Животот (не) е топка

ФУДБАЛ НА ГОЛЕМОТО ПЛАТНО

Отсекогаш Светското првенство во фудбал било и ќе биде настан број еден во тековната година. Неговата планетарна популарност оваа година умешно ја искористија и филмаџиите за да ги „протнат“ своите приказни до колку што е можно поширок круг на публика. И ако за филмот „Обединети страсти“ може да се посомневаме дека е „нарачан“ проект, тогаш документарецот „Ова не е топка“ ни ги проширува видиците во однос на „најважната споредна работа на светот“ За време на јубилејното, 20. Светско фудбалско првенство во Бразил (од 12 јуни до 13 јули) се случија премиерите на два филма поврзани токму со најгледаниот планетарен спорт. По долги години планирање, конечно оваа година премиера доживеа целовечерното остварување насловено „Обединета страст“ во режија на Французинот Фредерик Обертен, кој заедно со Жан-Пол Делфино е потписник и на сценариото. Филмот што
требаше да се појави за време на претходното Светско првенство во фудбал во Јужноафриканската Република во 2010 година, поради финансиски причини, ја виде
светлината на денот четири години подоцна, но се чини дека бразилската приказна што деновиве нè заплиснува од екраните е многу посоодветна во однос на неговата можна поголема гледаност и привлекување на внимание кај гледачите ширум светот.

А приказната е едноставна, секако на моменти дотерана и нашминкана, но тоа е разбирливо, нели. Таа ни раскажува за фудбалот што од игра во парковите, каде што момчињата ја споделувале својата страст и преку неа стекнувале зрелост, со визијата на
неколку луѓе прераснува во планетарна забава и бизнис без кој светот денес едноставно не може да функционира нормално. И сето тоа благодарение на вистински чесните и етички настроени индивидуи, кои пред себе си поставиле сон и на крајот го достигнале и го реализирале, оформувајќи ја Светската фудбалска федерација – ФИФА, што денес е една од најмоќните организации во светот. Трите маркантни фигури кои се виновни за
организација на светското првенство во фудбал и кои се централни ликови во филмот на Обертен, се Жил Риме, Жоао Авеланж и Сеп Блатер, актуелниот претседател на светската фудбалска организација. За комплетна реализација на замислената приказна, режисерот Обертен им дал целосна доверба на докажаните актери Тим Рот, Сем Нил, Томас Кречман и Жерар Депардје, кои во текот на целиот филм се на висина на задачата. 

Иако актуелното прашање поврзано со овој филм е дали и ФИФА, која во последниве години ја тресат скандали за корупција и местенки, има замешано прсти во туркањето на реализацијата на овој проект, одговорот на него засега сè уште е добро чувана тајна, но доколку филмот ги задоволи вашите филмофилски вкусови, тогаш тој воопшто и не е важен. Важно е дека фудбалот и по овој филм ќе биде ултрапопуларен и на контото на светските моќници влезени во оваа игра и понатаму ќе се вртат огромни суми пари, од кои застанува здивот.

Од сосема поинаков аспект на приказната за фудбалот, пак, пристапува авторот Вик Муниз, кој во својот документарец „Ова не е топка“ ни подарува различни сознанија што се движат во зоната на социјалната ангажираност, политичкиот коментар, економијата… По номинираниот за „Оскар“ документарен филм „Депонија“ (2010), во кој Муниз ни ги доближува рисајкл-уметниците кои, создавајќи уметност од ѓубрето, ни покажуваат како да се рециклираме себеси, со тоа станувајќи подобри личности, овој пат авторот го користи светското лудило по „бубамарата“ во родниот Бразил и се обидува да проникне што е тоа што неговата нација ја прави колективно опсесивна по една топка што се тркала на тревникот, или автентично, по песочните плажи на Копакабана, каде што своите први чекори ги прават подоцна најдобрите светски фудбалери.

Сниман во девет земји во текот на девет месеци, „Ова не е топка“ е медитација врз креативниот процес и интелектуална потрага по историјата на една топка и нејзината улога што ја одиграла во општествата низ светот. Уште една паралелна идеја во проектот е да се стават десет илјади топки на теренот на легендарниот стадион „Астека“ во Мексико
Сити, што фотографирани од воздухот ќе создадат една препознатлива слика. Но, дилемата на авторот е што да претставува таа слика? И тука тргнува потрагата, за чијашто цел Муниз интервјуира разни профили на луѓе, стигнувајќи и до научниците на познатите Харвардов универзитет и Хајденовиот планетариум во Њујорк, каде што заеднички се обидуваат да дојдат до решение на мистеријата околу магијата на топката како форма на
обожавање. 
За комплетирање на слоевитоста на оваа интересна приказна, да споменеме дека филмот исто така го истражува и спортот како можност за социјални промени, истакнувајќи ја улогата на навивачките групи во организирањето на египетската револуција пред неколку години, како и масовните протести што се случуваат токму во Бразил пред, за време и кои веројатно ќе продолжат и по првенството во оваа јужноамериканска земја. И за иронијата да биде уште поголема, ваква интересна и комплексна приказна за топката (и фудбалот воопшто) ни ја раскажува уметник кој со спортот воопшто нема допирни точки („Јас сум катастрофален спортист, можеби затоа и станав уметник“, изјавува Муниз), но можеби токму поради таа потребна дистанца, од филмот „Ова не е топка“ прави прекрасен тестамент што никого не остава рамнодушен. Проверете зошто. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *