Славните париски гробишта „Пер Лашез“

Кога си во Париз, една од неодминливите туристички атракции се славните гробишта „Пер Лашез“. Иако, според многумина, посетата на домот на мртвите спаѓа во т.н. „бизарен туризам“, бидејќи оние со послаб стомак не можат туку-така да се шетаат меѓу надгробните плочи, сепак на ова парче земја кое се простира на 44 хектари во 20-от париски арондисман се погребани славни имиња од француската и светската историја и токму затоа е вредно за посета, а тоа во просек го прават три ипол милиони туристи годишно, со што претставува најпосетувана некропола во светот.

До влезот на гробиштата отворени во 1804 година се стигнува многу лесно, со две метро линии. Ние ја избравме Линијата 3, која застанува на 500 метри од официјалниот влез (има и неколку споредни), и после неколкуминутна пријатна прошетка по тротоарот, стигнавме до влезната капија. Таму се снабдивме со мапата на која се обележани гробните места на знаменитите личности, направивме избор што би сакале да видиме, и тргнавме во авантура.

Гробиштата „Пер Лашез“ се совршено организирани. Тие се како мини град, со сопствени улици и авении, со прецизно обележани територии низ кои со леснотија се движите, сето тоа зачинето со прекрасни стари дрвја и зеленило кои го облагородуваат просторот. А  покрај нас постојано пролетуваа и вработените со разни мини возила, кои секојдневно ажурно ја одржуваат инфраструктурата на гробиштата.

Уште на почетокот решивме нашата почетна станица да биде гробот на славниот француски филмаџија Жорж Мелиес, а крајна, онаа најславна точка во овој простор, гробот на фронтменот на The Doors, Џим Морисон. За релативно кратко време дојдовме до вечното почивалиште на човекот кој го сними првиот научно-фантастичен филм во филмската историја, „Пат до месечината“ (1903). Иако се смета за еден од генијалните филмски умови, сепак неговата животна приказна нема баш среќен крај, бидејќи умира во сиромаштија и заборавен од сите. Малку потаму, пак, за љубителите на теориите на заговор, се семјните гробници на лозата Ротшилдови, кои со задоволство ги одминавме.

Вечните почивалишта на неколку славни жени од уметноста, иако се наоѓаат на сосема различни страни, беше возбудливо да се посетат. Неодминливо беше да се намине до гробот на славната француска шансониерка и актерка Едит Пјаф, чиј живот беше екранизиран во 2007 година со наслов „Живот во розево“. Во „Пер Лашез“ е и вечниот дом на главната оперска дива на минатиот век, американско-грчкиот сопран Марија Калас. И секако, на овие гробишта почива и славната балерина Исадора Данкан, некогашната сопруга на рускиот поет Сергеј Есенин, кој по разводот со неа се враќа во Москва и две години потоа се самоубива. Интересно, велат дека пред нејзиниот гроб посетителите постојано оставаат балетанки, како симболичен гест кон славната балерина од светски калибар.

Недалеку еден од друг почиваат и славните француски поети Гијом Аполинер и Пол Елијар. И ако Аполинер експериментирал во рамките на кубизмот и надреализмот, но неговиот животен век, за жал, бил краток, на сето тоа одлично се надоврзал Пол Елијар, кој станува еден од предводниците на поетскиот надреализам. Сепак, доколку судиме не според значењето, туку според убавината на надгробниот споменик, едно од најубавите  парчиња, но и едно од најпосетените е она на Оскар Вајлд, поради неговата монументна убавина, претставена преку човекот со крилја. Споменикот е опколен со стакло на кое има илјадници пораки, а најчести се кармин-бакнежите како симболични графити.

  

Прозаистите кои својот вечен дом го нашле токму во овој простор се славниот драматург, писател и поет од 17 век, Молиер, а веднаш до него почива и современикот баснописец Лафонтен. Нивниот сограѓанин од 19 век, Оноре де Балзак, авторот на „Чичко Горио“, како и едно од легендарните имиња на 20 век, авторот на „Во потрага по загубеното време“, Марсел Пруст, се разделени само неколку споредни улички еден од друг.

Во просторот на „Пер Лашез“ можете да ги посетите и почивалиштата на неколку славни сликари. Амедео Модилјани, еден од најголемите женкари во првата половина на 20 век, кога Париз бил центарот на светот токму поради сликарството, е погребан на прилично скромно место. Предводникот на Дадаизмот во втората половина на минатиот век, нативниот Германец со американски и француски пасоши, Макс Ернст, пак, е дел од една заедничка гробница, додека највпечатлив е црниот одар на Ежен Делакроа, визуелниот креатор на француската револуција преку неговата надалеку позната слика „Слободата го предводи народот“ (1830), која е изложена во Лувр.

 

И на крајот, кратка визита на вечниот дом на музичките генијалци. Сосема случајно, попат, наидуваме на прекрасниот надгробен споменик на славниот полски композитор Фредерик Шопен, чија смрт се случува токму во Париз.

И, секако, она што секој посетител на париските гробишта потоа го раскажува со особен пиетет, посетата на гробот на Џим Морисон, веројатно најокупираниот простор од младите во „Пер Лашез“ од неговата смрт во 1971 година па наваму. Во моментот на нашата посета неговата надгробна биста ја немаше и веројатно беше украдена, што често се случува, или пак, да не грешам душа, можеби беше на реставрација. Не беше дозволено да се пријде до гробното место и просторот беше ограден од разбирливи причини, но посетителите ја прескокнуваа оградата и си правеа неизбежни селфија. Инаку, освен вообичаените цвеќиња, на гробот на Морисон во моментот имаше оставено и една симпатична маица со неговиот лик, која можеби уште утредента ќе ја снема, и во тоа всушност и лежи возбудливоста, затоа што гробот на фронтменот на The Doors е како постојана уметничка инсталација која од ден на ден го менува својот облик, во зависност од луцидноста на неговите обожаватели.

Ние, во негова чест, испушивме пар цигари и гласно испеавме неколку омилени песни.

@Paris, 2012

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *