Задруга

(документаристичка приказна)

На покана на мојот драг пријател Владимир Јанковски, и на обострано големо задоволство, и оваа приказна стана дел од збриката раскази која навлегува во темата за ‘Другиот’, нешто што интелектално ме провоцира со години наназад, иако по прифаќањето за создавање на истата и’ претстоеше обмислување, пишување, оживување… За нејзиното присуство на овие страници пред се’ е заслужен Благоја Иванов, кому и му го посветувам овој мој краток ракопис, пишуван по  неколкугодишна апстиненција, чувствувајќи дека ова враќање на страниците од бела хартија кои треба да бидат испишани со безброј зборови и значења, е добар мотив конечно да седнам и да го напишам мојот следен роман, кој долго го пишувам во главата, но никако да го оформам во конкретен текст.

Со значајното перо од постарата генерација македонски писатели имаме прекрасни спонтани средби во книжарницата ИЛИ-ИЛИ, каде, штом времето затопли, знам дека најверојатно дента ќе намине и мојот почитуван пријател чии приказни од минатото со драго срце можам да ги слушам со часови. Неговите години, на кои се’ уште одлично се држи, му дозволуваат неколкучасовна квалитетна прошетка низ центарот на градот, а книжарницата и кафе-муабетот се негова (и моја) задолжителна пракса. Откако ќе ги прокоментираме домашните актуелности, во манир на искусен и мудар раскажувач, професорот секогаш има неколку приказни кои ми ги раскажува во многу детали, небаре и самиот да сум бил дел од истите. И како што обично и се случува, набргу по понудата за пишување на расказ на веќе споменатата тема, се сретнавме со Иванов, и една од неговите приказни ‘плачеше’ да биде пренесена на овие страни. Чувството кое го добив по нејзиното слушање не му го пренесов веднаш, туку на нашата следна седенка кога му ја објаснив идејата, и тој сесрдно се сложи да се обидам да напишам текст од моја гледна точка на нештата, а потоа тој да биде првиот читател на крајниот продукт. Си подадовме рака.

Долго време се думав на кој начин да ја обликувам слушнатата приказна, која ми беше блиска и позната поради некои дамнешни приказни на слична тема, кои во разни прилики ми ги раскажувал дедо ми Игнет. Поминаа неколку месеци, рокот за доставување на расказот веќе беше далеку зад мене, а јас се’ уште не ја најдов крајната форма која ќе ми ги задоволи естетските потреби, а потоа и оние на г-нот Иванов, кој зад себе има еден куп напишани приказни сместени во неколку прекрасни збирки со раскази, со сета тежина која истите ја носат со себе. Признавам, стравот од предизвикот што самиот си го наметнав одигра значајна улога, но знаев дека нема да потклекнам и дека дадениот збор морам да го одржам. Во меѓувреме професорот неколкупати наминал во книжарница, но за среќа, не сум бил на смена, бидејќи не би можел да му погледнам во очи. Но, конечно, тука сме, и можеме да стартуваме со една од приказните која ме интригираше од неколку аспекти, и токму затоа решив да ја споделам со вас.

                                                                      ***

Во годините по Втората светска војна скопските момци и девојки се обидуваат да се пронајдат себеси во времиња кога на разрушувачкиот крај му се гледало директно в очи, а новиот почеток отворал безброј можности за делување и себеочовечување. Скопските гимназии се дел од тој сенароден проект, во кој се оформувале идните генерации носители на општествените случувања на свои плеќи. Покрај невиноста на игранките, бакнежите, корзото, одвреме-навреме се појавувала неминовноста да се биде дел од една поголема замисла, која во случајов го носи името “задруга”.  Подоцна оспоруваната колективна свест тогаш служела за доброто на народот, во обид за рационализација на постоечките добра, со цел поефикасно делување на полето на земјоделството и зголемување на производството, и следствено на тоа, повеќе храна и помалку гладни стомаци.

Група момци и девојки со примерно поведение добива задача програмата да ја презентира во едно село близу скопско. Во благ творечки занес, како што и доликува на гимназиските години, тие решаваат претставувањето на идејата за стопанска задруга да не биде сувопарно, туку низ претстава која би содржела неколку изведувачки точки на кои ќе се читаат проза и поезија, а ќе се одигра и еден краток драмски текст.

Авантурата започнува со заминувањето во селото со автобусот чија крајна станица е на работ од градот, а понатамошното патешествие се одвива по каллив пат на кој нашите драги протагонисти силно ги бие сонцето на слободата, кое неодамна ги тргнало прангите од себе. Токму затоа и еланот кај неколкумината тргнати на овој пат со отворени можности е на прилично високо ниво. Но, откако по одредено време на повидок не се јавува никаков облик на живот, грижата се вовлекува под кожа, се’ додека попат не се појавува овчарот со своето стадо. Користејќи ја можноста малку да здивне и да си поприкаже со своите помлади сограѓани, тој седнува на блискиот камен, си витка цигара со евтин качак, и низ првиот чад со остар мирис прашува каде тргнале и со која мисла. Откако низ жолтите заби тој им ја дава последната насмевка и со раката им покажува во кој правец да продолжат, по којзнае кој пат велејќи им дека не се далеку (дестина минути, кои всушност ќе станат уште еден дополнителен час одење пеш), групата конечно стигнува средсело, каде веќе ги чекаат старите Албанци чучнати под стреата, и каде за многу кратко време се собираат повеќето од луѓето кои живеат во оваа мала Недојдија, бидејќи гласот за новодојденци во вакви мали места се шири со брзина на ветрот.

Мојата проекција за тоа што се случувало во главите како на посетителите, така и на драгите домаќини, е бесконечна. Ситуацијата во која се нашле и изведувачите и публиката, и за обете вклучени страни е сосема нова и крајно збунувачка. Младите гимназијалци низ ангажирано дејствие се обидуваат да ја протнат идејата за еден чин на идна колективизација на земјиштето, кое на земјоделците од овој крај со години им претставува примарен извор на семејна егзистенција. На моменти збунетите погледи, чадот од цигарите со лут тутун кој на моменти претставува сценски ефект на импровизираната сцена средсело за време на читањето поезија, и сето останато можно значење на активностите кои се одвиваат како на филсмка лента, се варијации со безброј можности, кои безгранично ја скокоткаат човековата фантазија. И покрај двојбата на мештаните околу прашањето на ‘задругарството’, сепак, крајното чувство на задоволство кај присутните е и повеќе од забележливо, бидејќи тие знаат правилно да го ценат напорот на младите луѓе од градот тука, во нивното поле на делување, да им одиграат приредба во која тие несомнено уживаат, што се препознава и по благата насмевка на лицата по завршувањето на истата.

– И така, драг мој Игоре, во ова место крај Скопје, никогаш не се оформи задруга – завршува професорот и отпива голтка кафе. – Зошто, и ден-денес не знам ни самиот – поентира тој низ блага насмевка.

Јас, пак, му се придружувам со широка и гласна насмевка.

                                                                   ***

На крајот од овој ракопис, останува мислата колку тој претставува расказ следејќи ги закономерностите на жанрот? Дали можеби истиот требаше да го напишам на поинаков начин, во духот на естетиката на кратката форма, или пак токму оваа документаристичка нота која му ја наметнав е онаа нијанса која и му дава одредена тежина и значење? Одговорот му го оставив на професорот Иванов, со кој едвај чекам да се сретнам, секако, не кажувајќи Ви го неговиот впечаток. Сепак, крајниот суд ви го оставам Вам, драги читатели, со надеж дека токму темата за нашиот однос кон ‘Другиот’ во оваа повеќеслојна приказна е опфатена на неколку нивоа, кои можеби веднаш, а можеби и подоцна, ќе се отплеткаат во Вашиот ум.

Ви благодарам на вниманието.     

@Расказот е дел од збирката „Тивка анестезија“ (Антолог, 2016) на приредувачот Владимир Јанковски, во која се поместени 14 приказни специјално напишани за ова издание.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *