќи низ истите места како и нивните претходници пред повеќе од половина век. Кога на сето тоа ќе се додадат и сеќавањата на преживеаните протагонисти, како и писмата кои тие им ги праќале на своите семејства во тој период, добивате производ кој истовремено ве забавува, но и ве тера да читате меѓу редови. Авторот на филмот во едно интервју тоа прецизно го објаснува: „Кога ќе ги погледнете филмовите снимени за време на Втората светска војна, сите содржат референци поврзани со Нацистите и Јапонците. Но Дизни успеа од пропагандата да направи ентертејнмент, и тука лежи неговиот успех“. Или, што би рекол еден наш политичар: „Едноставно, нели-и-и!“ 😉
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 23 февруари 2010 година.